Фото: „Нова Македонија“

Трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ уште еднаш потврди дека секогаш кога не се почитуваат соодветните процедури и прописи, тогаш цената ја плаќаат граѓаните со своите животи

Првичната контрола на опожарениот објект покажа дека тој немал поставено соодветна мрежа на хидранти, немало систем на прскалки со сензори што би се активирале при пожар, немал доволен број противпожарни апарати, внатрешноста била реновирана со материјали што не се огноотпорни, потоа немал доволен број помошни излези со светлосни ознаки, а не се почитувал ниту оптималниот капацитет на објектот.
Имајќи ги предвид ваквите констатации, дилемата пред која деновиве е исправена македонската јавност е колку од сите објекти во земјава ги задоволуваат дури и минимално потребните стандарди за безбеден престој на луѓе во нив.
Имено, со години граѓаните се сведоци на немањето опрема во станбените згради, поточно кражбата на цревата и оштетувањето на хидрантите во објектите. Дополнително, малку објекти имаат алтернативни излези во случај на пожар, особено станбените згради. Дури и кај оние што имаа надворешни противпожарни скали, тие се надвор од функција бидејќи сопствениците на станови го узурпирале и тој простор наменет за евакуација.
Слични контроли треба да се направат и во училиштата, градинките, како и во објектите каде што се одржуваат разни манифестации и каде што има присуство на голем број луѓе.
Експертите од областа на заштитата од пожари потсетуваат дека со децении предупредуваат дека објектите се пуштаат без соодветна противпожарна заштита, а оние што првично ја имале, сега ја немаат бидејќи не е одржувана и станала нефункционална.
– Официјални лица преку медиумите за јавноста потврдија дека биле украдени цревата од хидрантите во зградите, надворешните скали биле заградени, не е решен проблемот со паркинг-просторот околу објектите и на тој начин е отежнат пристапот на противпожарните возила. Нема ниту обука на граѓаните, па дури и да се во функција хидрантите и противпожарните апарати, ретко кој знае да ракува со нив – појаснуваат експертите.
Според нив, по ваквата трагедија во Кочани, мора да се направи итна контрола и сѐ што отстапува од утврдените прописи, веднаш да биде санкционирано.
– Да се направи контрола по зградите, во училиштата, градинките и да се види дали сѐ функционира. Помошни излези, противпожарни боци, па дури онаму каде што нема, да се вградат дополнително висечки системи со прскалки за гаснење пожар. Треба да се врати обуката на децата во училиштата за гаснење пожари, да се прават редовни вежби за брза евакуација и на ученици, но и на деца во градинки, за да се создаде навика и да се креира просторна ориентација како најбрзо да се напушти објектот што е под некаква закана. До сите куќни совети да се упати барање итно да ја санираат противпожарната мрежа и опрема во зградите, да се набават црева, да се провери притисокот во хидрантите и да се постават противпожарни боци во ходниците. И тоа мора постојано да го има, а институциите да почнат со редовни контроли, без да оставаат на совеста на граѓаните – советуваат експертите. С.Т.


Граѓаните страдаат од наталожени системски проблеми, од корупција… и ако државата не преземе мерки, тогаш значи дека периодот на билдање на институционалните капацитети (capacity building) ќе се одолжи малку повеќе, односно ќе трае онолку колку што ќе треба за да биде забележано и од граѓаните и од меѓународната заедница дека преземените длабоки системски реформи се во одмината фаза и во државава даваат реални ефекти. Соговорниците додаваат дека забелешката „Capacity building“ односно градењето капацитети се дефинира како „процес на развивање и зајакнување на вештините, инстинктите, способностите, процесите и ресурсите што им се потребни на институциите и заедницата за да бидат одржливи, да се приспособат кон принципите и стандардите и да напредуваат во свет што брзо се менува…

Граѓаните бараат властите да продолжат со уште посилна бескомпромисна борба со корупцијата

