Отстапувањето од македонската кауза за современите Македонци може како последица да биде геноцид и егзодус, чувството на апатриди во сопствената држава – со еден збор, апотеза на очајот
Интервју со Тони Менкиноски, застапник на македонските здруженија во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права
Прашањето на македонското малцинство во соседните земји е континуиран предизвик на Македонија. Откажувањето на Македонија од интересот и грижата за сонародниците надвор од нејзините државни граници, на перфиден начин, преку договорите и спогодбите со соседните држави се претвори во услов за нејзините европски и евроатлантски интеграции. Во ваква парадоксална ситуација, дали се поголеми обврските на Македонија преземени со потпишување на меѓународните конвенции, меѓународното право во делот за малцинствата, или оние од билатералните договори? Треба ли и како може Македонија како држава поенергично да изрази интерес за своите сонародници, и покрај „ограничувачките фактори“?
– Кога се стремите кон благородна цел и имате добри намери, не може да постојат „ограничувачки фактори“. Или, евентуално, ако се појават такви, треба да ги анулирате за да ја постигнете целта, која е повозвишена од сѐ друго. Не смее да се има колебливост кога се штитат сопствениот народ и неговите основни човекови права, неговиот суверенитет, независност и благосостојба! Кога зборуваме за македонско малцинство, ние во суштина зборуваме за македонскиот народ со целокупниот негов етнографски и културолошки идентитет. Не може да зборувате за македонско малцинство во Албанија, а да ги премолчите македонските малцинства во Грција и во Бугарија. Или да зборувате за постоење на македонско малцинство во соседните држави, а притоа да се согласите со преименување на Македонците во сопствената матична држава. Овој феномен на системско самоодрекување, бришење и себенегирање на нас Македонците во нововековната историја ни е многу добро познат преку фанариотите, егзархијата, Букурешкиот договор, Версајскиот договор итн.
Своевидна „пауза“ на овој процес имаме во периодот од 1944 година до 1991 година, која можеби се должи на фактот дека ние Македонците сме меѓу ретките што немаа етаблиран колаборационист со фашистички предзнаци и нивни соработници. Како антифашисти заслужено си ја извојуваме својата слобода, но, за жал, само во делот што беше „анексиран“ од Кралството Југославија. Периодот до 1991 година може да се нарече како период на институционално зајакнување, но и како своевидно затајување. Имено, иако ги удривме темелите на нововековната македонска државност со сите атрибути, таа беше само за „внатрешна употреба“, на меѓународен план ние бевме „Југословени“. Периодот до 1991 година имаше позитивни и негативни страни, но конкретно за македонските малцинства во соседството не може да се смета за позитивен. Социјалистичка Република Македонија како дел од Социјалистичка Федеративна Република Југославија и како матична земја на Македонците е една од основачите на Обединетите нации. Делегираниот суверенитет од републичките на федералните органи пред меѓународните институции го затајуваше македонското прашање во соседните земји. СФРЈ не успеа да го спречи геноцидот над Македонците во соседните земји!
Падот на Берлинскиот ѕид во 1991 година и осамостојувањето на Македонија како посебна држава како да го подигнаа балканскиот ѕид за Македонците. Имаме период на синхронизираност на унилатералните желби на нашите соседи за билатерални преговори со Македонија! Така, во самиот чин на откажување на Македонија од својот интерес и грижа за сонародниците надвор од нејзините државни граници, според мене, нема перфидност, туку тоа е резултат на немање свое државничко „јас“, што е Ахилова петица на Македонија направена од страна на нашите државни претставници, а не на македонскиот народ. Со таа „Ахилова петица“, тие во наше име настапуваат и преговараат сега со Бугарија, а претходно со Грција, и свесно ја прикажуваат нашата држава како непресметлив актер.
Оттука, не мислам дека овој чин на откажување не е направен на перфиден начин, туку тоа е типичен квислиншки чин, самонокаут, кој никако, ниту оддалеку не може да биде услов за европските и евроатлантски интеграции на Македонија. Туку тоа, заедно од другите работи за кои сега преговараме со Бугарија (заедничка историја, јазикот и слично), може да биде услов да нѐ снема, односно да го изгубиме дури и она што го постигнавме на меѓународната сцена (членството во ООН и во Советот на Европа)!!!
Агонијата со влезот во Обединети нации, Советот на Европа, фингираната употреба на уставното име, билатералните договори спротивни на интересите на Македонците и нивниот суверенитет, промените на Уставот спротивни на волјата на Македонците, се единствено како продукт од незнаењето, сервилноста, дефетизмот на македонската политичка елита, која нѐ доведе до состојба на отстапувањето од македонската кауза, а за современите Македонци како последица има геноцид и егзодус, чувството на апатриди во сопствената држава – со еден збор, апотеза на очајот!
А нашата кауза е истата онаа од 1878-та, прокламирана во македонското востание кренато во Кресна: слобода, права и достоинство за Македонците и создавање своја суверена и независна држава, со еднакви права како за Македонците така и за преостанатото немакедонско население.
Вие сте застапник во неколку предмети (со веќе добиени пресуди) на македонските организации од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права. Ноторна вистина е дека пресудите не се спроведуваат од страна на бугарската држава и се добива впечаток дека европските институции го толерираат таквото однесување на Бугарија… Како Македонците во Бугарија можат да ги остварат своите права, на кои укажуваат и пресудите на ЕСЧП?
