Фото: ЕПА

„Еуропеан конзервативе“ на 11 февруари 2025 во една издржана и аргументирана анализа со низа сведочења и докази излезе со наслов „Новиот извештај покажува невидени нивоа на корупцијата во Франција“. „Во Франција се случува алармантен и невиден пораст на корупцијата. Од почетокот на претседателствувањето на Макрон досега 26 министри биле вклучени во разни политички и правни корупциски афери!“

Корупциските скандали го урнаа образецот со кој ЕУ се прикажуваше себеси како пример за принципиелност, демократија, владеење на правото… (3)

„Новиот извештај содржи загриженост, поради ’алармантното и невидено влошување’ на состојбата со корупцијата во Франција. Наодите го нагласуваат растечкото вклучување владини претставници, при што рекорден број министри, назначени од претседателот Емануел Макрон, се вклучени во случаи на корупција. Од почетокот на неговото претседателствување дури 26 министри беа вмешани во политички и правни корупциски скандали! Франција сега е во опасност да се најде меѓу државите што можат да ја изгубат контролата врз корупцијата“, се нагласува во анализата со наслов „Новиот извештај открива невидени рамништа на корупцијата во Франција“ на д-р Хелен Лаузун, која е објавена на 11 февруари 2025 година на информативниот портал „Еуропеан конзервативе“. Вџашувачки е фактот што, покрај Франција, и во „оазата на правото“ Германија, втората водечка земја членка на ЕУ, повеќе од десет години по ред се случуваат невидени корупциски афери и скандали, при што се делени провизии од по повеќе милиони евра на високи политичари и пратеници, за да „вршат влијание“ и „услуги“. Колосалната корупциска афера, наречена „Скандал со маски“ и „Аферата со консултанти“ во Министерството за одбрана, заедно со другите тешки и многубројни корупциски скандали од минатите години, го доведоа многу силно во прашање интегритетот на владата на Германија, правната држава и владеењето на правото во оваа земја. Корупциските скандали го урнаа образецот со кој ЕУ се прикажуваше себеси како пример за принципиелност, демократија, владеење на правото…

Франција ја губи контролата врз корупцијата?!

„Нова Македонија“ ја пренесува споменатата анализа на „Еуропеан конзервативе“, но и дел од пишувањата и од други реномирани медиуми во врска со обемот на јавната и политичката корупција во Франција. Укажувајќи дека нагло се „лизнал удолу“ во графиконите индексот за перцепција на корупцијата во Франција, кој го искажува невладината организација „Транспаренси интернешенел“ за 2024 година, „Еуропеан конзервативе“ истакнува: „Со пад од пет места во споредба со рангирањето од 2023 година, Франција сега е на 25-то место за 2024 година, десет места зад Германија. Ситуацијата е без преседан, откако индексот беше создаден во 1995 година. Досега, рангирањето на Франција беше во застој, но сега оваа земја е меѓу оние ‘што се изложени на можноста да ја изгубат контролата врз корупцијата’. Според ‘Транспаренси интернешенел’, ова влошување на ситуацијата со корупцијата е неразделно од политичката клима што преовладува во Франција денес. ‘Овој предупредувачки сигнал одразува пораст на нарушувањата на интегритетот во Франција во контекст на една институционална криза, која се создава’ – предупредува таа невладина организација во својот извештај“.

Политичките и правните корупциски афери во Франција силно ги дискредитираат државната управа и администрација меѓу Французите

Натаму „Еуропеан конзервативе“ посочува во својата анализа дека „принципот ‘шефот на државата треба да дава пример’ е особено поткопан, бидејќи Макрон често назначува луѓе на високи позиции во државата што се обвинети од судовите“. „Од 2017 година, откако Емануел Макрон дојде на власт како претседател, ‘не помалку од 26 министри се вмешани во политички и правни корупциски афери’ – открива извештајот на ‘Транспаренси интернешенел’. Ова предизвика силно чувство на дискредитирање на државната служба меѓу Французите. На почетокот на својот мандат претседателот Макрон ја имаше нагласено потребата јавните службеници да имаат интегритет, а секој министер што е под истрага да поднесе оставка. Меѓутоа, овој принцип е целосно напуштен, зајакнувајќи ја претставата меѓу Французите дека нивните лидери се неказниви!“, се наведува во споменатата анализа за корупцијата во оваа европска држава.
Според „Еуропеан конзервативе“, неодамнешните настани ги потврдиле заклучоците од извештајот на „Транспаренси интернешенел“. „Во Париз моментално се одржува судењето на поранешниот француски претседател Никола Саркози. Тој е обвинет дека примил измамнички исплати од Либија на Гадафи за финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година. Саркози категорично ги негира обвиненијата, а неговата одбрана се мачи да ги убеди судовите со она што ги смета дека се најнови докази за неговата невиност. Покрај тоа, тој е принуден да носи ‘електронска етикета’ со сигнализирање каде се наоѓа и поради пресуда во друг случај за корупција. Ова е првпат поранешен шеф на држава да добие ваква казна во Франција“.

