Ако навремено не се најде решение за остварување на правото на глас на сите граѓани што имаат важечки документ по датум, без оглед што е со старото име, тогаш се доведува во прашање легитимитетот на изборниот процес бидејќи станува збор за сериозна бројка гласачи на кои им е ускратено гласачкото право и со тоа директно се влијае врз изборните резултати
Уште еднаш за повеќедимензионалноста на кризата со личните документи
Последиците од Преспанската спогодба една по една почнуваат да излегуваат на површина, најпрво рефлектирајќи се во меѓународни рамки така што повеќе од 600 илјади македонски граѓани се спречени да излезат надвор од државата бидејќи имаат патни исправи со старото име, а сега и во внатрешни рамки, со проблематизирањето на гласањето на претстојните претседателски и парламентарни избори во земјава со старите лични карти.
Иако претходно властите убедуваа дека гласачкото право на ниту еден граѓанин не е загрозено и дека ќе може да се гласа и со лични карти на кои стои старото уставно име на кои не им е истечена важноста, сепак постојат одредени дилеми дали е тоа навистина така со оглед дека Преспанската спогодба како меѓународен договор е преточена во домашната легислатива, што значи дека и старите лични карти се невалидни, доколку Собранието не одлучи поинаку.
Како ќе се решава проблемот на македонските граѓани во земјава
Засега неофицијалните бројки со кои се оперира во јавноста се дека околу 100 илјади граѓани нема да имаат право на глас ако не се направат некакви законски интервенции, а на оваа бројка дополнително се придодаваат и лицата што наскоро ќе наполнат 18 години и имаат законско право да се стекнат со личен документ и да им се овозможи да гласаат, така што проблематично е правото да избираат и да бидат избирани на над 100 илјади луѓе во земјава.
Ако не се најде решение за ваквите состојби, тогаш легитимитетот на изборниот процес се доведува под прашалник бидејќи станува збор за сериозна бројка на гласачи на кои им е ускратено гласачкото право и кои имаат право да ја тужат државата за тоа пред Европскиот суд за човекови права. Дополнително, проблем е што со неможноста на одреден број граѓани да гласаат, директно се влијае и врз изборните резултати.
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, неодамна порача дека од Собранието зависи дали ќе се усвои предлогот на комисијата да се внесе преодна одредба со која ќе се овозможи на овие избори да се гласа и со старите важечки документи.
– Како ДИК до Собранието дадовме еден предлог, во Изборниот законик да се направи измена во која ќе има преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за да можат да гласаат сите граѓани. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието – рече Даштевски.
Бројката што ја изнесе и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски е над 100 илјади граѓани над 18 години што се резиденти во земјава, немаат лични карти, но имаат пасоши со важечки рок на траење, но кои се со старото име на државата. Според Тошковски, решение би можело да биде на овие граѓани да им се дозволи да гласаат со пасошите со старото име.
Од друга страна, народниот правобранител, Насер Зибери, пак, апелираше до институциите да ги лоцираат сите оние 100.000 лица што ќе се соочат со овој проблем на денот на гласањето и да им дадат приоритет при земањето нови документи до пред изборите.
– Дел од тие лица имаат патна исправа, но, за жал, со стар образец, што значи дека во согласност со постојната регулатива тие исправи се невалидни за учество во изборниот процес. Сметаме дека доколку Владата не преземе нешто, голем број граѓани може да бидат ставени во ваква деликатна ситуација – порача Зибери.
Од МВР веќе најавија дека од денеска ќе биде отворен нов пункт за вадење лични документи, кој ќе се наоѓа во рамките на Центарот за обука во Идризово, но повеќе од јасно е дека ниту со овие капацитети нема да може да се опслужат доволен број граѓани до денот на гласањето.
Она што би можело да биде излез од пат-позицијата, тоа е сепак законски да се интервенира и да се овозможи гласање на граѓаните и со старите лични карти што би важело за овој изборен циклус. Слична законска интервенција веќе беше изведена во македонското собрание кога се продолжи важноста на возачките дозволи до крајот на годината, така што со таква законска интервенција во Изборниот законик во никој случај нема да се наруши меѓународен договор.
