Фото: Маја Јаневска-Илиева

Досега неколкупати се потврди дека од бугарска страна не постои добра волја за унапредување на односите помеѓу двете држави, а заемното почитување е сведено на – еднострано. Повеќето од бугарските членови во историската комисија се професионални дипломати, кои имаат ненаучна и тврда политичка агенда. Ова е повеќе од очигледно и од нивните изјави во бугарските медиуми

Француско-германскиот пример за мешаната македонско-бугарска историска комисија

Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу две држави, како и формирањето комисија за историски прашања не се новина во меѓународните односи. Тоа се меѓународни легитимни алатки врз основа на чија работа, државите и владите што имаат некакви недоразбирања се обидуваат да ги отклонат или решат, почитувајќи ги принципите на меѓународното право, но и универзалните вредносни принципи, како што се вистината, фактите, со изразена добра волја.
Таков е и случајот со Република Македонија и Република Бугарија, со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а во тој контекст и со македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања. Меѓународната заедница, тргнувајќи од своите искуства низ историјата, иницираше агенда што ја прифатија обете страни, што требаше да биде во духот на договор за заемно уважување, соработка, раст и развој. Очигледно е досега дека македонската страна (и не само во случајот со Бугарија) попуштала и се повлекувала – прекумерно и асиметрично, што, според наши соговорници (психолози и социолози), има индикатори за „постоење обид за национален суицид“ со направените потези на довчерашните државни лидери на Македонија. Политиколози и правници, тоа исто поведение (потези) ги квалификуваат како „национално предавство“ бидејќи се дозволило во добропознатите меѓународни договори, „во одредени критични клаузули за Македонија, да се стипулира преземање обврски на директна штета на македонскиот народ, јазик, историја и држава“!

Договорот за соработка и пријателство помеѓу Скопје и Софија само наликува на Елисејскиот договор

Добро упатените во оваа проблематика посочуваат дека споменатиот договор со Бугарија, како и заедничката соработка околу историските теми не се контроверзни бидејќи европската пракса потврдува слични процеси, како што е француско-германскиот договор за соработка и пријателство, познат како Елисејски договор. Овој договор се оформи како симбол на помирување помеѓу францускиот и германскиот народ и стана основа за продлабочување на билатералните односи, од кои произлегоа и заедничките француско-германски курсеви по историја, како и заедничкиот учебник по историја. Неколку аналитичари и експерти, по потпишувањето на договорот за пријателство помеѓу Скопје и Софија, го посочија токму француско-германскиот договор како пример за градење добрососедство и решавање одредени проблеми, како што е различното видување на историјата.
Нашите соговорници, кои се добро упатени во оваа проблематика, како и поранешни членови на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, ни посочија дека договорот за соработка и пријателство помеѓу Скопје и Софија само наликува на Елисејскиот договор. Според нив, кога Франција и Германија го потпишаа договорот за соработка и пријателство, помеѓу двете страни постоеше добра волја, почитување и искреност. Од друга страна, француско-германската историска комисија работеше професионално и без политички замешателства, со други зборови, во нејзината работа немаше идеолошки колорит, велат нашите соговорници.
– Нештата со договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија, како и работата на мешаната историска комисија, се поставени на друга основа. Досега неколкупати се потврди дека од бугарска страна не постои добра волја за унапредување на односите помеѓу двете држави, а заемното почитување е само мисловна именка – велат нашите соговорници.
Дека нештата се одвиваат на овој начин, добро упатените во оваа проблематика ни ги посочија изјавите на бугарските политичари од највисоките ешалони на власта, со кои се негираат македонските национални особености. Во овој контекст ни беше посочено искажувањето на Екатерина Захариева, поранешната бугарската министерска за надворешни работи, која изјави дека македонскиот јазик е „напишан во 1945 година, на основа на западнобугарскиот дијалект“, како и декларацијата на бугарското Министерство за надворешни работи дека создавањето на „македонскиот јазик“ во 1944-1945 година во поранешна Југославија било чин на секундарна кодификација (рекодификација) заснована на бугарскиот литературен јазик, дополнително „збогатен“ со локални форми.

