Саркози оди во затвор, но неговите пријателски и политички врски со државниот врв фрлаат сомнеж на коректното издржување на казната
- Француската јавност беше фрапирана од фактот што во пресрет на затворањето во затворот „Ла санте“, Никола Саркози беше примен во Елисејската палата од страна на актуелниот француски претседател, Емануел Макрон. Претседателска покана, според првиот секретар на Социјалистичката партија Оливие Фор, е „аномалија, притисок врз правосудниот систем“. А посетата што министерот за правда Жералд Дарманин планира да ја направи кај поранешниот претседател Никола Саркози во затвор би можела да претставува ризик од „поткопување на независноста на судството“, предупреди главниот обвинител на Франција, Реми Хајц
- Откако беше објавена казната во случајот „Либиско финансирање“, поврзан со претседателската кампања во 2007 година, Никола Саркози се подготвува да напише ново поглавје во „романот“ на својот живот – на поранешен шеф на држава затворен и покрај жалбата и големиот број изрази на поддршка и наклонетост што тој ги доби. Привременото извршување на казната наредено во прв степен е неодложно, додека неговите адвокати планираат да поднесат барање за пуштање на слобода истиот ден на затворањето. Судијата на Апелацискиот суд мора да одговори во рок од два месеца
Вистината ќе триумфира, но цената што треба да се плати ќе биде огромна, изјави поранешниот француски претседател Никола Саркози пред неговото влегување в затвор. „Никола, те сакаме“, скандира негови поддржувачи додека поранешниот претседател на Републиката ја напушташе зградата во која живее, во придружба на неговата сопруга Карла Бруни. Саркози ја поздрави толпата пред да влезе во автомобилот за да се упати кон 14-от париски арондисман, каде што се наоѓа затворот „Ла санте“.
Саркози тврди дека е невин
Поддржувачите на Саркози ја пееја националната химна на собир организиран по иницијатива на неговите синови Жан, Пјер и Луј, во 16-от арондисман во Париз, пред вилата Монморанси, каде што живее поранешниот претседател на Републиката.
Пред да влезе во затворот, Никола Саркози се огласи преку социјалните мрежи пишувајќи: „Додека се подготвувам да ги поминам ѕидовите на затворот ’Ла санте’, моите мисли се со францускиот народ од сите сфери на животот и мислења“.
Во текст објавен утрово на неговиот профил на Икс, поранешниот претседател изнесе осуда за „судскиот скандал“ и за „патот на страдање“, што, како што вели тој, го издржал „повеќе од десет години“.
„Значи, ова е случај на нелегално финансирање без никакво финансирање“, продолжи Саркози, наведувајќи дека истрагата е „поведена врз основа на документ чија лажност сега е докажана“. Тој инсистираше дека „не бара никаква предност, никаква услуга“ и рече дека не се жали.
Поранешниот претседател на Франција истакна дека се соочува со ова искушение „со непоколеблива сила“, порачувајќи: „Ова не е поранешен претседател на Републиката што е затворен утрово, ова е невин човек. Чувствувам длабока тага за Франција, која се наоѓа понижена од изразот на одмазда што ја однесе омразата на невидено ниво. Немам сомнение. Вистината ќе триумфира. Но, цената што треба да се плати ќе биде ужасна…“
Прием од Макрон пред затворањето!?
Во пресрет на неговото затворање во затворот „Ла санте“, Никола Саркози беше примен во Елисејската палата од Емануел Макрон. Претседателска покана, според првиот секретар на Социјалистичката партија Оливие Фор, е „аномалија, притисок врз правосудниот систем“.
– Гледајќи го како го прима шефот на државата, гледајќи како министерот за правда објавува дека ќе го посети во затвор, очигледен е притисок врз судството, што апсолутно не е нормално. Се создава впечаток дека има обвинети што се од поинаква природа – додаде тој, тврдејќи дека независноста на судството е под напад.
Посетата што министерот за правда Жералд Дарманин планира да ја направи кај поранешниот претседател Никола Саркози во затвор би можела да претставува ризик од „поткопување на независноста на судството“, предупреди главниот обвинител на Франција, Реми Хајц, според АФП.
За радиото РМЦ, Евелин Сир-Марин, почесна судијка и потпретседателка на Лигата за човекови права, изрази загриженост за јавните коментари на Жералд Дарманин за Никола Саркози и ставот на министерот за правда.
– Разбирам дека меѓу нив постои пријателство и дека тој оди да го види в затвор. Проблемот е што тој го кажува тоа на многу јавен начин, иако постои хиерархиска врска меѓу министерот за правда и обвинителот – рече таа.
Судијката верува дека поврзаноста и пријателските односи на Саркози со водечките политички функционери би можеле да влијаат на постапката.
– Не би ме изненадило ако барањето за ослободување што ќе биде поднесено добие исклучително сочувствителни ставови од канцеларијата на јавниот обвинител кога станува збор за судењето. Тоа е тактика на притисок; тој е оној што му дава наредби на обвинителот – порачува Сир-Марин.
