Одбележан јубилејот 100 години од раѓањето на народниот херој Панче Попоски од Гостивар
Болка и тага, радост и гордост, во душите на многубројното поколение на народниот херој Панче Попоски, на одбележувањето еден век од неговото раѓање, кое се одржа во центарот за култура АСНОМ во Гостивар, завчера, во сабота, на 30 ноември 2024 година. Потекоа и солзи, не само кај наследниците на неговата фамилија туку и кај присутните, неговите сограѓани во преполнетата сала.
Свеченоста започна со положување букети свежо цвеќе и со оддавање достојна почит на Панче, а продолжи со свечениот дел, организиран од фамилијата на народниот херој на Југославија.
За ликот и револуционерниот пат говореше правнукот, кој го носи неговото име, од најстариот брат Трпе.
– Да се биде правнук на народен херој, како што бил Панче Попоски, за честа да го носам неговото име, за што вечно сум благодарен, за мене претставува гордост, во исто време и голема болка. Гордост за храброста, непокорот, мудроста и љубовта кон Македонија, а со тоа и љубов кон народите што живееле на ова поробено парче земја. А болката што ние ја носиме, неговите потомци, за прерано згаснатиот живот, за непроживеаните соништа и болка за неможноста да ја вкуси и да ѝ се радува на слободата, за што го дале животот за слободна Македонија.
Да се биде правнук на народен херој, да се носи неговото име значи и голема обврска и ветување за почитување на неговиот лик и дело, зашто оставил историска трага и дал свој печат во борбата за слобода, за негување на спомените и достојно одбележување на херојското минато во немирните времиња.
Народниот херој Панче Попоски бил роден во Гостивар, во сиромашно семејство, од мајка Магда и татко Лазар, како трето дете, по браќата Трпе и Благоја, и сестрата Славка.
Момчето со кадрава коса, по дух храбар, со пушка на рамо, без страв и колебливост, тргнало да се бори за слобода на својот град, на својата држава, за слободата на својот народ. Многу сакал да чита, кога му го дозволувале обврските тоа, во слободното време. Стоел над книгата и читал по неколку часа до разденување, додека сонот не го совладал. Така моите родители ми го претставија мојот имењак – истакна Панче во говорот.
Тој продолжи да ги запознава присутните со животниот и револуционерниот пат на својот прадедо.
– Мојот сакан и почитуван прадедо, народниот херој Панче Попоски, основно училиште завршил во родниот Гостивар, образованието го продолжил во Скопје, каде што завршил две години гимназија, а третиот клас во Ниш, Србија. Бил одличен со примерно поведение, совесен младинец, посветен на љубовта кон татковината, многу свесен и сигурен во тоа дека нема ништо поскапо од слободата.
Како млад бил бунтовен и пред сѐ храбар револуционер, искрен и чесен партизан, на почетокот на 1942 година станал член на Сојузот на комунистичката партија на Југославија, истата година станал член и на месниот комитет на КПЈ во Гостивар.
Во август 1943 година заминал во партизанска единица, посебно се истакнал во борбата за одбрана на Дебарца и стекнал висок углед во Првата македонско-косовска бригада.
Панче бил делегат на првиот Конгрес на Антифашистичката младина на Македонија, во село Фуштане, при крајот на 1943 година. На конгресот бил избран за член на главниот одбор на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ).
За еден месец, Панче требало да го прослави 20. роденден, на 9 јули 1944 година, но неколку месеци пред конечното ослободување на Гостивар и Македонија, загинал од тенковска граната кај селото Татар, Елевци, Дебарско, во борба за ослободување на градот Дебар – истакна тој.
СО КНИГА И ПУШКА
Како ревносен хроничар на настаните од сите области на живеењето, особено за историските случувања од современата македонска историја и црковниот живот, сум напишал илјадници текстови, аудиозаписи и интервјуја со преживеани борци од НОБ. По повод триесет години од Првото заседание на АСНОМ во нашиот весник секојдневно беа печатени текстови на оваа тема. Во бројот од 9 јули 1974 година, беше објавен мојот текст „Со книга и пушка“, кој го имав напишано по повод половина век од раѓањето на народниот херој на Југославија, гостиварецот Панче Попоски. Се одлучив во одбележувањето еден век од раѓањето да пренесам делови од поширокиот разговор што го водев со Магда, мајка му на Панче, со сестра му Славка и со Ѓоко Кузмановски, најдобриот другар и соборец.