Ако немаше корумпиран систем, немаше да ја има ниту дискотеката „Пулс“

Заклучокот што деновиве го изнесуваат повеќето аналитичари е дека кочанската трагедија е резултат на „континуирана системска корупција“, што не е ништо ново и непознато. За таквата негативна појава граѓаните предупредуваат со години и бараат решителна борба со корупцијата, но која и да било власт во изминатите години не мрдна со малиот прст да се справи со ваквите состојби.
Она што сега навистина е приоритетно од етички и морален аспект е да им се оддаде вистинска почит на оние 59 млади луѓе што загинаа во пожарот. Треба да создадеме непоколеблив став и поведение дека нивната смрт нема да биде попуста, туку од оваа трагедија ќе се извлечат поуки и конечно ќе се започне со чистење на системската корупција од секоја пора на општеството за да не се случат нови слични трагедии во иднина, велат сите наши соговорници.
Повеќето аналитичари се согласни дека Македонија со претходните трагедии го допрела дното, но дека оваа трагедија мора да го означи пресвртот така што ќе почне институционална решителна и неселективна борба со корупцијата.
– Системот таков каков што е поставен се базира на доверба на граѓаните. Во отсуство на доверба од една страна, но и во отсуство на интегритет од тие што треба да го спроведат системот, ни се случува тоа што ни се случува. Мислам дека сега со оваа трагедија ни дојде ножот до коска. Ако сега не се свестиме, тогаш кога? Едноставно човек мора да дојде до дното, за да се одбие. Мислам дека сега ние сме во тој момент, кога треба да се одбиеме од дното и кога треба да сфатиме дека мора да се почитуваат стандарди, дека мора да се почитуваат процедури, дека мора професионалци да си ја вршат работата и дека на сите им е доста од политички и партиски влијанија, со местени кадри, со раководна структура и со не знам веќе што. Тоа нѐ носи до вакви ситуации – изјави поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, во гостувањето во „Код“.
И другите соговорници се согласни дека корупцијата ги убива луѓето и дека ако сега не се започне со пресметка со оваа појава, тогаш навистина сѐ уште не сме созреале системски да менаџираме една правна држава и имаме дефицит на знаења, вештини и волја за спроведување на принципите на владеење на правото.
– По еден ваков трагичен настан, од кој се увиде дека корупцијата довела до него, веќе не постои власт што ќе најде изговор да ја одложи борбата со корупцијата. И таа треба да биде бескомпромисна, сите да се најдат на удар, актуелни, поранешни функционери, сите, без оглед на партиска, етничка или каква било определба. Граѓаните страдаат од таа корупција и ако државата не преземе мерки, тогаш значи дека периодот на билдање на институционалните капацитети (capacity building) ќе се одолжи малку повеќе, односно онолку колку што ќе треба за да биде забележливо во меѓународната заедница дека длабоките системски реформи се во одмината фаза и даваат реални ефекти. Тие додаваат дека градењето капацитети (Capacity building) се дефинира како „процес на развивање и зајакнување на вештините, инстинктите, способностите, процесите и ресурсите што им се потребни на институциите и заедницата за да бидат одржливи, да се приспособат кон принципи и стандарди и да напредуваат во свет што брзо се менува. Суштинска состојка во градењето капацитет е трансформацијата, која се генерира и одржува со текот на времето однатре; трансформацијата од овој вид оди подалеку од извршување задачи до промена на размислувањата и ставовите – констатираат соговорниците. С.Т.


Инспекциските контроли само го потврдија она што сите го знаат

Голем број дискотеки и клубови без лиценци и без потребни стандарди за работа

Во околу 50 контроли што Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ги извршил на 16 и 17 март на територијата на државата во угостителски објекти со лиценца за кабаре, ноќен клуб, дискоклуб и за дискоклуб на отворен простор, утврдено е дека 22 имале лиценци, на 15 им била истечена, а за неколку немало податоци дека воопшто поседувале лиценца.
Од 13 објекти во Скопје, само два имале лиценци со важност за кабаре. Како што рече владината портпаролка Марија Митева, осум биле истечени, а три воопшто немале лиценца.
ДПИ на терен ги проверувал 22-та објекта што имале важечки лиценци за да утврди дали тие исполнуваат минимум технички услови за да добијат лиценца.
За оние објекти што се со истечена важност на лиценцата или воопшто ја немаат, ДПИ донел забрана за вршење дејност сѐ додека не се утврдат сите потребни документи и додека не се провери дали воопшто исполнуваат минимални технички услови.
Податоците од контролата јасно говорат дека многу газди и натаму се обидуваат да го заобиколат системот и да печалат пари врз грбот и безбедноста на граѓаните, а дека тоа е така говори последниот случај на приведување сопственик на кабаре во Куманово кај кого биле пронајдени пиротехнички средства. Тој бил затекнат како се обидува пред контролата на ДПИ да внесе противпожарни апарати во објектот бидејќи претходно ги немал.
– Мора да се проверат сите клубови, да се утврди фактичката состојба со просторот, да се утврди програмата, односно дали работи како кабаре или како нешто друго бидејќи цената на лиценците е многу поразлична. Да се провери и важноста на лиценците, па ако се утврдат неправилности, нека се затвораат и дискотеки и ноќни клубови и кафулиња и секакви други објекти што не ги почитуваат прописите. Сѐ додека се постапува сентиментално и им се прогледува низ прсти на газдите поради некаков социјален мир или блискост до некоја политичка структура, ќе ни страдаат граѓаните – порачуваат експертите. С.Т.