Министерот за правда Жералд Дарманин негираше дека ја напаѓа „независноста на судството“ со објавувањето дека ќе го посети Никола Саркози во затвор за да ја осигури неговата безбедност, што, според него, спаѓа во неговата „должност за будност“.
Осуден на пет години затвор во случај на сомневање за либиско финансирање, Никола Саркози сè уште не знае колку време всушност ќе помине во својата ќелија. Од првиот час во затвор, неговите адвокати ќе поднесат барање за условна слобода. Апелацискиот суд потоа ќе има два месеца да одлучи. Во зависност од одлуката, поранешниот шеф на државата би можел да остане во затворот „Ла санте“ неколку недели или до неговото жалбено рочиште закажано за 2026 година.
Додека ја чека оваа одлука, Саркози ќе мора да се навикне на новата околина. За разлика од другите политички или познати личности, тој нема да биде затворен во ќелиите на одделот за ранливи лица (понекогаш наречен ВИП-оддел) во затворот „Ла санте“. За да се осигури неговата безбедност, институцијата сметаше дека е потребно да го затвори во одделот за самица.
Како ќе изгледа служењето на казната во затворот „Ла санте“
Затворен во изолациска единица, Саркози постојано ќе биде сам
Пред пристигнувањето на поранешниот претседател на Франција во неговиот објект, директорот на затворот „Ла санте“, Себастијан Ковел, потврди дека „Никола Саркози ќе биде затворен во изолациската единица на затворот, која е една од најбезбедните области во Франција“. На поранешниот шеф на државата ќе му бидат дозволени две прошетки дневно сам и ќе има пристап до „просторија за активности“, каде што исто така ќе биде сам, додаде директорот на затворската администрација.
– Тој ќе биде сам во својата ќелија, секогаш ќе биде сам – инсистираше Ковел.
Поранешниот француски претседател ќе биде држен во ќелија од девет квадратни метри, во самица, а не во таканаречениот ВИП-оддел. Саркози треба да ја помине првата затворска ноќ на 21 октомври, на горниот кат од затворот.
– Во овој оддел, вие сте сами, цело време. Единствениот контакт што го имате е со затворскиот персонал – изјави Флави Раулт, поранешна заменик-директорка на затворот „Ла санте“.
Овој систем треба да му овозможи на Никола Саркози да избегне каков било контакт со другите затвореници, кои можеби сакаат да го нападнат, да разговараат со него или да го фотографираат.
Седумдесетгодишниот поранешен претседател на Франција мора да се смести во една од петнаесетте ќелии во одделот за изолација. Таму ќе најде единечен кревет, прицврстен за подот, како и туш и тоалет. Ќелијата има и мала маса и шпорет. Никола Саркози изјави за „Ла трибјун диманш“ дека не бара „никакви привилегии“.
Сепак, може да побара фрижидер и телевизор, кои се достапни како опции за овој тип ќелија. Тој има и можност да купи храна од затворскиот каталог, бидејќи се смета дека храната во мензата е „нејадлива“, објавува „Ле фигаро“.
Откако ќе влезе во затворот, Саркози повеќе нема да има пристап до својот паметен телефон, но нема да биде отсечен од светот. Ќе може да контактира со своите најблиски без ограничувања благодарение на прислушуван телефон, на кој се претходно регистрирани околу десет броја во соработка со затворската администрација.
Поранешниот шеф на државата можеше да донесе и до десет фотографии од своето семејство. Неговата сопруга, Карла Бруни-Саркози, и неговите деца ќе можат редовно да го посетуваат: дозволени се три посети неделно, во собата за посети, во траење од околу триесет минути, покрај средбите со неговите адвокати. Бидејќи Саркози е затворен во крилото за самица, роднините што ќе доаѓаат да го посетат ќе имаат посебен пристап, за да не се среќаваат со други затворенички семејства.
Еднаш дневно Никола Саркози ќе може да ја напушти својата ќелија на едночасовна прошетка надвор. Строго контролиран излет: ќе биде надгледуван од тројца чувари и ќе се движи само во двор од 30 квадратни метри, ограден од двете страни до над неговата глава. Тој ќе може и да џогира на лента за трчање во вежбалница или да чита книги во библиотеката. И таму Никола Саркози нема да се сретне со други затвореници, бидејќи за овие простории е утврден строг распоред. Што се однесува до читањето, поранешниот шеф на државата може да земе три книги во својот куфер (меки корици, тврди корици се забранети). Тој ги избра двата тома од „Грофот од Монте Кристо“, романот од Александар Дима што раскажува приказна за невин човек неправедно осуден, и „Биографијата на Исус“ од Жан-Кристијан Петифилс. Никола Саркози се довери дека сака да пишува и зад решетки: тврди дека веќе го одбрал епиграфот за својата следна книга.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција