Доналд Трамп - Фото: ЕПА

Средба меѓу лидерите на САД и Израел во Белата куќа во Вашингтон

Подарокот со кој израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го изненади својот домаќин, претседателот на САД, Доналд Трамп, всушност изненади малкумина во јавноста, но во Белата куќа беа пријатно изненадени.
Имено, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, му ја предаде на Трамп формалната/официјалната номинација со која американски претседател се номинира за Нобеловата награда за мир, преку дописот што ќе биде пратен до Комитетот за избор за Нобелова награда во Осло.
– Тој создава мир, додека ние зборуваме – рече Нетанјаху, покажувајќи кон Трамп за време на средбата во Белата куќа.
– Многу ви благодарам, не го знаев ова, вау! – со силен восклик на пријатна воодушевеност реагираше видливо трогнатиот претседател на САД.
Продолжението од средбата меѓу највисоките државни функционери на САД и Израел, трета посета на Нетанјаху во Белата куќа додека е Трамп претседател во втор мандат, донесе и разговори во врска со прекин на воениот судир во Појасот Газа.
Имено, претседателот на САД тврдел дека „Хамас сака прекин на огнот“, при што биле разгледувани различни „механизми за спроведување прекин на огнот, можен договор за нова размена на заробеници, како и начини за воспоставување траен мир“. Израелскиот премиер, според медиумите, ја прифатил топката за разговор на тие теми, но сѐ уште има тврди ставови во врска со воспоставувањето палестинска држава, при што додал дека „Израел ќе ја задржи безбедносната контрола во Појасот Газа засекогаш“. Р.С.