Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро реагираше на изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, кој го нарече премиерот Христијан Мицкоски „северномакедонски премиер“. Филипче ја оцени изјавата како навредлива и недолична, нагласувајќи дека такви ставови не придонесуваат за добрососедски односи.
-Ја осудувам изјавата, затоа што сметам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Не може ниту еден политичар од Бугарија да ги навредува нашите институции. И тоа воопшто не е во духот на добрососедските односи – изјави Филипче.
Тој потсети дека вакви провокации не се новост и дека македонската дипломатија има долгогодишно искуство во справување со слични ситуации. Според него, одговорот не треба да биде со конфронтации, туку со трпелива и решителна дипломатска борба.
-Тоа не бара ниту нервоза, не бара ниту патетика, не бара ниту патетични прес-конференции. Тоа бара сериозна борба. Тоа бара убедување и борба – порача Филипче, додавајќи дека договорите со соседите треба да се користат како основа за градење на стабилни односи, а не да се доведуваат во прашање.