– Се сеќавам како вчера тоа да беше. Деветти август 1943. Во нашата куќа почнаа да доаѓаат другарките и другарите на Панче за да го прослават неговиот 19. роденден. Сестра ми Славка за оваа мала свеченост приготви колачи и пијалак. На песната и веселбата, на играта им немаше крај. Цела ноќ се веселевме. На неколку пати Панче ќе речеше: „Веселете се браќа и сестри, можеби ова е последен пат вака заедно да се веселиме“. Утредента мајка ми ни зготви нешто подобар ручек од другите денови, за заминување на Панче и неговите другари Боро и Еремија во партизани. Потоа, ја зедов торбата од брат ми и пеш ги испратив до Сушички мост, а тие го продолжија пешачењето во правец кон Арамиски Камен, над селото Леуново, на планината Бистра, каде што требаше да се приклучат во редовите на партизаните. На разделбата, која беше и последна, го молев брат ми да ме земе и мене. Тогаш имав само 13 години. Панче ми рече да се вратам назад и да ја слушам мајка ми. Седев на еден камен и ги гледав како се оддалечуваат – се присетува најмалиот син на Магда, Благоја.
– Цело време во партизани го поминав заедно со Панче. Во јуни 1944 година движењето во Западна Македонија и Албанија земаше сè поголем замав. Во овој период беа ослободени цела Дебарца и Малесија, додека во Албанија, Пешкопеја, и целиот дел што се наоѓа на границата спрема Југославија.
Но целта ни беше да го ослободиме Дебар и да им притекнеме во братска помош на албанските ослободителни единици кај Пешкопеја. Првата македонска ударна бригада и Првата косовска ударна бригада, 15 дена се наоѓаа во с. Селце, Малесија (Дебарско), каде што се подготвуваа за напад и ослободување на Дебар од окупаторот. Панче беше заменик-комесар на Третиот баталјон на Првата македонска ударна бригада, а јас заменик-комесар на чета. Од ослободената територија на Малесија изведовме силен марш во правец на Коџаџик и стигнавме во с. Рајчица (Дебарско). Овој марш го извршивме во ноќта меѓу 8 и 9 јули 1944 година. Пешачев заедно со Панче и тивко разговаравме. Како сега сето тоа да се случило. Панче беше мошне расположен и постојано на неговиот лик можеше да се забележи насмевка. Одевме и одвреме-навреме ќе ми речеше:
„Знај, Ѓоко, имам претчувство дека нешто лошо ќе се случи со мене…“ Во зорите на 9 јули го извршивме нападот на Дебар. Непријателот беше изненаден и за еден час борба го зазедовме градот, а Германците се повлекоа во касарните. Во градот успеавме да влеземе во еден германски магацин. Панче се облече во нова облека.
Потоа, како прва важна задача ни беше да заминеме во правец кон Шпилскиот мост, да ги пречекаме Германците да не носат засилување од други места. Меѓутоа, непријателот од Струга и Пешкопеја, со блиндирани автомобили и тенкови, мина по долината на Дрим. Нè изненади големиот број војници и бевме принудени да се повлекуваме. Притоа уништивме два тенка. Околу 16 часот, кога се повлекувавме зад една грмушка, покосена од непријателските куршуми се струполи телото на Панче. Од него бев оддалечен само педесетина метри. Веднаш притрчав да му укажам помош. За голема жалост целото чело му беше отсечено од куршумите – се присети мојот соговорник Ѓоко Кузмановски.
За народен херој на Југославија беше прогласен во 1953 година.
Филателистите промовираа плик со ликот на народниот херој Панче Поповски
Претседателот на Сојузот на филателистите на Македонија, Димитар Белчев, по повод големиот јубилеј 100 години од раѓањето на народниот херој Панче Поповски, промовираше плик со неговиот лик, што е дел од проектот на сојузот. Со овој значаен и вреден проект, според него, имаат цел да им остават во наследство на генерациите спомен за народните херои на Македонија, изработен со соодветен филателистички материјал со Македонски пошти. Пликовите на народните херои се украсени со поштенски марки со слики од родното место на народниот херој и пригоден поштенски печат.
Пликот на народниот херој Панче Попоски е со ограничен тираж од 24 парчиња. К.К.