Нема студентско „легнување на брашното“ поради партизирано општество!

Студентите треба да бидат еден вид општествена авангарда, односно она што предничи и што предводи во некоја идеја или движење. Историски гледано, сите студентски движења биле напојувани од прогресивни демократски идеи. Дека навистина станува збор за релевантен општествен субјект, низ годиниве од осамостојувањето можевме да се увериме со површниот аргумент дека студентите отсекогаш биле во фокусот на некоја партија или политичка опција, во обид да се инструментализираат поради нивната младешка полетност, ентузијазам, творечки дух и сила. Во таа насока не случајно, често се користени пред избори… Но суштината на општествениот феномен „студенти, студентски организации и движења“ е токму тоа што тие не припаѓаат на ниту една партија, туку дека нивниот дух отвора свежи општествено-политички хоризонти, кои не се ограничени со ситни интереси и желба за одржување статус кво

Студентите секаде се авангарда и треба да се изборат да бидат активен субјект на општествен развој, а не објект на општественото секојдневие

Како предизвик за секоја нова генерација студенти (за кој можеби ни самите не се свесни) е да ја оправдаат онаа перцепција или надеж дека во себе го носат потенцијалот да бидат академската авангарда на општеството/а, носители на идеи за напредок на општеството, надвор од актуелните визии за иднината, ставени во рамките на официјалната политичка конјуктура. Таквиот, од денешна перспектива по малку романтичарски предизвик за студентите поставен од студентските движења во не толку дамнешниот 20 век, во Македонија се чини дека првично се соочува со подмолната привлечност на конформизмот – студентите да прифатат да играат според правилата што им ги наметнал системот. Прифаќајќи ја линијата на помал отпор, со „убиена волја за прогрес, која е во генетиката на студентот“, тие наместо да влијаат на менување на системот од кој ни самите не се задоволни, студентите се задоволуваат со „успехот“ да се провлечат низ него – за да стигнат до моментот на „освојување на дипломата“. Така формираната студентска „колективна психологија“ се чини дека е добро подготвен терен за манипулација на партиите со „поамбициозните студенти“ во македонското општество, за кое не е тајна дека функционира на принцип на партизираност на институциите и партиска поделба на власта.

Студентската енергија и желба да се промени системот – во дебела сенка

Откако пред десетина години студентскиот револт од одредени идеи за реформи на тогашната влада во сегментот на проверка на знаењето, изразен преку протести, беше преземен и ставен во функција на амбициите на политичките партии за освојување на власта, како да се фрли сенка на таа студентска енергија и желба да го промени системот што го смета за неправеден. Уште повеќе, причината за протестот (да не биде дополнително проверувано стекнатото знаење), остави контроверзен простор за размислување за мотивите што ги придвижуваат на каква било акција генерациите студенти во овој 21 век во Македонија. Дали е тоа само полесно стигнување до личната зацртана цел (диплома) или суштински мотив за подобар личен и општествен напредок и развој? Оттогаш, студентските организации се пројавуваат во јавност само кога треба да им се подели одредена социјална помош (или ако доцни истата таа), студентските домови и понатаму се во лоша или уште полоша состојба…, но нема никаква реакција за квалитетот на студиските програми според кои се стекнуваат со високо образование или за (не)задоволените очекувања од знаењата со кои се стекнале… Како да не постои некаков поопшт интерес кај студентите за заедницата во која живеат, туку се насочени само на личните потреби – вели универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој има изработено повеќе социолошки студии за високото образование.

