Ние сакаме да градиме, а не да купуваме. Да бидеме свои на своето!

СУВЕРЕНИТЕТ – ЕНЕРГЕТИКА

Де јуре суверенитетот се однесува на законското право да се направи тоа; де факто суверенитетот се однесува на фактичката способност да се направи тоа. Ова станува прашање од посебна важност ако не успее очекувањето дека суверенитетот де јуре и де факто постои едновремено на едно место.
Суверенитет во секторот на производството на електрична енергија значи: сопствено производство на доволно количество, со стандарден квалитет и по најниска цена за потребите на стопанството и жителите на државата. Таа обврска од народот, преку Владата, е делегирана на АД ЕСМ. Дали таа обврска е исполнета е прашање за дискусија.
Ако обезбедиме сопствено производство на електрична енергија, ќе се намали ранливоста на геополитички тензии и флуктуации на енергетските пазари, ќе имаме целосна контрола врз динамиката на снабдувањето со енергија, обезбедувајќи стабилност и целосна автономија во задоволувањето на потребите на потрошувачите.
Суверенитет во секторот на енергетиката подразбира дека си способен да ги управуваш, одржуваш и надградуваш постројките што произведуваат енергија.
Суверенитетот подразбира дека постои образовна вертикала во овој сектор (средни училишта, факултети, институти, истражувачки лаборатории, техничка академија на науки) чиј производ е техничката интелигенција, од мајстори, инженери, пронаоѓачи, академици. Дека во земјата има кадар што сака да остане во земјата затоа што има работа во секторот.
Без сопствено производство на енергија, се губи значаен дел од суверенитетот на државата. Ако треба да молите за определено количество енергија/енергенти (без обѕир на цената), ќе бидете уценети. Кога купуваме, зависни сме од продавачите и има голема можност за уцена, финансиска или политичка. Пример: зголемената цена за транспорт на природен гас преку Бугарија. При критични состојби, меѓународните договори не се почитуваат. Сопствените потреби секогаш се приоритет. Ќе трпи стопанството.
Потребното количество на електрична енергија може да се обезбеди и со купување на пазарите за енергија или од приватни производители што изградиле или ќе изградат такви постројки на територијата на Македонија. Секое купување електрична енергија го поткопува суверенитетот. Тоа мора да биде јасно! Ако веќе морам да купам течни и гасни енергенти, не морам да купувам и електрична енергија. Ќе ја произведам сам за свои потреби. Ако сум добар производител, ќе произведам и за извоз, а со тоа ќе се намали и цената за домашните корисници.
Ние можеме и мораме сами да ги градиме постројките! Покрај преостанатите, некои од придобивките од сопствената изградба се следниве:

  • Произведената енергија не зависи од производителот. Ослободени сме од финансиски и политички уцени;
  • Вложените финансиски средства за изведба на објектот остануваат во Македонија и значително го подобруваат БДП;
  • Обезбедена работа за фирми од секторот на машинската и електроиндустријата;
  • Стекнување нови вештини, знаење и референца за нашите компании;
  • Можност за вклучување на нашите компании во изработка на дел од високотехнолошката опрема;
  • Можност да се повикаат назад во татковината експертите и работниците што сега се во странство;
  • Обука при работа на младите инженери, претприемачи и економисти.

Опасна е ориентацијата на политичките елити во Македонија, во овој период, која е насочена кон носење странски инвестиции за производство на електрична енергија, преку модел на јавно-приватно партнерство или „стратегиски партнер“ со доделување значителни финансиски придобивки, кои предизвикуваат сомнеж за можни коруптивни дејства. Кога ќе се постави основното прашање: зошто го правите ова, зошто да не го изградиме сами, најчестиот одговор е – немаме средства, немаме вештини, не сме способни и, како краен аргумент, а зошто вие досега не сте ги изградиле!
НЕ НИ ДАВАТЕ МОЖНОСТ ДА ГРАДИМЕ! Дали од незнаење, заради комформизам или лукративни причини, за вас е поедноставно и покомотно да платите, преплатите и задолжите цела генерација (јасно со парите од народот) еден трговец/посредник (на пример „Митилинеос“) за да ви купи и монтира една енергетска постројка.
Верувам дека вие, кои здушно ги браните овие штетни зделки за суверенитетот на Македонија, знаете дека „Митилинеос“ не ја произведува гасно-парната когенеративна постројка. Ја купува на светскиот пазар, каде што има голем број производители: „Џенерал електрик“, „Вестингхаус“, „Мицубиши“, „Кавасаки“, „Сименс“, АББ… Но пратениците во Собранието што гласаат без да прочитаат и без да разберат дека ѝ прават штета на својата држава треба да разберат дека не ни требаат такви посредници како „Митилинеос“. Можеме сами да ја купиме постројката. Двојно поевтино од договорот што вие треба да го прифатите, потпишете и да ја симнете индивидуалната одговорност од тие што ви го подметнале. Постројката целосно се купува од реномирани производители и се испорачува во пакети/контејнери. Поврзувањето на елементите, со надзор на испорачателот на опремата, е лесна задача за нашите компании (заварување, монтажа, поврзување на електричните инсталации).
Единствен проблем е „владејачката елита“, која мисли и редовно зборува дека не можеме, не знаеме.

Дали нарочно ја потценувате и понижувате техничката струка? Договорите што го нарушуваат суверенитетот и носат финансиска штета подлежат на кривична одговорност. Дали тоа спаѓа во сектор на „злосторничко здружување против суверенитетот на Македонија“? Дали носителите на законите, пратениците во Собранието, ќе ги разгледаат овие договори и од овој аспект? Ако ги изгласаат, а се штетни, дали постои за тие пратеници и лична одговорност?
Како професори од техничкиот сектор сме учествувале во изградбата на енергетските објекти и сме им пренеле знаење на нашите студентите. Знаењето е капитал, а преостанатото се само пари. Недостига стекнатото знаење да го надградат со вештини, кои се стекнуваат со пракса преку изведба на објектите. Прекинат е синџирот на пренос на знаење. Нарочно или лекомислено? Дали некому му е јасно дека тие млади луѓе инженери се највредниот капитал на Македонија? Без луѓе, без знаење, за каков суверенитет зборуваме? Не е доволно само да купиме постројки, туку треба да сме подготвени да ги управуваме, одржуваме, надградуваме. Без технолошки напредок нема транзиција. Повисоко ниво на образование, лаборатории, пронајдоци. Како да го постигнеме тоа ако државата не дозволува/овозможува во сопствената земја да се усовршуваме?
Лекцијата научена за цел живот, при мојот инженерски студиски престој во реномирани компании во Шведска. Прашав зашто изградбата на најголемата топлинска пумпа во Стокхолм ѝ е доделена на домашна компанија со 30 отсто повисока цена (и со учество на техничкиот факултет). Таа нема ниту една таква референца, во споредба со понудите на компаниите од Германија и од САД? Одговорот што го добив е едноставен и поучен: Како ќе добијат референца ако ние не им ја овозможиме? Каде ќе научат, ако не дома. Се стекнуваат со референца и ќе бидат конкурентно способни на светскиот пазар.