Фото: Принтскрин

Расветлување некои аспекти од надворешната политика на Франција што негативно ја тангираат Македонија

  • Веќе се осврнавме на Предлог-резолуцијата за заедничките државни и национални позиции околу евроинтегрирањето на С. Македонија, за која се разговарало на 9 септември во Париз со политички личности што се дел од поширокиот или од поблискиот тим на францускиот претседател Емануел Макрон. Меѓу нив е и специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ, кој е дел од потесниот „балкански тим“ на Макрон. Дали Французите беа консултанти и инструктори или се автори на Предлог-резолуцијата за промена на македонскиот устав? Дали Французите продолжуваат со својата потрага „по правда за бугарските барања“, според теркот на Макрон?! Доколку официјален Париз се смета за сериозен и одговорен глобален играч, тогаш има обврска да даде одговори пред светската, но и македонската јавност, за тоа која е неговата улога во врска со овој предложен документ…

Франција е државата од која Македонија го доби катастрофалниот француски предлог и која во 2022 година целосно застана зад Бугарија во нејзиниот спор за постоењето на македонската етничка и јазична засебност на Балканот. Лично францускиот претседател Емануел Макрон на 23 јуни 2022 година ќе истапи целосно во улога на „бугарски адвокат“ и ќе побара „правда за бугарските барања“, велејќи покрај другото: „Уште една земја (Бугарија) со задоцнување побара промени (на Уставот), меѓутоа ЕУ не може да се преправа дека тие не постојат!“
Највисоките претставници на бугарската држава истапуваат веќе неколку години со барањето за уставни промени и во него е главен изразот „бугарски државотворен народ во Македонија“. Внесувањето на „бугарскиот државотворен народ“ во преамбулата на македонскиот устав, според истакнати светски политички експерти, чии аргументи ги објавивме вчера, би значело, во согласност со меѓународното право, да добијат „право на самоопределување сѐ до отцепување“. Затоа на пример во една Шпанија и Словачка, земји членки на ЕУ со мултиетничко население, не се ни помислува етничките малцинства или етничките групи (Бугарите воопшто не се тоа во Македонија) да можат да добијат уставно признаен статус како „државотворен народ“, како што бара Бугарија за 3.504 Бугари во Македонија.

Какви цели се кријат зад француската Предлог-резолуција?

Веќе се осврнавме на Предлог-резолуцијата за заедничките државни и национални позиции околу евроинтегрирањето на С. Македонија, за која се разговарало на 9 септември во Париз со политички личности што се дел од поширокиот или од поблискиот тим на францускиот претседател Емануел Макрон. Меѓу нив е и специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ, кој е дел од потесниот „балкански тим“ на Макрон. Дали Французите беа консултанти и инструктори или се автори на Предлог-резолуцијата за промена на македонскиот Устав? Дали Французите продолжуваат со својата потрага „по правда за бугарските барања“, според теркот на Макрон?! Официјален Париз е должен да даде одговори пред македонската јавност за тоа која е неговата улога во врска со овој предложен документ…
На 9 септември во Париз се разговарало со членовите на тимот на Емануел Макрон за споменатата Предлог-резолуција, која со „директивите“ (читај: наредбите, само чии?!) да се внесат „бугарските државотворци“ најдоцна до 10 февруари 2026 година не само што е во целосна спротивност со автентичните државно-национални интереси на Македонија и на македонскиот народ туку споменатата Предлог-резолуција за операцијата „бугарски државотворен народ во македонскиот устав“ авторот на овие редови ја означува како „Француско-бугарска резолуција“ и како нова „бугарска алатка“ за прогласување на Македонија како „втора бугарска држава во Балканот“.

