Валканштина во дипломатијата на соседот: Ја познаваме ли доволно ваквата игра?
Една кремљолошка анализа ни дава одговор на ѓаволските детали зошто претседателот Радев (генерал-мајор) ѝ подметна на претседателката Силјановска (професор јурист) фотографија без македонско знаме – едната е јас сум поголем, а втората е порака до Мицкоски и за одложеното дејство на уставните измени
Од посетата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова на Софија се крена голема бура, па дури се изнесоа коментари дека таа наместо да промовира културна дипломатија, се вратила во Скопје со скандал. Дали е токму така? Кусиот одговор би бил не, но ѓаволот и во дипломатијата е во деталите.
Кога се сака нешто да се анализира, тоа се прави од различни агли, се земаат предвид сите факти и детали, па сѐ оди дотаму да се види и кој како е облечен, каква вратоврска ставил и зошто, на пример, Ангела Меркел носела црвена марама. Аналитичарите велат дека ништо во дипломатијата и во дипломатските игри и потези не е случајно. Има многу примери кога се одело дури и до понижување. На пример, на една средба на дипломатите во Анкара за израелскиот амбасадор немало место на масата каде што седеле другите дипломати, па го седнале на столче. Понижен. Како одговор на инцидентот со бродот „Мави Мармара“. Има примери и на специјална дипломатија, како на пример „пинг-понг дипломатијата“ кога пингпонгарите на Кина и на САД заиграле натпревар за да се отворат врати на соработка. И Денис Родман беше во „баскет-дипломатија“ кај Ким Јонг-ун во Народна Република Кореја (неуспешно).
КРЕМЉОЛОШКИ МОЗАИК И СОВЕТСКО ВЕТРЕ
Кога се анализираат вакви крупни посети, да не заборавиме дека двајца претседатели на две суверени држави се ракуваат и си испраќаат пораки, не е лошо да се направи и една кремљолошка анализа, која на фин начин ни обрнува внимание на тајните пораки. Кремљологијата не е умрена дисциплина, иако, за жал, дипломатијата лека-полека папсува.
Претседателот на Бугарија, генерал-мајор Румен Радев, по својот профил може да се стави во графата алфа-мажјак, војник, пилот со блескава кариера. Иако пред неколку години беше против зделката неговата држава да купи американски напредни ловци „Ф-16“, тој сега со гордост се снима и се фотографира како пилотира со нив. Страст за летање. Неговата гостинка од Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, исто како и Радев е доктор на науки, но таа е во областа на хуманистичките науки, таа е доктор по правни науки, јурист, позната како интелект и во Европа. Работела за Советот на Европа и во Венецијанската комисија.
Но во животот, а тоа значи и во дипломатијата и вака два сосема различни претседатели по своето образование и житие мораат да се сретнат. Е, сега, како ќе се разберат? Затоа постојат тие тимови околу нив, за да ги знаат особините на соговорникот, но и недостатоците, затоа што никогаш не се знае што може да те изненади.
Иако во оваа куса кремљолошка анализа можеби и задува малку советски ветер, со право прашуваме дали Радев намерно ја намести гостинката Силјановска да се фотографира на места каде што го нема македонското знаме? И зошто би го направил тоа кога нејзината посета е грижливо подготвувана и таа е ставена во доменот на културната дипломатија. Кулминација на таа културна дипломатија е операта „Набуко“ во изведба на Македонската опера, а не дефектот на Софија со македонското знаме. Но кога работите ќе тргнат лошо и ќе продолжат на лошо, додека некој не стави точка. Таа точка се очекува да се стави во македонското МНР кога шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, на бугарскиот амбасадор во Скопје ќе му врачи вербална нота и ќе побара објаснување зошто Радев и неговата екипа го направиле тоа. Потоа ќе се продолжи со дипломатска комуникација, но пораката од Софија ќе остане запаметена. Зошто?
АМЕРИКАНСКИ ШМЕК ИЛИ ЗОШТО СОФИЈА СПИЕ НА ЕДНО УВО?
Во билатералните односи тенденцијата е тие да се надградуваат, а кога имате ваков груб војнички одговор како овој на Радев на подаденото цвеќе од Силјановска, тоа остава сомнеж за понатаму. Зошто да ви веруваме, ќе биде прашањето што ќе се повторува во иднина. Дали во Скопје кога гостуваше Бугарската опера со „Валкира“ имаше некаков сличен гест од македонската страна? Не. Па, затоа кој навистина сака добрососедски односи, а кој сака да поставува сопки? До кога со валканштината?
