Силен дожд и ветер, како и врнежи од крупен град зафатија делови од Македонија во изминатите неколку дена / Фото: „Нова Македонија“

Нестабилните временски услови проследени со силен дожд и ветер, како и со врнежи од невообичаено крупен град, во повеќе наврати зафатија делови од Македонија, како и на Балканот, во изминатите неколку дена. А невремето што предизвика значителни материјални штети дополнително ја поттикна потрагата по барање причини и објаснувања со основа за ваквите временски појави

Повод: Сѐ поекстремните временски неприлики во Македонија, во регионов и пошироко бараат одговори за вистинските основи за овие непогоди

Оној што го контролира времето ќе го контролира светот, изјави американскиот претседател Линдон Џонсон уште во 1962 година. Шест децении подоцна, луѓето се прашуваат дали постои некој што успеал во ова. Нестабилните временски услови проследени со силен дожд и ветер, како и со врнежи од крупен град, во повеќе наврати зафатија делови од Македонија, како и на Балканот, во изминатите неколку дена. А невремето што предизвика значителни материјални штети дополнително ја поттикна потрагата по барање причини и објаснувања за ваквите временски појави. Меѓу разните теории се актуализира и онаа за „вообичаениот осомничен“ – системот ХААРП (односно HAARP: High-frequency Active Auroral Research Program, т.н. високофреквентна програма за истражување на јоносферата на Универзитетот „Фербенкс“, Алјаска, САД).

Како ХААРП стана предмет на многу теории на заговор

Иако ХААРП првично беше замислен како научен проект насочен кон подобрување на разбирањето на Земјината обвивка – јоносферата, тој стана централна тема на голем број теории на заговор. Многумина веруваат дека ХААРП е многу повеќе од само научен инструмент и се користи за „манипулирање со времето“, предизвикување земјотреси, па дури и за контрола на човечкиот ум. Овие теории на заговор не се поткрепени со научни докази, но станаа многу популарни во јавноста.
ХААРП стана предмет на многу теории на заговор. Една од најчестите тврди дека овој систем може да се користи за манипулирање со метеоролошките услови, за предизвикување или засилување бури, поплави, урагани и други екстремни временски настани. Научниците велат дека енергијата на радиобрановите што ХААРП ја користи за проучување не е доволно силна за значително да влијае врз метеоролошките услови. Некои веруваат и дека ХААРП може да предизвика земјотреси насочувајќи ја енергијата во Земјината кора.
Друга теорија на заговор се занимава со можноста ХААРП да користи радиобранови за контрола на умот и манипулација со човечкото однесување, како и користење на овие бранови за спроведување експерименти за некоја идна специјална војна. Некои теоретичари на заговор го поврзуваат ХААРП со суперклеточни бури и поплави низ светот. А сомнителен им е и екстремно големиот град, во необична форма, кој во последно време ги пустоши нивите и овоштарниците во регионот.

Нема докази за теориите на заговор, заклучоците да се потпираат на научни докази за сѐ поекстремните временски услови

Екстремните временски услови, сепак, најмногу се резултат на природни фактори – промени во климата, атмосферски услови, географија и сезонски варијации, велат научниците. Климатските промени, предизвикани од зголемување на концентрацијата на стакленички гасови, како и високата влажност, атмосферската нестабилност и силните ветрови на различни надморски височини, придонесуваат за зголемување на зачестеноста и интензитетот на екстремните временски настани.
Иако ХААРП останува фасцинантна тема за теоретичарите на заговори, не постои научен доказ за да се поддржат тврдењата дека оваа програма е причина за глобалните временски промени и за појавата на суперклеточни бури, се согласуваат НАСА, НОАА (американската Агенција за океански и атмосферски опсервации), официјалната веб-страница на ХААРП, научни списанија и медиумски извори, како што се „Би-би-си“ и „Си-ен-ен“. Екстремните временски настани на Балканот, како и насекаде во светот, најверојатно се резултат на природните метеоролошки процеси и климатските промени. Важно е, тврдат тие, да се потпреме на научни докази и стручни објаснувања кога ќе се соочиме со вакви сложени прашања. Е.Н.М.


Кусо за програмата ХААРП

ХААРП е истражувачка програма дизајнирана да го проучува горниот слој на атмосферата на Земјата – јоносферата. Програмата започна во раните 1990-ти и се наоѓа во Гакона, во американската сојузна држава Алјаска. ХААРП е заеднички проект на американските воздухопловни сили, морнарицата и Универзитетот во Алјаска, со поддршка на одбранбениот концерн ДАРПА (Агенција за напредни истражувачки проекти за одбрана). Главниот инструмент на ХААРП е ИРИ (Инструмент за истражување на јоносферата), моќен високофреквентен радиопредавател што може да емитува сигнали во јоносферата. Целта на ова истражување беше да се разбере однесувањето на Земјината обвивка и нејзината интеракција со радиобрановите, кои може да имаат голем број корисни апликации, вклучувајќи комуникации, навигација и откривање проектили.