Долгогодишни безобѕирни француски мешања во внатрешните работи на други држави

Но исто така голема дилема е дали со споменатата Предлог-резолуција Франција се обидува да интервенира и во Македонија, во обид да ја забрза постапката за менување на нејзиниот устав. Франција повеќе од десет години се соочува со остри реакции низ светот дека таа како држава и нејзиниот претседател Макрон „безобѕирно се мешаат во внатрешните работи на други држави и се обидуваат да влијаат врз политичките случувања во Европа“. Новинската агенција „Ројтерс“ на 28 септември годинава извести дека Павел Дуров, милијардерот основач на апликацијата за пораки Телеграм, во неделата ја обвини француската агенција за разузнавање оти „побарала преку посредник да цензурира некои канали на Телеграм, за да спречи молдавски гласови“. Поедноставно кажано, Франција е обвинета дека се вмешала и повлијаела врз молдавските избори која партија да победи.
„Ројтерс“ објави: „Молдавците гласаа на парламентарните избори во неделата, кои би можеле да имаат големо влијание врз обидот на владата да ѝ се приклучи на Европската Унија, бидејќи проруската опозициска група се обидува да ја оддалечи нацијата од поблиски врски со блокот. Дуров во мај годинава рече дека шефот на француската агенција за надворешно разузнавање го замолил да ги забрани и романските конзервативни гласови пред изборите таму. Таа француска агенција тогаш го негираше тоа“. „Ројтерс“ ја цитира и следната изјава на Павел Дуров: „Франција се обидува да ги замолчи мислењата што не ѝ се допаѓаат. Франција се обидува да влијае врз политичките случувања во Источна Европа….“
Радиото „Франс интернационал“ на 22 септември 2022 година извести дека „официјален Техеран остро го осуди и го отфрли мешањето на француското министерство за надворешни работи и некои француски функционери во внатрешните работи на Иран, откако изразија поддршка за оние што протестираат поради смртта во притвор на младата Курдка Махса Амини, уапсена од иранската полиција за моралност. Министерството за надворешни работи на Иран додаде дека француските власти се домаќини на групи што биле директно вклучени во немирите во Иран во текот на годините“, објави тогаш францускиот медиум.
Францускиот весник „Ле монд“ на 7 јануари 2025 година информираше дека „Алжир ја отфрли изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за дисидентот и француско-алжирски писател Буалем Сансал како безобѕирно и неприфатливо мешање во внатрешните работи на Алжир“.
– Емануел Макрон изјави дека Алжир „се обесчестува себеси“ со тоа што го држи Буалем Сансал зад решетки под обвинение за национална безбедност. Сансал претходно ги критикуваше алжирските власти и беше уапсен на аеродромот во Алжир во ноември, и покрај повиците од Париз за негово ослободување. Во својот одговор алжирското министерство за надворешни работи рече дека ги осудува и ги отфрла коментарите на Макрон, оти се очигледно и неприфатливо мешање во внатрешните алжирски работи – напиша „Ле монд“.
Своевремено и Турција и Кина реагираа поради мешањата на Франција во нивните внатрешни работи, поради „работи што не им се допаѓале на официјален Париз“ и на Емануел Макрон. Но нештата забрзано се менуваат, особено оваа година, и светски експерти и аналитичари веќе констатираат дека „политичкото наследство на Макрон во француската надворешна политика е на крајот“, како и на можностите „Франција да изигрува колонијален полицаец во Африка“.
Партијата Национален собир на Франција, чии лидери Марин Ле Пен и Жордан Бардела имаат сѐ посериозни шанси да го симнат Макрон од претседателската позиција на изборите во 2027 година, се залага за „многу поурамнотежена“ надворешна политика на Франција, без интервенирања во други држави.
Дали е дојдено времето и македонските политичари да започнат да го фаќаат чекорот со времето и со новите правци во француската надворешна политика, која има сѐ поголеми шанси да биде ослободена од болеста наречена „мешање во надворешните работи на други држави“?


Последиците од бугарско-француската непринципиелна колаборација

Франција одигра клучна улога во градењето
на ЕУ-консензусот за преговарачката рамка за Македонија!

Стратегиското партнерство меѓу Франција и Бугарија било причината зошто францускиот претседател Емануел Макрон и неговите најблиски соработници толку многу се ангажирале за усвојувањето, многу поточно кажано, за наметнувањето на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија да биде усвоен во корист на официјална Софија..
На 3 јуни годинава бугарското министерство за надворешни работи објави пишуван материјал со наслов „Георгиев: Бугарија се потпира на Франција и ЕУ за ригорозно почитување на критериумите за пристапување за земјите кандидатки“, кој фрла светлина врз многу аспекти на исклучително блиските политички односи и соработката меѓу Макронова Франција и Бугарија врз грбот на Македонија и затоа „Нова Македонија“ го пренесува во интегрална верзија овој текст на бугарското министерство за надворешни работи.
Во него се наведува: „Односите меѓу Бугарија и Франција се темелат врз меѓусебна доверба и разбирање. Франција е еден од нашите најважни партнери и стратегиски сојузници, со кого одржуваме активен дијалог и соработка на сите нивоа во области од заеднички интерес, како билатерално, така и во рамките на ЕУ и НАТО“. Ова го изјави министерот за надворешни работи Георгиев за време на средбата со неговиот француски колега Жан-Ноел Баро. Двајцата разговараа во Министерството за Европа и надворешни работи на Франција во Париз.
Георгиев ја изрази својата благодарност за цврстата поддршка на Франција за пристапувањето на Бугарија и во ОЕЦД и во еврозоната. Тој ѝ се заблагодари на Франција за клучната улога што ја одигра за време на нејзиното претседателство со Советот на Европската Унија во 2022 година во обликувањето на европскиот консензус, што овозможи усвојување на преговарачката рамка за С. Македонија.
– Проширувањето на ЕУ е ефикасен инструмент за обезбедување стабилност, безбедност и просперитет во нашето соседство и во таа смисла е од стратешко значење и за Бугарија и за целата Европска Унија – изјави министерот Георгиев.
Според него, важно е принципот на индивидуална заслуга, заедно со строгото исполнување на критериумите за членство и утврдените условености, да остане централен во процесот на проширување.
– Бугарија се потпира на Франција и сите земји членки на ЕУ да се придржуваат кон овие принципи во нивниот пристап кон земјите кандидатки за Унијата – додаде бугарскиот министер за надворешни работи.
Министерот Георгиев изрази надеж дека ажурираната мапа на патот на бугарско-француското стратегиско партнерство, првично потпишана во 2008 година, ќе биде потпишана наскоро.
– Финализирањето на овој стратегиски важен документ за нашето партнерство дополнително ќе ги зајакне билатералните односи, збогатувајќи ги со нова содржина во многу области на соработка – истакна министерот Георгиев.
Бугарскиот врвен дипломат упати покана до својот француски колега да ја посети Бугарија по повод потпишувањето.
Двајцата министри за надворешни работи разговараа за позитивниот моментум во трговските и економските односи меѓу двете земји и се согласија дека постои потенцијал за повидливо присуство на француски компании и инвеститори во Бугарија, како и за поактивна соработка во области како што се вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста и центрите за податоци, особено во светлината на водечката улога на Франција во овие области. Заедничките активности во областите на воено-техничката соработка и енергетиката исто така беа истакнати како особено важни елементи на билатералната соработка, се наведува во споменатиот материјал што го објави бугарското министерство за надворешни работи.

Свето Тоевски