Експертите посочуваат дека изложеноста на сина светлина, особено од екраните на паметните телефони и таблет-компјутерите, во денешно време можеби е најважниот и најраспространет фактор што може да влијае врз квалитетот и должината на спиењето
Сѐ повеќе граѓани се јавуваат жалејќи се на несоница
Сѐ повеќе луѓе страдаат од несоница, што делумно се должи на стресниот начин на живот, но и на многу други фактори, како што е зголемената употреба на различни уреди со екрани, а проблемот со спиењето доаѓа до израз и при високите летни температури. Се проценува дека во светот околу 30 отсто од возрасното население страда од несоница, а околу 10 отсто од хронична несоница.
Несоница: Краткотрајна несоница, хронична несоница…
Несоницата се дефинира како вообичаено нарушување на спиењето што може да го отежне заспивањето или останувањето во сон, притоа може да направи да се чувствуваме уморни кога ќе се разбудиме, а може да го намали нивото на енергија и да влијае на нашето расположение и здравје. Многумина повремено се соочуваат со краткотрајна несоница, која може да трае со денови или недели, што најчесто е последица на стрес или на вознемирувачки настани во животот.
Други, пак, имаат проблеми со долготрајна или хронична несоница, која може да трае со месеци или дури со години.
Проблемите со спиењето може да предизвикаат сериозни здравствени последици, вклучувајќи зголемен ризик од дијабетес, хипертензија, срцеви заболувања и мозочен удар, а исто така може значително да влијаат на продуктивноста на работата и квалитетот на животот.
Теоријата 3П ги објаснува предиспозициите и причините за несоница
Во сомнологијата (научна дисциплина што ги проучува сонот и спиењето), широко е распространета бихејвиоралната теорија за несоница наречена 3П. Првото П се однесува на предиспозиции од генетска природа и фактори на личноста како што се невротичност и перфекционизам. Второто П би било акутен преципитирачки фактор, во пракса најчесто акутен стрес или значителна промена во здравствената состојба, физичка болка итн. Третото П се однесува на комплексен сет на бихејвиорални и когнитивни или емоционални фактори што пациентите ги развиваат по некој преципитирачки фактор или се предиспонирани за нив.
Експертите посочуваат дека изложеноста на сина светлина, особено од екраните на паметните телефони и таблет-компјутерите, во денешно време можеби е најважниот и најраспространет фактор што може да влијае врз квалитетот и должината на спиењето.
Влијанието на алкохолот врз квалитетот на сонот исто така е многу неповолно, додека пообемните и потешки оброци треба да се избегнуваат подоцна во вечерните часови, бидејќи тие можат значително да го нарушат квалитетот на сонот поради активирање на метаболичките и дигестивните процеси во време кога тоа не е пожелно деноноќно.
Додека прекумерната изложеност на сина светлина во вечерните часови има негативен ефект врз спиењето, изложувањето на сончева светлина кратко време по будењето има исклучително корисен ефект врз дневната будност, но и врз лачењето голем број хормони што ги регулираат деноноќните процеси, како што се кортизол и мелатонин.
Вежбањето исто така е исклучително важно за квалитетот на спиењето. Но треба да се внимава физичката активност да не биде доцна навечер, бидејќи падот на телесната температура е неопходен за да се постигне соодветен сон. Н.М.