Бугарскиот дел од комисијата, во стар состав: Постојано навредување и
нихилизам кон припадниците на македонскиот народ и македонската држава

Доколку се има добра волја и заемно почитување, билатералните проблеми може да се решат, ако навистина се следат матрицата и духот на Елисејскиот договор и француско-германската историска комисија, која се обиде да ги реши историските недоразбирања преку т.н. принцип на две перспективи. Според наши сознанија, некои од поранешните македонски членови во мешаната историка комисија се надевале дека со помош на „двете перспективи“ ќе има напредок во нивната работа. Но, според добро упатени во оваа проблематика, дел од македонските членови не ја разбрале суштината на проблемот, односно не очекувале дека ќе се соочат до тврди бугарски националистички и нихилистички ставови. Доколку внимателно се анализира, бугарскиот состав во македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања мора да претрпи промени и да се најдат соодветни лица што ќе работат професионално и етички. Доколку во бугарскиот состав има личности како Кирил Топалов, кој постојано ги навредува и обезвреднува припадниците на македонскиот народ и македонската држава, напредок во историската комисија не е возможен. За да се дојде до напредок во историската комисија, потребни се заемно почитување и професионалност, а не како досега навреди, сведочат нашите соговорници. Д.Ст.


Предизвиците на дискурсот кон историјата преку принципот „две перспективи“

Најнапред заемно почитување, уважување и признавање како два народа со различна генеза низ столетијата

Француско-германскиот историски учебник, како и заедничките историски курсеви се потврда дека проблемите што произлегуваат од различното видување на историјата може да бидат решени. Десет историчари, по пет од Франција и Германија, го создадоа учебникот „Европа и светот од 1945 година“, кој се користи на часовите по историја, а книгата е достапна и во книжарниците за пошироката јавност. Питер Гајс, еден од авторите на учебникот, вели дека читателот секогаш има две перспективи, најмалку две перспективи, а тоа им дава можност на студентите да најдат свое гледиште, да формираат сопствено информирано мислење и да развијат сопствена идеја за историјата на овие два народа.
Меѓутоа работата во француско-германската историска комисија не била без предизвици и тешкотии. Според д-р Питер Гајс, постоеле проблеми околу историските прашања, а честопати се соочувале и со расправии.
– Беше тешко за нашите партнери да разберат дека историските прашања можат да останат нерешени и отворени. Ова не беше единствената пречка што требаше да ја надмине меѓународниот тим, па самите историски информации доведоа до расправии – посочува Питер Гајс, еден од двајцата уредници на историската книга, за германските медиуми.
По објавувањето на заедничкиот учебник за историја, германското Министерство за надворешни работи соопшти дека учебникот е важен не само од образовен поглед туку и поради психолошкото влијание. Односно дека младите германски и француски ученици не само што учат за сопствената историја туку се запознаваат и со историјата на Европа, со помош на ист учебник. Меѓутоа историскиот учебник ги избегнува најчувствителните историски точки на расправа во светската историја.
Според наши сознанија, некои од поранешните македонски членови во мешаната историска комисија се надевале дека наметнатите историски проблеми може да се решат со принципот на две перспективи, слично како во француско-германската историска комисија. Според добро упатени во оваа проблематика, некои од поранешните македонски членови не ја согледале реалната ситуација во комисијата, односно имале нереални очекувања, надевајќи се дека бугарските членови се подготвени за соработка.
– За да има напредок во мешаната историска комисија, мора да се случи промена во бугарскиот состав. Повеќето од бугарските членови се професионални дипломати што имаат политичка агенда, а ова се потврдува и од нивните изјави во бугарските медиуми. Македонското Министерство за надворешни работи официјално реагираше за контроверзните изјави на некои од бугарските членови од комисијата, но сѐ додека нема почитување од бугарска страна, нештата нема да се променат во комисијата, не треба да очекуваме напредок – велат нашите соговорници. Д.Ст.


