Премиерот Мицкоски со јасна порака до европските челници
Парадоксално е самата ЕУ, која уште во јуни 1993 година во Копенхаген одреди прецизни критериуми по кои сите земји од Југоисточна Европа станаа членки, сега, по 30 години, овие критериуми да ги дополнува така што ќе наметнува услови што произлегуваат од нерешени билатерални прашања меѓу две земји што немаат никакви допирни точки со претходно утврдените европски критериуми
Вината за блокадата на македонскиот евроинтегративен процес без никаков сомнеж во најголем дел може да се лоцира кај Европската Унија, која само во случајот со Македонија дозволи билатералните спорови што земјава најпрво ги имаше со Грција за името, а потоа и со Бугарија за идентитетските прашања, да се издигнат на мултилатерално ниво и да станат европски критериум што треба да се исполни.
Парадоксално е самата ЕУ, која уште во јуни 1993 година во Копенхаген одреди прецизни критериуми по кои сите земји од Југоисточна Европа станаа членки, сега, по 30 години, овие критериуми да ги дополнува така што ќе наметнува услови што произлегуваат од нерешени билатерални прашања меѓу две земји што немаат никакви допирни точки со претходно утврдените европски критериуми. Таквиот пристап од страна на ЕУ, особено по изигрувањето на Македонија откако беше променето уставното име, предизвика револт и недоверба кај македонските граѓани, кои повеќе не му веруваат на Брисел на дадениот збор и затоа не се подготвени на никакви други отстапки, а најмалку да ги задоволуваат ретроградните каприци на соседна Бугарија.
Токму таа е земјата што го користи членството во ЕУ од позиција на моќ да наметнува услови што немаат никаква врска со европските критериуми, а Брисел го прифаќа тоа. Со таквиот нефер однос, Македонија повеќе не се согласува.
Пораката што завчера од Брисел ја испрати премиерот Христијан Мицкоски од средбата со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, и работниот ручек со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, за планот за раст на Западен Балкан, е дека Македонија е жртва на билатерални проблеми и не може повеќе да прифаќа ултиматуми околу евроинтегративниот процес.
– Речиси две и пол децении откако го почнавме овој евроинтегративен процес сме жртви на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес. Она што го кажав таму е дека ние сега се бориме да почнеме преговори во кои ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Поради прашања што се поврзани со средниот век не можеме да се развиваме како држава во 21 и 22 век – истакна Мицкоски.
Тој уште дополни дека процесот на интеграција во Унијата мора да се темели на оценка за постигнувањата, а не на билатерални прашања, кои, како што рече, ќе бидат одлучувачки фактор. Несомнено, македонската страна испрати јасна порака до европските челници дека македонските евроинтеграции се претворија во европско малтретирање и постојано поставување ултиматуми, така што она на што земјава ќе се посвети во следниот период ќе биде исклучиво исполнување на копенхашките критериуми, сите оние по кои се зачленувале сегашните земји членки, ништо повеќе, ништо помалку.
Од друга страна, на потег е официјален Брисел, кој треба да се изјасни дали и за Македонија ќе почнат да важат нормалните правила на игра или, пак, ќе се дозволи Бугарија да го диктира процесот на проширување наметнувајќи бугарски услови за членство.
Некои од аналитичарите и добри познавачи на евроинтегративните процеси сметаат дека е добро што македонските власти ја изнеле позицијата на земјава дека повеќе не може да се соочува со нови и нови услови, а ЕУ, ако е искрена во намерите за проширување, како што своевремено изврши притисок врз Словенија да попушти со блокадата на Хрватска, така може да ја притисне Бугарија да ги тргне настрана билатералните прашања и да не го кочи патот на земјава кон Унијата.
– Тешко е да се очекува такво нешто. Не е невозможно, ама сметам дека Бугарија нема да се согласи на тоа, барем не сега, а веројатно на такво нешто нема да се согласи ниту следната бугарска влада ако воопшто биде составена по изборите во октомври.
Тие имаат сериозни политички проблеми дома, а Македонија очигледно им е точката околу која се сплотуваат. Сѐ зависи од Брисел, ако ја притисне официјална Софија, тогаш има некаква шанса да ги тргнат билатералните прашања настрана и да дозволат Македонија да се оценува според вистинските европски критериуми, иако и тука имаат можност да блокираат бидејќи ќе најдат забелешки за судството, за неефикасните институции и слично. Но тоа се работи што и да не е Бугарија, некој друг ќе ги посочи бидејќи реално има слабости. Од друга страна, ако ги почнеме преговорите и бидеме оценувани во согласност со европските критериуми, тоа за нас ќе биде уште поголем мотив да ги подобриме состојбите што поскоро – посочува еден од соговорниците.