За универзитетскиот професор и колумнист на „Нова Македонија“, Звонимир Јанкуловски, за ова што над 100 илјади луѓе се ставаат во позиција да не можат да го остварат своето гласачко право, всушност има низа индикатори дека е смислено сценарио и предизборен инженеринг што, ако остане вака, недвосмислено ќе влијае врз изборните резултати.
– Станува збор за сериозен број гласови со кои лесно може да се манипулира. Сега, за сето она за кое мислевме дека е резултат на неспособност, неажурност, незнаење на претходната власт, индицира дека се работело за некое смислено сценарио!? Она што беше презентирано од министерот за внатрешни работи, дека станува збор за 100.000 гласови што нема да може да бидат дадени во текот на изборите, укажува на тоа дека самиот изборен процес би бил компромитиран. Ама тој уште сега е компромитиран, а да не зборуваме кога ќе почне – констатира Јанкуловски.
Како ќе се решава проблемот на македонските граѓани во странство: На дијаспората никој повеќе не смета?!
Со голем проблем за гласањето на претстојните избори се соочуваат и нашинците што се во странство и кои имаат патни исправи со старото име на државата. Поради малиот персонален капацитет на амбасадите и недоволниот број обрасци, повеќе од извесно е дека голем број македонски граѓани што се на привремена работа во странство нема да можат да го остварат своето гласачко право бидејќи државата не им ги признава пасошите, ниту, пак, личните карти.
– И пасошот и личната карта ми се со старото име, Република Македонија. Во Италија сум на привремена работа и нема шанси навремено да ми ги сменат документите, така што може и без нив да останам. Апсурдно е сегашните пасоши само нашата држава да не ги признава, а да биде апсурдот уште поголем, македонски амбасадори да ги повикуваат и другите држави да не ги признаваат, како што беше случајот со нашиов амбасадор тука во Рим. Со вакви документи сигурно нема да ни дозволат да гласаме, а да се враќам во Македонија да поднесувам барање за нови документи засега не доаѓа предвид бидејќи не сакам да си ја загрозувам работата тука – вели Иван Васев, Македонец на привремена работа во Италија.
Со слични проблеми се соочуваат и нашинците во другите европски земји, кои се жалат дека нема да можат навреме да ги променат документите за да можат да гласаат.
Неодамна министерот за надворешни работи Бујар Османи направи мини-турнеја по ДКП-та низ некои европските центри, при што ги посети дипломатско-конзуларните претставништва во Минхен, Бон, Берн, како и конзулатот во Венеција, констатирајќи дека тешко ќе оди замената на документите пред октомври.
– Ќе треба да смениме нешто, доста луѓе сте, а ми кажуваат дека термините се до октомври и натаму. Некако да направиме на две смени, да ја донесеме станицата. Што ќе прават до октомври, како ќе се вратат – изјави неодамна Османи откако увиде дека дворовите на ДКП-та се преполни со луѓе што сакаат да извадат нови документи, а ниту има обрасци, ниту, пак, капацитет да се реализира тоа во следните три-четири месеци.
Решението за македонските граѓани што се во странство, а кои не можат навреме да добијат пасош со новото име, повторно е во некаква законска интервенција со која ќе се овозможи гласање во ДКП-та и со документите со старото име, но на кои рокот на важност не им е истечен. Тоа е единствениот начин илјадници сезонски работници и привремени иселеници да можат да го остварат правото на глас, во спротивно, и тие ќе бидат лишени да го дадат својот глас за политичката опција за која сметаат дека е најдобра за нивната земја. И тука не може да се занемари фактот дека со оневозможувањето на овие луѓе да гласаат, повторно се влијае врз изборните резултати.
Со ист проблем се соочуваат и македонските иселеници во Австралија, Америка и во Канада, кои немаат премногу надежи дека до 24 април работите ќе се променат.
– Вака како што сега стојат работите, нема да можеме да гласаме – одговори кратко Ицо Најдовски-Перин од Мелбурн.
Несомнено надлежните мора во претстојниот период во најкус можен рок да најдат решение како да им овозможат на граѓаните да го реализираат своето право на глас, кое им е со Уставот загарантирано, во спротивно сериозно ги загрозуваат основните човекови права за што Македонија, барем досега, беше најпозитивниот европски пример.