Суштината на проблемот е негирањето на македонските национални особености!

Двете перспективи кон „ликот и делото на Прличев“

Во разговор со неколку добро упатени во оваа проблематика ни беше посочено дека некои од поранешните македонски членови во историската комисија се обидувале да најдат заеднички јазик со своите бугарски колеги. Од активностите на поранешниот македонски состав во комисијата произлезе и бугарската согласност за заедничко чествување на Григор Прличев. Според наши сознанија, двете страни се согласиле дека Прличев има големо значење за бугарската, но и за македонската култура. Ова прашање било решено врз основа на две перспективи, меѓутоа бугарската страна во комисијата ретерира од одлуката, без да даде образложение за оваа постапка, велат нашите соговорници.
Повлекувањето на бугарската страна од заедничкото чествување на Григор Прличев е само потврда дека бугарскиот состав треба да претрпи измени. Измените се уште по важни ако се земаат предвид ставовите на поголемиот дел од бугарските членови во комисијата.
– Со овој бугарски состав во комисијата не може да се дојде до напредок, тоа е невозможна мисија. Нивните постојани негирања на македонскиот народ и неговите особености – јазик, историја, култура итн. се проблематични. Бугарската страна во комисијата на индиректен начин бара од македонскиот состав да признае дека македонскиот народ немал сопствена историја пред 1944 година. Сѐ додека не се промени овој апсурден бугарски став, нема да има напредок – велат нашите соговорници.
Дека македонската страна во комисијата за историски и образовни прашања се соочува со апсурдна ситуација, се потврдува од постојаните изјави на Кирил Топалов, кој ја политизираше работата на комисијата и внесе идеолошки колорит. Досега Топалов, иако е член на мешаната комисија, неколкупати истакна дека бугарското општество треба да се обедини против неприфатливото однесување на Македонија, која била составен дел од бугарската држава во текот на целото своето суштествување.
– Р.С. Македонија останува последниот бастион на титовизмот. Земјата е зависна од Србија и продолжува да се одвојува од Бугарија, практично нема комуникации меѓу Скопје и Софија. За жал, излегува дека понекогаш создавањето на идентитетот на еден народ оди преку градење омраза кон ближниот, а во нашиот случај – најблискиот, роднинскиот, народот со кој до 1944 г. бевме едно. Србија и РСМ останаа последните остатоци од Титова Југославија, која беше изградена преку омразата кон соседите. Вината не е во Бугарија, туку во Комунистичката партија и Георги Димитров. Тој ја продаде Македонија на Тито, а Коминтерната ја создаде оваа хипотеза за „македонска нација и држава“. Грците не им се роднини и оттука доаѓа разликата во нашиот пристап во односите со Република Северна Македонија. Ние сме околу два милиони потомци на поранешните револуционери и бегалци од поранешна Македонија. Значи тие се наши. Неизбежно е да поминеме низ сите пресврти на дипломатските односи и да се обидеме да ги убедиме нашите братучеди таму дека треба да го признаат она што е исто така фиксирано во договорот, дека сме имале заедничка историја до 1944 година, беа еден народ со еден јазик – рече Кирил Топалов за бугарските медиуми.
Во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, поточно во членот 8, комисијата за историски и образовни прашања е формирана „за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори кои се базирани на докази“, со други зборови, нејзините членови треба да работат етички и професионално. Доколку се земат предвид ставовите и изјавите на Кирил Топалов, очигледно е дека бугарската страна во комисијата треба да претрпи измена.
– Доколку сакаме напредок во мешаната комисија, нејзините членови треба да работат во согласност со научните принципи. Секое излегување од мандатот и делокругот на дејствување, односно надвор од научното толкување, тогаш нема да има позитивни решенија во комисијата. Бугарскиот состав треба да ја прифати реалноста дека македонскиот народ постои пред 1944 година и дека не е вештачка творба – велат нашите соговорници. Д.Ст.