Едни резервирани, други алармираат, а трети не гледаат простор за загриженост. Ова е реакцијата од разговорите со луѓе од безбедносните структури и со аналитичари, со кои се консултиравме, за евентуалните ризици од отворањето на имигрантските центри во Албанија. Притоа во базенот прашања не го заборавивме и фактот што Албанија пред повеќе години исто така прифати контроверзен план, зад кој стојат САД, за прифаќање околу 2.800 муџахедини од Иран од организацијата „Муџахедин е-Калк“ (МКО)
Постојат ли реални безбедносни ризици од отворањето на имигрантските центри во Албанија?
Нашиот соговорник, поранешен припадник на воените структури, смета дека планот Мелони – Рама за мигрантските центри заслужува сериозна анализа и внимание на нашите комплетни безбедносни и разузнавачки служби.
– Вие не знаете кој ќе дојде таму, какво е неговото минато, дали добил некоја задача од некои на пример џихадистички структури. Понатаму, да не заборавиме дека лани имаше сериозен инцидент во кампот во кој се сместени муџахедините и нивните семејства. Имаше силна полициска интервенција и беше откриена една група што се занимавала со кибернетски криминал. Ние не би смееле да исклучиме во иднина субверзивни дејства и кон нашата држава – истакнува нашиот извор.
Натаму, друг извор искажа поинакво размислување, истакнувајќи дека планот за релокација на муџахедините е „еден од најдобрите од тој вид“. Но и тој не исклучува инциденти од тој како што беше лани. Прашањето е дали еден ден тие ќе добијат посериозен карактер и дали ќе се случи прелевање на тензиите, па и евентуална криза и на наша територија, со оглед на близината. Дали во тој камп постои радикална исламистичка ќелија што соработува со некоја слична во Македонија? Сето тоа се прашања што се однесуваат на безбедносната и мирот во Македонија, но ова се однесува и за поблиското соседство.
За нас исто така е важно каков однос ќе имаме кон азилантските центри, особено што ЕУ може и нам да ни постави под маса дополнителен услов ако сакаме да станеме членка на клубот ЕУ.
Тоа, се подразбира, би било прифаќање неодреден број имигранти.
Професор Стојановски: Европа е солидарна, но кога станува збор за мигрантите, и не толку
Македонија не е во плановите на ЕУ, која го усвои новиот пакт за миграции и азил, да биде тампон-зона, коментира професорот Трпе Стојановски за „Нова Македонија“. Тој потенцира дека од 2015 година земјата „доста добро го управува процесот со нелегална миграција“.
Во врска со центрите во Албанија, Стојановски вели: Ова е асиметрична приказна. Европа е солидарна, но кога станува збор за мигрантите, и не толку. Албанија и премиерот Рама се додворуваат, создаваат помеки релации со ЕУ и кажуваат дека подметнуваат грб за мигрантите. А, дали е планирано Западен Балкан да биде тампон-зона? Сепак, тоа е прашање на суверенитет, смета Стојановски.
И годинава, како и изминатите години, стотици илјади мигранти по досега востановените маршрути, преку цела Африка, одат на север кон Средоземно Море и во најголем број завршуваат во Италија и во Шпанија. Повеќето од нив завршуваат во т.н. мигрантски логори. Италија, сакајќи да се ослободи од притисокот на мигрантите, склучи договор со Албанија за изградба на големи мигрантски прифатилишта на територијата на Албанија. Се ослободува ли Италија од потенцијалниот ризик со мигрантите и го префрла ли „жешкиот костен“ на територијата на Западен Балкан?