
Европските лидери се фокусираат на концептот на таканаречена „сила за уверување“ како централен столб на безбедносни гаранции што Европа ќе ги обезбеди за повоена Украина, но отсуствуваат детали за нивните планови, кои се обележани со интерна колебливост, но и скептицизам од експертите за воени прашања. Идејата за „сила за уверување“ првпат ја изнесе францускиот претседател Емануел Макрон на почетокот на 2024 година, што тогаш наиде на поддршка од неговиот британски колега Кир Стармер
Низа предлози за безбедносни гаранции за Украина по средбата во Вашингтон
Самитот на американскиот претседател Доналд Трамп со европските лидери во понеделникот во Вашингтон предизвика бран дипломатски активности за предлагање безбедносни гаранции пред трилатералниот состанок САД–Русија–Украина, кој потенцијално ќе се одржи во следните две недели.
Европските лидери се фокусираат на концептот на таканаречена „сила за уверување“ како централен столб на безбедносни гаранции што Европа ќе ги обезбеди за повоена Украина, но отсуствуваат детали за нивните планови, кои се обележани со интерна колебливост, но и скептицизам од експертите за воени прашања. Идејата за „сила за уверување“ првпат ја изнесе францускиот претседател Емануел Макрон на почетокот на 2024 година, што тогаш наиде на поддршка од неговиот британски колега Кир Стармер. Тој предлог се залагаше за помалку од 30.000 војници, со фокус на воздушна и поморска одбрана, а извесно е дека кормилото на секоја таква иницијатива би им било доверено на Европа и нејзината Коалиција на подготвените.
– Таквата сила веројатно би барала десетици илјади војници на терен во секое време, што претставува значајна обврска што европските држави би се мачеле да ја одржат сами – изјави Натија Сескурија, експертка за воени науки во британскиот аналитички центар РУСИ.
Пристапот на „блеф и молитва“ би бил неодговорен
Бидејќи малите единици за следење на прекинот на огнот во Украина веројатно се недоволни за одбивање евентуален обновен руски напад, европските сили што обезбедуваат демилитаризирани зони и ја штитат критичната инфраструктура би биле поверодостојни, објасни Сескурија.
Сепак, дури и сценариото за релативно мала бригада од околу 10.000 војници би можело да ги одврати руските сили со самото присуство, наведе британскиот аналитички центар ИИСС во март.
Работен труд на германскиот Институт за меѓународни и безбедносни студии предупредува дека таквиот „пристап за ’блефирање и молитва’, кој распоредува премалку војници и во суштина се потпира на надежта дека Русија нема да го тестира, би бил неодговорен и би ја зголемил веројатноста за војна во Европа“.
Земајќи го како шаблон американскиот ангажман во надзор на демилитаризираната зона на Јужна Кореја со Северна Кореја, следењето на границата меѓу Русија и Украина од 2.300 километри, или дури само на фронтовската линија од 900 километри, обезбедувањето на мирот во Украина би било огромна задача, која бара помеѓу 40 и 150 илјади луѓе, според авторите Клаудија Морс и Арнолд Клеман.
Гаранциите од САД остануваат клучни
Американскиот претседател Доналд Трамп ја исклучи можноста за американски трупи во Украина, но безбедносните гаранции на САД сѐ уште се клучен фактор. Наместо тоа, Трамп очекува Европејците преку таканаречената Коалиција на подготвените (составена од 30 држави) да испратат војници на терен, а САД веројатно „да им помогнат со воздушна поддршка“.
– Најверојатниот аранжман би вклучувал сили за уверување распоредени од Коалицијата на подготвените, дополнети со континуирано споделување разузнавачки информации, воздушна поддршка и воена помош од САД – рече Сескурија.
Иницијатива предводена од НАТО или ОН исто така не изгледа можна, бидејќи консензусот за членство е отсутен за првата, а правото на вето на Русија може да ја блокира втората.
– Секој чекор што би бил доволен за уверување на Украина веројатно би се сметал за провокативен и неприфатлив за Русија – објасни Марк Канкејн од американскиот аналитички центар ЦСИС.
Кремљ ја исклучи можноста за испраќање трупи на НАТО на украинска територија, дури и кога европските сојузници разгледуваат поширок план што би комбинирал обука, засилување и мултинационални сили за консултации со американското разузнавање, граничниот надзор и евентуално воздушната одбрана. Р.С.
Околу десет европски земји се подготвени да испратат војници во Украина
Пакет со безбедносни гаранции за Украина би можел да биде финализиран уште неделава, а европските лидери брзо ќе дејствуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп сигнализираше поддршка за планот, објави американски „Блумберг“, наспроти информациите дека постои силно двоумење во европските држави за нивно воено присуство во Украина.
Иницијативата предвидува распоредување европски војници како дел од потенцијален мировен договор за одвраќање понатамошни руски воени дејства, што беше дискутирано за време на самитот во Белата куќа во понеделникот.
Разговорите меѓу европските претставници следниот ден се фокусираа на предлозите за испраќање војници од Обединетото Кралство и од Франција во Украина, заедно со контингенти од околу 10 други земји, изјавија за „Блумберг“ извори запознаени со ова прашање. Дискусиите ги опфаќаа големината и позиционирањето на силите, иако учеството на САД во гаранциите останува неизвесно. Засега, Обединетото Кралство и Франција се означени како предводници на европските држави што се подготвени да испратат трупи во Украина, меѓу кои се спомнуваат и Данска, Шведска, Холандија, Шпанија, Португалија и балтичките земји. Наспроти нив, Полска, Унгарија, Словачка, Грција и Хрватска се против можноста за испраќање трупи, според изјавите од тамошни претставници на власта. Германија допрва треба да донесе одлука, додека засега во изјаснувањето се претпазливи Австрија и Италија.
Се очекува европските воени команданти да се сретнат со своите американски колеги во наредните денови за да го координираат она што британската влада го опиша како „силни безбедносни гаранции и подготовки за распоредување сила за уверување ако престанат непријателствата“. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека условите на гаранциите ќе бидат договорени „во наредните денови, можеби неделава“. Р.С.
Русија инсистира да биде вклучена во меѓународните разговори за безбедноста на Украина
Официјална Москва соопшти дека мора да биде дел од сите меѓународни разговори за безбедноста на Украина, пренесуваат светските медиуми. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров завчера изјави дека Москва мора да биде вклучена во сите разговори за безбедносните гаранции на Украина, отфрлајќи ја европската дипломатија како „агресивна ескалација“ и „несмасна иницијатива за убедување на американскиот претседател Трамп“.
– Сериозно да се дискутираат безбедносните гаранции без Русија е пат кон никаде – рече Лавров за време на работна посета на Јордан.
Лавров исто така рече дека Кина треба да биде меѓу безбедносните гаранти на Украина, оживувајќи го предлогот што првично го изнесоа руските преговарачи за време на разговорите во Турција уште во 2022 година. Р.С.