И супстандардниот образовен систем има голем удел во студентската летаргичност

Дел од причините за незаинтересираноста на студентите во Македонија за некаква автентична ангажираност за влијание во општеството, професорот Ацески гледа и во самиот систем на студирање.
– Актуелниот систем на студирање, на повеќе универзитети, државни и приватни, во повеќе места низ Македонија, колку и да изгледа како зголемена достапност на можноста за студирање и стекнување со диплома, исто така придонесува и за феноменот – разединетост во системот на студирање. Различните студиските програми, дури и со различните административни процедури, како и тоа што нема поголема концентрација на студенти на исто место на студирање… создава еден амбиент дека сите студенти во Македонија немаат некој поголем заеднички интерес. Чувството на непостоење заеднички интерес е добар предуслов за разединетост на студентската популација. Фокусот на студирањето се насочува само на исполнување на личните цели и амбиции, без некој поголем интерес за градење заедништво или некаква студентска солидарност. Заедничкиот интерес може да се препознае, веројатно во отстранување на каква било пречка до стекнување диплома колку што е можно побрзо и полесно – вели професорот Илија Ацески.
Таквото моделирање на свеста и амбициите на студентите, професорот Ацески оценува дека е всушност приспособување и прифаќање на „шансите“ што ги нуди општествениот систем, кој е корумпиран и партизиран.
– Во држава и општество каде што мерит-системот за квалитет на стекнатото знаење е речиси исфрлен како критериум при вработување, а поважни се некои други „вредности“ на политичка или етничка припадност, младите луѓе – студентите многу брзо го откриваат „најбрзиот пат до успехот“ и се приспособуваат на околностите. Влијателните општествени чинители, т.е. партиите (особено оние на власт) го поддржуваат така формираниот „студентски менталитет“, па од поамбициозните студенти на кои им ветуваат брзо вработување (само да се стекнат со диплома на кој било начин), регрутираат партиски војници. Досега, не беше непозната појава во академската средина на професори партиски војници (што секако не служи на чест на слободната интелектуална мисла), но создавањето на феноменот студенти партиски војници е кулминација на апсурдот, што ја затемнува перспективата на студентите како авангарда на општеството – резигнирано констатира професорот Илија Ацески.


Причината за протестот е поврзана со селективната природа на изборот на учесници за дебатата со министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според студентите, пристап добиле само оние што се поврзани со Демократската унија за интеграција (ДУИ), додека на другите им бил забранет влезот

На Тетовскиот универзитет на групи студенти им било забрането да учествуваат на отворена дебата со министерот за надворешни работи Бујар Османи

Уште еден пример за поларизација и политичка сегрегацијана студентите, како и фаворизирање на дел од нив

Со протест и израз на незадоволство, студентите се спротивставија на администрацијата на Тетовскиот универзитет, поради политизација и кршење на правата на студентите. На студентите им било забрането да учествуваат на отворена дебата со министерот за надворешни работи Бујар Османи. Младите на Европскиот сојуз за промени се собрале пред универзитетот, жестоко протестирајќи против, како што ја гледаат, неправдата што ја прават универзитетската администрација и министерот Османи.
Суштината на причината за протестот се врти околу селективната природа на изборот на учесници за дебатата. Според студентите, пристап добиле само оние што се поврзани со Демократската унија за интеграција (ДУИ), додека на другите им бил забранет влезот.
Од порано, Тетовскиот универзитет во јавноста се издвојува со неспоредливиот степен на политизација што проникнува во неговото академско ткиво. За разлика од другите институции, кои им даваат приоритет на научните активности пред политичките определби, Тетовскиот универзитет често е посочуван за замаглување на границите помеѓу академската заедница и партизацијата. Практиката на доделување академски почести на политички фигури на овој универзитет никако не е изолирана, а повеќе минати примери го издигнуваат на ниво на вознемирувачки преседан. Од почесниот докторат доделен на Али Ахмети до националната награда доделена на Талат Џафери, постапките на Универзитетскиот сенат ги запалија сомнежите за независноста на институцијата и партиско влијание над студентите, нивна поделба, фаворизирање студенти што припаѓаат на одредена политичка опција, како и „стимулирање општествена апатичност кај студентите и отапување на чувството за општествена одговорност, прогрес, развој, иницијатива“, а форсирање чувства на припадност на одредена каста од партиски карактер, слепо извршување одредени насоки, инструкции, па дури и директиви од одредени партиски центри, и напредување и искачување по општественото скалило, по таа основа…