Фото: Jjensen

ИЛЈАДА И СЕДУМСТОТИНИ ГОДИНИ ОД ПРВИОТ ВСЕЛЕНСКИ СОБОР

  • Соборот на архијереите бил свикан главно за да се соочи и да го осуди еретичкото учење што го проповедал свештеникот Ариј дека Синот Божји е создание. Тоа учење предизвикало бранување и немир насекаде во Црквата. Пренесуваме делови од беседа на неговото преосвештенство епископ дремвитски г. Давид (Нинов) од 18 мај годинава

Во годинава што изминува се навршуваат 1.700 години од Првиот вселенски собор на архијереите од тогашниот православен свет, кој бил свикан главно за да се соочи и да го осуди еретичкото учење што го проповедал свештеникот Ариј дека Синот Божји е создание. Тоа учење предизвикало бранување и немир насекаде во Црквата. Соборот, на кој, според општо прифатеното конечно становиште на Св. Атанасиј Велики, се смета дека учествувале 318 епископи, го свикал св. цар Константин Велики во Никеја, околу 140 километри од Константинопол, во 325 година.
Примерот на апостолите, со нивниот собор одржан во Ерусалим во 51 година, станал и останал практика во Црквата. Затоа, секое проучување на Црквата не може без проучување на соборите. Во првите три века, соборите биле повремени. Во предникејското време средбите и советувањата на епископите, кои ги претставувале тогашните помесни цркви, биле вистински начин на кој се пројавувало единството во Црквата. За Црквата, а со тоа и за соборите, дошло подобро време со покрстувањето на царевите и империјата. Од Константин Велики, а особено од царот Теодосиј I Велики, било општо прифатено дека Црквата е заедно и сопостои со империјата. На Соборот во Никеја, со кој раководел царот Константин, била осудена Ариевата ерес. Никејскиот собор станал образец за подоцнежните собори во Црквата.
Ариј претходно двапати бил одлачен (отстранет) од Црквата. Најпрво бил одлачен поради учество во групи со расколнички тенденции, од страна на архиепископот Петар Александриски, чиј наследник, архиепископот Ахилиј, повторно го примил назад во црквата. Ариј почнал да ја проповеда својата ерес во 318 година, по што, гледајќи дека злото се шири, тогашниот негов архиепископ, Александар Александриски, свикал подрачен собор во 320 година, на кој Ариј бил повторно одлачен од Црквата. Набрзо, Ариј нашол прибежиште во Палестина и во Никомидија, каде што архиепископот Евсевиј, кој бил почитувач на Ариевиот учител Лукијан, одново го примил за свештеник. Ариј го ширел своето еретичко учење за Синот Божји, а немирите и раздорите во Црквата многу нараснале и биле исмевани во незнабожечките театри.
Еден од најстарите и најуважени епископи, Осиј Кордопски, ги испитал сите случувања и му ги изложи на царот Константин Велики, кој го свика соборот, со кој претседавале царот и овој епископ.

Црковната и теолошката борба против Ариевото злословие и кривоверие довела до свикување на Соборот на кој била изразена и соборната вера за втората Ипостас на Света Троица во познатиот Никејски Символ на верата. На страна на отците на Црквата, се нашле, помеѓу другите, и архиепископот Александар Александриски со неговиот ѓакон, подоцнежниот патријарх александриски Атанасиј Велики и многу други. На страната, пак, на Ариј се наоѓале многу малку епископи (веројатно вкупно 17).
Во продолжение следуваат делови од прекрасното предавање, на 18 мај, во манастирот „Успение Богородично“, во селото Маркова Сушица во Скопје, на неговото преосвештенство епископ дремвитски г. Давид (Нинов): „1.700 години (325-2025) од Првиот вселенски собор (краток историски и теолошки аспект“.
– Првпат, претставници на поединечни христијански провинции ја имале таа радост да се видат меѓусебно. Изгледало како да се случува Педесетница, како во времето на Апостолите. Постоеле високообразувани свети отци како на пример Александар Александриски, но и такви со апостолска едноставност како Спиридон Тримитунски, кој, дури и кога станал епископ, не престанал да го носи на паша своето стадо. При таква разноликост на духовни дарови и научна подготвеност на отците, многу тешка била догматската задача на Соборот. Главна цел била осудата на аријанизмот, а цел била и точно изложување на православното догматско учење за Господ Исус Христос, бидејќи неговото божество било одрекувано од свештеникот Ариј, ученик на Лукијан.
– Од Првиот вселенски собор не се зачувани документи во смисла на зборник, така што од него се останати Символот на верата, заклучоци во облик на 20 канонски правила и нецелосно списоци на присутните отци. Во Символот на верата се прави јасно разликување помеѓу термините раѓање и создавање. При составувањето на никејскиот дел од Символот на верата, царот Константин, за да се одреди односот на Синот кон Бога Оца, предложил да се внесе терминот „единосуштен“, кој го уништувал аријанското еретичко учење. Соборот го регулирал празнувањето на Пасхата. Споменот на соборот, црквата го одбележува во седмата недела по Пасха – рече епископот г. Давид (Нинов).

Икона на која е прикажан првиот вселенски собор

– Ариј учел дека постоел временски период пред Бог Отец да го роди Синот, а во тој временски период Синот не постоел. Според Ариј, христијаните се принудени да му служат на Логосот, не како на Создател туку, како на едно од созданијата. Во обликувањето на догмата од Никеја голем придонес даде Св. Атанасиј Велики, според кого, со учењето на Ариј, стануваат невозможни спасението и обожението на човекот. Спасението, според Св. Атанасиј Велики, се состои во онтолошкото возобновување на човекот преку учеството во божествениот живот во Христа. Само несоздадениот Бог може да го спаси создадениот човек. Раѓањето на Синот не го поврзува со создавањето на светот. Синот само како несоздаден може да има совршено познание на Отецот. Атанасиј Велики јасно го нагласува единството на Богочовекот Христос и немешањето на неговите две природи, велејќи: „Логосот стана човек за ние да можеме да станеме богови по благодат“. Според него, кога Исус Христос се роди од Пресветата Богородица, Логосот не се соедини само со еден човек туку со сета човечка природа. Неговото тело е корен на нашето воскресение и спасение. Догматската победа над аријанците, која е остварена на Никејскиот собор, ја антиципираше историската победа на православието. Вредноста на никејската вера станува неотуѓив дел од теолошката свест на православните, која ги чисти сите талози аналогни со аријанството – рече епископот дремвитски г. Давид во извонредната беседа.


На Соборот била додадена и анатема што не ја потпишале четири епископи

Покрај никејскиот дел од Символот на верата, за да се отклонат можности Символот на верата да биде поинаку толкуван, била додадена и следнава анатема: „Оние што говорат дека било време кога не бил Синот, дека Он не постоел до раѓањето и дека настанал од небитие или тврдат дека Синот Божји има битие од друго битие или суштина, или дека Он е створен или променлив, Соборната црква ги предава на анатема“. Четири епископи не го потпишале Символот на верата, а подоцна се покажало дека некои потпишале само со рака, а не со душа, само за да избегнат протерување од нивните катедри, иако во себе останале аријанци, опиша, во освртот, епископот дремвитски г. Давид.

Живко Здравкоски