Корупција од нивото на Уставниот суд до најниското административно ниво,
и меѓу полицајците во Франција

Споменатиот француски информативен портал споменува случаи како „вирее“ корупцијата во поглед и на други личности во врвот на француската држава. „Друг случај, што гo привлекува вниманието на јавноста е изборот на Макрон да го назначи Ришар Феран како шеф на Уставниот совет – едно од највисоките административни тела на француската држава. Феран беше обвинет од антикорупциското здружение ’Антикор’ за ‘нелегален судир на интереси’. Тој беше ослободен од судовите во 2021 година, но само поради застареност. Затоа, неговото име останува поврзано во француското јавно мислење со случај на корупција, во кој е вклучен близок соработник на претседателот Макрон – случај што никогаш не е суден во суштина. ’Новиот свет’ што толку страсно го промовираше Макрон во однос на назначувањата на чувствителни позиции – дека ќе дава пример, оти ќе одбива фаворизирање и политички пријателства – исто така исчезна од радарот“.
Таму покрај „високата корупција“ постои и „секојдневна корупција, со низок интензитет“ од типот „тебе-мене“ меѓу криминалците и полицајците во Франција! „Проблемот со корупцијата не е ограничен само на највисоките ешалони во државата. Како што открива ‘Франс инфо’, корупцијата ги погодува државните службеници на сите нивоа, а државните службеници на дното од скалата не се исклучок. Ова се нарекува ‘корупција со низок интензитет’, или ‘секојдневна корупција’. Честопати станува збор за полицајци, кои користат административни досиеја за да им обезбедат услуги на криминалците во замена за плаќање: издавање лажни документи; маскирање украдени автомобили; манипулирање со пломби во контекст на проверки против дрога – прекршоците се разновидни. Овие случаи се тешки за идентификување и генерално се откриваат случајно за време на истрага за посериозни прекршоци“, наведува „Еуропеан конзервативе“.
Во заклучокот на својата анализа порталот посочува. „Европските институции, што конзистентно ја осудуваат наводната раширена корупција на конзервативните унгарски или полски влади остануваат чудно тивки пред погрешните чекори на Франција“.

Свето Тоевски


Француските политичари поради корупција не ја гледаат експлозијата на корупцијата!

Францускиот информативен портал „Медијапарт.фр.“ во својата анализа со наслов „Бројот на случаи на корупција во Франција се дуплирал во последните осум години, вели официјален извештај“, објавена на 30 април 2025 година, посочува дека „најновите податоци од Министерството за внатрешни работи и француската Агенција за борба против корупцијата покажуваат огромен скок на корупцијата, во сите области, а политичарите ги кријат главите во песок“.
„Овој скок е особено поттикнат од бројот на случаи на корупција, кој речиси се дуплирал во тој период. Случаите на корупција, пријавени од полицијата и жандармеријата, продолжуваат да се зголемуваат, односно тие се зголемени за 8,2 проценти во 2024 година во споредба со претходната 2023 година. Во 2024 и 2023 година се случува експлозија на случаи на корупција, речиси двојно зголемени за осум години: од 167 прекршоци регистрирани во затворени случаи во 2016 година, Франција забележа 324 во 2024 година.Сепак, и покрај овие зачудувачки бројки и неодамнешните случаи на корупција со висок профил, во кои се вклучени истакнати личности, политичките лидери на Франција продолжуваат да го игнорираат ова прашање“, се истакнува во анализата на „Медијапарт.фр.“
Во таа анализа уште се наведува: „Во 2024 година се регистрирани 934 прекршоци поврзани со прекршување на чесноста, со зголемување во речиси сите категории (влијание и незаконски начин на дејствување, нелегален судир на интереси, фаворизирање…). Само случаите на корупција – казниви со десет години затвор – драматично скокнаа од 278 во 2023 година на 324 во 2024 година, иако авторите на студијата велат дека вистинскиот обем на проблемот е потценет. Второто најчесто кривично дело е незаконски судир на интереси (казнување пристрасност од страна на јавен службеник) – 199 во 2024 година – проследено со проневера на јавни средства – 168 во 2024 година“. Св.Т.