Амнести интернешенал за човековите права во Бугарија од 1986

ОМО „Илинден“ – Пирин објави соопштение во кое се нагласува дека Македонците во Бугарија сè уште не смеат да се изјаснат за својата етничка припадност, да учат и да ги негуваат својот јазик, култура и историја – сè уште немаат човекови права! Дали тоа се вредностите на Европската Унија во 2025 година? Ние ги сакаме нашите права!, нагласуваат од ОМО „Илинден“ – Пирин. Како прилог кон правата за припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија, од ОМО „Илинден“ – Пирин повторно потсетуваат на извештајот на „Амнести интернешенал“ за човековите права во Бугарија од 1986 година. Го пренесуваме извештајот во целост

Од дописот на нашинците од соседните држави

Резултатите од бугарскиот попис од 1946 година во врска со македонското население никогаш не биле јавно објавени од бугарските власти. Сепак, југословенски извори тврдат дека на тој попис како Македонци се изјасниле 252.908 лица. Пописот од 1956 година забележа 187.789 Македонци, од кои над 95 отсто живееле во Пиринскиот Регион, каде што сочинувале 63,8 отсто од населението. Меѓутоа, во пописот од 1965 година, бројот на луѓе што се изјасниле како Македонци се намалил на само 8.750, а во областа Благоевград, која претходно имала најголем процент на Македонци, процентот бил помал од еден процент.
Бугарија традиционално тврди дека Македонците (вклучувајќи ги и оние што живеат во Југославија и Грција) се етнички Бугари. Во текот на раните 1960-ти, бугарските власти, при обновувањето на задолжителните лични карти, наводно им издавале картички во кои пишувало дека имателот е Бугарин по етничка припадност на оние што претходно имале картички во кои се наведува дека се Македонци.
Од раните 1960-ти, наводно, имало и голем број политички судења на луѓе обвинети за активности засновани на македонскиот национализам. На пример, на група жители на Благоевград им се судеше во 1962 година од страна на Окружниот суд во Благоевград под обвинение за создавање група чија цел била отцепување на Пиринска Македонија од НР Бугарија, а во 1964 година на четворица од Благоевград, наводно, им се судеше бидејќи пишувале „Ние сме Македонци“ и „Да живее македонската нација“ на ѕид од ресторан.
Од воведувањето на последниот Кривичен законик во 1968 година, повеќето од обвинетите за пропагирање таква „антидемократска и националистичка идеологија“ се обвинети според членовите 108 и 109, кои се однесуваат соодветно на „антидржавна агитација и пропаганда“ и за формирање или водење и членство во илегална група. Кривичниот законик, исто така, дозволува административна казна (тоа е без судење), која, наводно, била користена за присилно преселување на припадниците на македонското етничко малцинство во други области на земјата.
Според југословенски извори, цели семејства биле принудени да се преселат од Пиринско во други региони на север поради нивната афирмација на македонската етничка припадност различна од бугарската.
Срамно е некому да му се наметнува и насилно да се бара да се изјаснува онака како што бараат други

Фатри Фетаху, координатор на македонското друштво „Илинден“ -Тирана за областа Голо Брдо

По назначувањето за координатор на македонското друштво „Илинден“ – Тирана за областа Голо Брдо, Фатри Фетаху упати благодарност до претседателот и до раководството на македонското друштво „Илинден“ – Тирана. Тој во својата порака наведува: „Изразувам голема благодарност за повторно искажаната доверба, по втор пат да бидам претставник на македонското друштво ‘Илинден’ – Тирана за нашиот регион Голо Брдо. Чест и задоволство ми е да ја извршувам дејноста како координатор за Голо Брдо и ветувам дека чесно и достоинствено ќе ги застапувам интересите на нашите сограѓани во секој аспект“.
– Верувам дека заеднички и сплотени ќе се избориме со сите неправди што ни се извршени. Време е да кажеме: Доста е! На сите оние што ни наштетувале и се обидуваат да ни наштетат. Живееме во демократија, во време кога секој поединец може да го изрази своето чувство за нацијата кон која припаѓа, верата кон која припаѓа – вели Фатри Фетаху.
– Во 21 век, срамно е некому да му се наметнува и насилно да се бара да се изјаснува онака како што бараат други. Верувам и повикувам сите жители на Голо Брдо не само да се чувствувате како горди Македонци туку и слободно да се изјасните како горди Македонци. Тоа ни е наследство од нашите предци и иднина за нашите потомци. Секој што ќе ве убедува дека тоа не е така, дека ќе има последици или закани ако се изразите за Македонци се плаши од нашата богата и долга македонска историја. Да не подлегнуваме и да не дозволиме да ни подметнат фалсификат!!! Вистината била и е една, независно од потребата на многумина, кои сакале да ја избришат. Ние сме биле и сме горди Македонци – се вели во изјавата на Фатри Фетаху, дипломиран економист, жител на селото Требиште, во областа Голо Брдо.
Фатри Фетаху е роден во селото Требиште, во областа Голо Брдо, а од 2015 година е член на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, активист на македонското национално малцинство во областа Голо Брдо. Од 2019 до 2021 година бил потпретседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, огранок Голо Брдо, и од 2021 до 2024 претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, огранок Голо Брдо, и дописник на македонскиот весник „Илинден“. За својата ангажираност, Фетаху, во 2016 година, беше добитник на благодарница „Илинден“, која традиционално се доделува од македонското друштво „Илинден“ – Тирана. Д.Ст.


Партијата Единствена горанска партија со кандидатска листа на парламентарните избори во Косово

Рамкаорите се сертифицирани вкупно 28 политички субјекти, со вкупно 1.280 кандидати што ќе се натпреваруваат за 120 пратенички места во Собранието на Косово, кои ќе се одржат на 9 февруари 2025 година. Со своја кандидатска листа ќе учествува и партијата Единствена горанска партија.
– На кандидатската листа на нашата партија се наоѓаат 29 кандидати од разни делови на областa Гора. На листата се вредни луѓе, кои се залагаат за подобрување на положбата на македонската горанска заедница во Косово, зачувување и активно промовирање на нашите културни вредности, обичаи и традиции, како и формирање општина Гора во согласност со Уставот и законите на Република Косово – вели претседателот на партијата и носител на листата, Адем Хоџа, дипломиран инженер.
Партијата Единствена горанска партија учествува на изборите со наши кандидати. Ве покануваме заедно и масовно да излеземе на гласање за да покажеме дека и покрај многубројните и разновидни напори за гаснење на нашиот горански идентитет ние постоиме, ние сме тука и сме посилни од кога било.
– Вашиот глас за партијата Единствена горанска партија ја зајакнува и ја чини уште посилна во посветеноста кон легитимните барања на македонската горанска заедница во Косово, европските стандарди на локална самоуправа да ја вклучуваат и областа Гора, и за вистинска економска и политичка еднаквост и поголема застапеност во институциите. Ве повикуваме, излезете на гласање и заокружете го бројот 113 – велат од партијата Единствена горанска партија. Д.Ст.