Особено што во посетата на Силјановска на Софија се гледа американски фин шмек, едно ветре што сака промени. Но Радев покажа дека Софија не е подготвена сега на поместување од својот камен на кој седи. Пораките од Вашингтон до Софија и до Скопје дека треба да се гледа кон иднината, значи се бара позитивен дух, не беа испратени многу одамна, стари се само две-три недели. Спие ли Софија на едно уво?
Подлабоката анализа дава одговори зошто е ова вака. Научени од претходната влада на Зоран Заев да дава сѐ што е национално и државотворно, Софија сега гледа дека малку теренот е погруб и не може да очекува фина игра од Скопје. Нагласувањето од премиерот Христијан Мицкоски дека ќе преговараме, но уставните измени ќе имаат одложено дејство е реакцијата што ја покажа естаблишментот во Бугарија. Тие се дури и изненадени од ваквите ставови, па дури и од смената на членовите во историската комисија. Таа комисија утре може и да се угаси како сосема непотребна, ако се слуша пораката од Вашингтон (а и од многу авторитети во Скопје) – доста е историја, свртете се на прагматизам и проекти. Секако, целта на македонската дипломатија треба да биде бришење на двата протокола, особено вториот, за да не бидеме избришани ние како Македонци. Оти сега стана појасно дека Бугарија се однесува како да е наш постар брат, а Радев дека е поголем или поважен претседател од Силјановска. Типична валканштина, евтини, па дури и невкусни трикови. Ќе знаеме ли и ние да играме на валкан начин?
И Грција на маса во балканската крчма
Ништо не е случајно во дипломатијата, рековме погоре. Затоа да се навратиме и на тазе пораките од Грција. Најпрвин Атина реагираше затоа што министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, при неодамнешната посета на Скопје користеше и термин Македонија (што е за секоја чест, зашто Турција рекла дека за нив Македонија засекогаш ќе остане Македонија). Кој може да му забрани на Фидан и на други да го користат името Македонија? Грција го доведе тоа на ниво на параноја и на глобален лов на вештерки!
А од Грција повторно се огласија од СИРИЗА, која наскоро ќе избора нов лидер, за да потсети дека постои Преспанскиот договор и дека тие го постигнале. Работи ли оската Софија – Атина?
Наликува на симултано стегање на јажето, едниот попушта, другиот стега. А јасно е дека постои страшно опасна врска меѓу Преспанската спогодба и Договорот за добрососедство со Бугарија, особено со додадените протоколи, кои влегоа во таканаречената преговарачка рамка со ЕУ. Таа рамка никогаш не е конечна и може да се менува во текот на процесот на преговарање, па дури има и правило за „повторување на испитот“, односно може повторно да се отвори испреговарано поглавје. Од СИРИЗА велат дека сегашната влада на Киријакос Мицотакис заборавила на обврските од Преспа и оти не остварува никаква соработка со Македонија.
– Преспа беше големо достигнување на грчката надворешна политика – а активностите за време на владата на СИРИЗА сега се замрзнати – рече претседателот на пратеничката група на СИРИЗА, Никос Папас, на Меѓународниот саем во Солун.
Проблемот е што и од овој левичарски блок, кој го предводеше Алексис Ципрас, се зборува за соработка со „Северна Македонија“, но ништо не се зборува за внатрешните прашања поврзани со правата на Македонците. Грција има незавршена домашна задача, а Судот во Кожани, кој му стави катанец на Центарот за македонски јазик во Лерин, е доказ дека и Атина, како и Софија седи на стариот камен од едно старо историско време. Потоа има незавршена обврска со признавањето на употребата на името „Македонија“ и придавките „македонски“ во трговските односи и на пазарите во светот.
Јасно е дека владата на Ципрас ги замрзна односите, речиси не постои никаква соработка, освен улогата на грчката амбасадорка во Скопје да биде видеонадзор на македонските политичари и да известува кој рекол „Македонија“.
Но грчките бизниси си работат во Македонија, а има ли македонски бизниси во Грција, на пример во Солун или во Лерин, и дали Грција создала услови за такво нешто? Дали брендот „Македонија“ и „македонски“ може да се извезува од кај нас?
А Зоран Заев (Никола Димитров) и Ципрас (Никос Коѕијас) кога го потпишаа договорот во Нивици, потпишаа дека ќе сме биле и специјални трговски партнери. Да, но тоа важи само за едната страна – грчката.