Разговорите со Република Бугарија ќе продолжат и ќе се интензивираат но никој не смее и нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ, порача во своето експозе претседателот на СДСМ и мандатар за состав на нова влада, Димитар Ковачевски.
– На патот кон ЕУ пред нас се предизвиците за кои двете влади, на Северна Македонија и на Бугарија, се одлучни да изнајдат решенија низ дијалог и соработка. Македонските и бугарските граѓани се повеќе заинтересирани за економија, за културни, образовни и младински размени, за инфраструктура која поврзува и на овие теми мора многу повеќе да соработуваме. Историјата е на историчарите, но идентитетските прашања се темели на народот и на државата. За Владата не постои никаква дилема – никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик – посочи Ковачевски.
Тој најави дека државата ќе продолжи со добрососедска политики и засилена соработка со сите соседни земји.
– Владата ќе продолжи да ги одржува и развива добрососедските и пријателски односи со сите свои соседи, постојано иницирајќи нови програми и проекти за поврзување на граѓаните преку иницијативи како што е „Отворен Балкан – заклучи Ковачевски.