Погледнато преку актуелните состојби и анализирајќи ги забелешките во најновиот извештај на Европската комисија за Македонија, ниту се подобри владеењето на правото, ниту зајакна борбата со корупцијата, странските инвестиции ги нема, задолжувањата растат, а економијата не може да го издржи товарот на нереалните трошоци на државата. Дополнително, драстично порасна и бројот на млади луѓе што се иселиле од државата, така што апсурдно е да се говори за некаква бенефиција од зачленувањето во НАТО ако граѓаните не виделе никаква корист
Членството во НАТО требаше да ги
подобри состојбите во Македонија, но…
Меѓу клучните наративи за неопходноста од зачленување во НАТО беше безбедноста на државата, како и силната економска бенефиција што ќе ја добие земјата бидејќи безбедносниот елемент ќе биде клучен за странските инвеститори да ги донесат своите бизниси тука и на тој начин да овозможат нови работни места и заживување на домашната економија.
За разлика од економската преродба по влезот во НАТО на Бугарија, Романија и на Хрватска, но и на голем дел од источноевропските земји, Македонија не може да се пофали со некакви позначителни резултати. Имено, и по три и пол години членство во Северноатлантскиот сојуз нема никакви опипливи економски придобивки, како во поглед на странски инвестиции, директни или индиректни, така и во насока на ангажирање на македонските компании за потребите на НАТО.
Погледнато преку актуелните состојби и анализирајќи ги забелешките нотирани во најновиот извештај на Европската комисија за Македонија, единствената констатација што може да се извлече по три и полгодишното членство на земјава во Алијансата е дека состојбите се уште повеќе влошени. Имено, ниту се подобри владеењето на правото, ниту зајакна борбата со корупцијата, странските инвестиции ги нема, задолжувањата растат, а економијата не може да го издржи товарот на нереалните трошоци на државата. Дополнително, за овие три години драстично порасна и бројот на млади луѓе што се иселиле од државата, така што апсурдно е да се говори за некаква бенефиција од зачленувањето во НАТО ако граѓаните не виделе никаква корист.
Некои од експертите ја наоѓаат вината за тоа што Македонија недоволно го искористила членството во НАТО кај властите, кои не успеале да ја продадат безбедносната приказна надвор.
Универзитетскиот професор по уставно право и политички систем Александар Спасеновски смета дека Македонија треба многу повеќе да ги искористи придобивките од членството во НАТО на економски и на безбедносен план, следејќи ги искуствата на другите држави.
– Фактот дека центарот на регионалната турнеја на Столтенберг е официјално Скопје, тоа може да се толкува и како демонстрација на еден позитивен однос кон нас како држава, кој мора да се искористи – вели Спасеновски.
И другите соговорници сметаат дека многу малку е валоризирано членството на земјава во Алијансата.
– Некаква економска бенефиција не видовме. Очигледно оние што треба да одат надвор и да бркаат инвестиции не го прават тоа, а странците гледајќи како стојат работите кај нас со владеењето на правото и корупцијата, едноставно немаат желба да инвестираат тука, без оглед што земјава е во НАТО и има некакви безбедносни гаранции. Другите земји што влегоа во НАТО пред нас убаво го материјализираа тоа и затоа, еве, на пример, Романија постигна толкав економски бум. Инвестициите нема сами да дојдат и нема НАТО да ни ги донесе ако не ги средиме внатрешните состојби – категорични се соговорниците. С.Т.