Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експертите со кои разговаравме аргументирано тврдат дека има повеќе можности драстично да се намали потребата од задолжувања! На пример, буџетот да се погледне во целина, бидејќи простор за фискална консолидација постои и на страната на приходите и на страната на расходите. Имено, кај приходите тоа е големиот обем на сивата економија, од која буџетот може, но не наплатува приходи, а доколку ги наплатува, тоа драстично ќе ја намали потребата од задолжувања. Кај расходите, тоа се неефикасноста и непродуктивноста на многу расходни ставки

Новото задолжување на државата како повод

Државата се задолжи над 80 милиони евра на домашниот пазар. Издаде две државни обврзници, едната петгодишна, другата петнаесетгодишна. Вредноста на првата изнесува 24,2 милиони евра, а каматата што ќе им се даде на инвеститорите е 4,2 отсто. Втората е со двојно повисока сума, 57,4 милиони евра, но и повисока камата, односно 5,6 отсто. Номиналната вредност на една обврзница изнесува 10 илјади денари.
На даночниот календар за овој месец има уште едно задолжување на домашниот пазар, со издавање граѓански обврзници. Износот ќе зависи од интересот на граѓаните за оваа обврзница, а каматата се очекува да биде иста како претходните две, односно околу 5 отсто.
Инаку, државата планира да издава по две нови обврзници секој нареден месец до јуни, за кога е закажана уште една, дополнителна емисија на граѓански обврзници.
Според податоците од Министерство за финансии, овој месец државата треба да врати речиси 100 милиони евра стари долгови.

За што се трошат парите од задолжувањата

Во врска со тоа за што ќе се трошат парите од новото задолжување, од Министерството за финанси велат дека станува збор за редовно, планирано задолжување, со цел да се обезбедат пари од дома по поповолни услови отколку од надвор, имајќи предвид дека каматите на меѓународните пазари сѐ уште се високи.
– Интенцијата на Министерството за финансии во овој период е обезбедување на средствата по поповолни услови на домашниот пазар, имајќи ги предвид сите високи каматни стапки на меѓународните финансиски пазари. Министерството ќе продолжи со прудентно управување на јавниот долг и обезбедување на средствата за предвидените програми преку инструментите што се со најнизок трошок – велат оттаму.
Но, според податоците, може да се види дека паралелно со новото задолжување, изминативе денови државата требала да врати над 26 милиони евра. А за дваесетина дена достасува и нов долг, кој исто така треба да се расчисти. Додека, пак, во април, мај и јуни ќе достасаат за враќање над 143 милиони евра.
Државата планира да собере и нови пари од граѓаните. Според податоците на Министерството за финансии, месецов треба да биде објавена и нова граѓанска обврзница, а исто така и во јули. Досега беа издадени две вакви обврзници. Првата во јули лани, а другата пред крајот на минатата година. Тие се со каматна стапка од 5 отсто. И со двете државата успеа да собере повеќе пари од граѓаните отколку што се планираше.

Непродуктивни трошења на јавни пари има многу

Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, тоа се регуларни задолжувања и раздолжувања на државата во контекст на финансирањето на буџетските потреби, во случајов преку задолжување на домашниот пазар.
– Доколку го погледнеме календарот за ДХВ, ќе видиме дека такви се предвидени повеќе во текот на година, за повеќе рочности на државните хартии од вредност. Како такво, кај ова задолжување нема ништо проблематично. Ние треба буџетот да го погледнеме во целина, бидејќи простор за фискална консолидација постои и на страната на приходите и на страната на расходите. Кај приходите, тоа е големиот обем на сивата економија, од која буџетот може но не наплатува приходи, а доколку ги наплатува, тоа драстично ќе ја намали потребата од задолжувања. Кај расходите, тоа се неефикасноста и непродуктивноста на многу расходни ставки – објаснува Петрески.
Како што укажува тој, имаме агрегатни ставки што не знаеме точно што содржат, а имаме и ставки што навидум изгледаат во ред, но доколку се тргне да се проценува нивниот мултипликатор, односно за еден вложен денар колку денари тие генерираат во економијата, тогаш ќе се види дека тој е под прагот на исплатливоста на таквите трошења.
– Да илустрирам со голем број плаќања во делот на државната помош, на пример, за фирми што направиле инвестиции, а за кои постојат емпириски докази дека ефектите од државната помош се минимални или не постојат, додека она што го гледаме се ефекти од инвестицијата што била направена пред да се додели државната помош. Такви непродуктивни трошења на јавни пари има редица други – нагласува Петрески.

Како може да помогнат реформите во јавната администрација?

Универзитетскиот професор Зоран Ивановски вели дека задолжувањето на државата на домашниот финансиски пазар преку емисија на должнички хартии од вредност е пазарен инструмент со кој се обезбедуваат целосно пазарно детерминирање на каматната стапка и пазарно финансирање на буџетските потреби.
– Корист од истите тие секако имаат и инвеститорите, кои добиваат безризичен инструмент за инвестирање со поволна стапка на принос. Разликата во каматните стапки се должи на рочноста на обврзниците. Државата ги користи собраните средства за финансирање на дефицитот во буџетот, како и за одржување на ликвидноста на буџетот, сосема слободна да ги аплицира за планираните буџетски расходи – истакнува Ивановски.
За фискална одржливост на јавните финансии, тој смета дека Министерството за финансии изработува и донесува стратегија за фискална консолидација, со која се детерминираат износите на дефицити по години (обично 3-5 години) и се детерминираат изворите на финансирање.
– Останува впечатокот дека за посериозна фискална консолидација треба да се започне од реформи во јавната администрација и намалување на бројот на вработените, поголема рационализација на несуштинските расходи во буџетот и зголемување на транспарентноста и отчетноста на буџетските расходи. Само на таков начин ќе се креира перцепцијата кај јавноста за долгорочна стабилност, економичност и одржливост на јавните финансии – посочува Ивановски.
Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа и академик Абдулменаф Беџети укажува дека проблемот не е само во висината на долгот туку во тоа за што се искористени парите од задолжувањата, бидејќи со непродуктивни трошења Македонија од поодамна е во опасна зона на задолженост, така што ќе мора да се фокусираме на приоритетни и капитални проекти.