Една од ретките фотографии на професорот Де Бреј за време на интервју за Македонската телевизија / Фото: Принтскрин

Од историските архиви: 32 години од смртта на Реџиналд де Бреј, светски познат лингвист, славист и македонист

„По иронија на историјата, народот чии претци им го дадоа на Словените првиот книжевен јазик беше последниот народ на кого му беше признат неговиот јазик како современ јазик, како засебен словенски јазик, различен од соседниот српски и бугарски јазик“, запиша светски познатиот лингвист, славист и македонист Реџиналд де Бреј во својата позната научна студија со наслов „Водич на словенските јазици“, која е отпечатена во Лондон во 1951 година. Со ова тој уште пред 74 години целосно ги поби сите бугарски фалсификати дека „македонскиот јазик бил измислен од Тито и создаден во 1944/1945 година“, оти, наводно, немал никакви корени претходно во минатото и историјата. Де Бреј ги разобличил и бугарските и другите фалсификати во врска со Светите Кирил и Методиј и историографски го аргументирал нивниот придонес кон македонската и сесловенската писменост и култура во Европа. Во „Водичот на словенските јазици“ на околу осумдесет страници со научни аргументи и факти тој се осврнал на развојниот пат на македонскиот литературен јазик, на неговата граматиката, како и на прашањата сврзани со (не)признавањето на македонскиот јазик. Овој меѓународен македонист во ова свое дело оставил импозантно научно сведоштво за автентичноста и засебноста на македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет, фрлајќи ги во вода сите бугарски, грчки и други негирања на овие суштински идентификациски белези на македонскиот народ. Денес се навршуваат 32 години од неговата смрт и ова е соодветна пригода за ново навраќање кон личноста и научното творештво на овој голем пријател на Македонија и македонскиот народ, за да се укаже повторно на неговиот траен придонес кон македонскиот јазик и култура. Де Бреј останува запаметен со својата научна дејност како еден од меѓународно признаените и големи слависти во своето време, чии студии за славјанските јазици ја поставија основата на академските институции во целиот свет. Тој беше еден од неколкуте слависти што беа познати и почитувани на „Харвард“, „Оксфорд“ и „Сорбона“, како и во Москва, Белград, Софија и во Скопје. Со оглед на сево ова нема да погрешиме ако го означиме овој научник и како светски мисионер и афирматор на македонскиот јазик и идентитет.

Први контакти со македонскиот јазик и култура уште во 30-тите години од минатиот век

Реџиналд Џорџ Артур де Бреј е роден во Санкт Петербург во Русија во 1912 година. Тој бил угледен славист, поет, македонист, научник. Студирал во Англија, каде што докторирал во Лондонскиот универзитет на тема од областа на фонетиката на српскохрватскиот јазик. Бил професор по руски јазик во Лондонскиот универзитет, на Факултетот за славистички и источни студии. Потоа предавал на Универзитетот во Мелбурн и на Австралискиот национален универзитет во Канбера. Од 1974 година бил член соработник на Австралиската академија за хуманистички науки. Основач е на Катедрата за руски јазик на Монашкиот универзитет. Се пензионирал како професор по руски јазик на Австралискиот национален универзитет во 1977 година.
Професорот Реџиналд де Бреј ја посетил Македонија во триесеттите години од минатиот век уште кога бил студент. Дошол во Скопје во време кога Македонија за тогашните српски власти претставувала „Јужна Србија“. Но младиот Де Бреј во текот на својот престој во Македонија непоколебливо се уверил во посебностите на македонскиот јазик, бидејќи се сретнал со јазик што не бил ниту српски, ниту бугарски, ниту грчки, туку посебен јазик. Ова за него било значајно научно откритие. Тој јазик што тој го слушнал пред војната стана познат и признаен како посебен јазик во новата македонска држава.
Љубопитниот научник Де Бреј пројавува голем интерес за јазикот во Македонија и прави опис за него врз основа на граматиката на Круме Кепески. Потоа овој материјал во вградува во својата студија „Водич на славјанските јазици“. Во неа дава опис за сите посебни славјански јазици: започнал со стариот црковнословенски јазик, сè до сите јужнословенски, западнословенски и источнословенски јазици. Посебно, дури на 80 страници, образложува дека македонскиот јазик е еден од овие јазици и ги има сите посебности на другите славјански јазици.

Де Бреј: „Македонците, иако беа угнетени, ги зачуваа својот национален идентитет и својата културна и уметничка индивидуалност“

„Нова Македонија“ објавува дел од најважните и клучни согледувања на Де Бреј за македонскиот јазик, идентитет и култура од неговиот „Водич на словенските јазици“. „По иронија на историјата, народот чии претци им го дадоа на Словените првиот книжевен јазик беше последниот народ на кого му беше признат неговиот јазик како современ јазик, како засебен словенски јазик, различен од соседниот српски и бугарски јазик…. Македонскиот народ беше поделен меѓу три соседни земји и сè уште има околу 250 илјади Македонци и во Грција и во Бугарија. Македонците, иако се поделени и мали по број, иако се и економски и политички експлоатирани, тие сепак успеваат да ги зачуваат своите посебни дијалекти и култура… Нивните поети и научници, како што се браќата Миладиновци во деветнаесеттиот век, Блаже Конески, Васил Иљоски и Крум Тошев во денешно време, како и научници од Русија и Западна Европа, како што се А.М. Селишчев, А. Мазон и А. Вајан, собрале многу прекрасни народни песни и восхитувачки народни приказни, кои претставуваат богатства на фолклорот, зачувани од народот. Мелодиите на нивните песни според својата убавина и суптилност, се споредуваат со било кои на Балканот, кој е еден од најбогатите региони во Европа во овој поглед. Така, Македонците, иако угнетени и сиромашни, го зачувале својот национален идентитет и својата културна и уметничка индивидуалност“, истакнува овој македонист во „Водичот на словенските јазици“
Но Реџиналд де Бреј во своите трудови има пројавено интерес за изучување на областите од повеќе словенски јазици и литератури, како што се српскохрватскиот акцент, руската фонетика и фразеологија, стилистиката на словенските јазици, на словенската поезија и друго. Цели осум години професорот Реџиналд де Бреј работел и врз еден опширен македонско-англиски толковен речник во соработка со Институтот за македонски јазик во Скопје, особено со Трајко Стаматовски, Благоја Корубин и Тодор Димитровски, кој го подготвувал соработувајќи и со д-р Питер Хил и други соработници од Австралија.
Покрај неговото капитално дело „Водич низ словенските јазици“, во кое рамноправно со другите словенски јазици е претставен и македонскиот јазик, Де Бреј ја задолжи македонската култура и со своите преводи на поезијата на Радован Павловски на англиски јазик. Дел од тие преводи објави во Австралија во книгите „Слободна песна од Железна Река“ (Канбера, 1983) и „Пат за в планина“ (Канбера, 1985). Но Реџиналд де Бреј преведувал поезија и од Анте Поповски, а и самиот пишувал поезија. За своите заслуги кон македонистиката и кон македонскиот народ, професорот Де Бреј беше избран за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав. Тој беше и почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.

Фотографија од книгата на Де Бреј, водич во словенските јазици од 1951 година, и на страницата за македонски јазик и идентитет