– Нема назад! Борбата за правда е единствениот пат за сите Македонци! Користењето на алатките што ни ги дозволува меѓународното право е најдобриот пат како да се стекнат правата на Македонците на современ начин и како да се дојде до остварување на нивните права во соседните држави, но и правата на Македонците во сопствената држава. Институциите на Советот на Европа и Обединетите нации се арената каде што сега треба да се фокусираме во остварувањето на нашата цел. Нормално е дека постојат подеми и падови, а потребно е и големо трпение за остварување на овие цели, особено кога сопствената држава не учествува во овој процес и се држи настрана. Сѐ се сведува на работа на повеќе македонски ентузијасти, кои успеаја да интервенираат и триумфираат не само во Европскиот суд за човекови права туку и во повеќе други меѓународни ентитети, како што се ОБСЕ, Комесарот за човекови права…
Но, како и да е, сметам дека не се работи за толерирање на Бугарија од страна на европските институции. Мораме да имаме предвид дека таа периодично доставува извештаи со најразлични изговори до европските институции, во кои тврди дека работи на унапредување на правата на Македонците во врска со нивното здружување. Бугарската дипломатија сака да купува време и тоа е нејзината единствена стратегија! Институциите на Советот на Европа, поточно Комитетот на министри што е задолжен за спроведување на одлуките на Судот во Стразбур, будно ја следат оваа состојба. Комитетот на министри е свесен и уверен дека евентуалното затворање на случајот на извршувањето на групата пресуди против Бугарија од негова страна со донесување некоја своја резолуција, без притоа да има извршување и исполнување на тие пресуди во согласност со самата Европска конвенција за човекови права, со сигурност би претставувало фрлање бомба во самиот Европски суд и со тоа и во самиот систем на европската конвенција, која беше и сѐ уште е симбол на успехот и рејтингот на самиот Совет на Европа! Тоа фактички би било премногу опасен преседан во неговата практика како супервизор над извршувањето на пресудите на Европскиот суд, бидејќи последователно секоја друга тужена држава по таа основа сосема оправдано ќе се повика на тој случај! Советот на Европа нема да си дозволи „сечење на гранката на која седи“, особено кога се работи за Бугарија. На 23 март, Комитетот на министри при Советот на Европа повторно ќе го разгледува извештајот што Бугарија треба да му го достави во врска со имплементирањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права, а кои се однесуваат на Македонците и нивните права. И ова нема да трае вечно – ако Бугарија не си ја исполни својата обврска, може да биде суспендирана или исклучена од Советот на Европа. Исто онака како што беше исклучена и Грција за време на режимот на Метаксас.
Иако навидум апсурдни, одбивањата на Бугарија да разговара на реципрочна основа за прашањата на малцинствата со Македонија, односно негирањето на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, во ЕУ се претставува од бугарска страна како позиција од која никако нема намера да отстапи, иако тоа е во спротивност со основните цивилизациски вредности. Постои ли ефикасен начин да ѝ се укаже на меѓународната задница за бугарските манипулации со малцинствата?
– Почитувањето на меѓународните обврски од подрачјето на малцинските права е многу полесно во рамките на меѓународно правно заснован режим, како што е на пример оној заснован врз Рамковната конвенција на Советот на Европа за национални малцинства, отколку сега со вака започнатиот процес на прифаќање обврски од страна на Македонија во рамките на својот билатерален однос со Бугарија, кој пред сѐ е перманентно далеку од очите на македонската јавност. Треба да истакнеме дека Рамковната конвенција на Советот на Европа за национални малцинства е систем на јасни права и обврски еднакви за сите држави што се дел од тој поредок, кој е предмет на мониторинг од страна на посебно советодавно тело. Главната разлика се состои во фактот дека преземањето и извршувањето на обврските во рамките на меѓународен режим имаат јасна предвидливост, меѓународно правна заснованост и особено транспарентност. Се разбира, истите овие карактеристики ги има и билатералната рамка, односно билатералните договори, ама само доколку таквите договори се видно продукт на слободно вршење на jus imperium на двете држави како договорни страни, што не е случај со нашата држава.
Фокусот на македонските „државници“ треба да е во Рамковната конвенција за национални малцинства на Советот на Европа, каде што извештаите на советодавното тело јасно кажуваат кој ги почитува, а кој не малцинските права. Ова треба да е појдовна основа на нашата билатерала со Бугарија, а не некои имагинарни или замислени барања.
Последново најексплицитно го видовме во контекст на долгогодишното билатерално преговарање со Република Грција, чиј продукт беше потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој самата Република Македонија се прекрсти!!! Си го смени своето име, се откажа од својот најсуштински елемент на државата! Нешто што за секој Македонец беше и сѐ уште е најсвето! Нешто што не случајно е отпеано во сиот македонски фолклор! Со овој договор фактички се отвори Пандорината кутија во случајот на нашата држава! Да не бидеме наивни, Преспанскиот договор нема да заврши со ова, туку сосема е реално во блиска иднина (по преговорите со Бугарија) за Грција да побара од Македонија кога ќе пееме некоја патриотска песна каде што се спомнува името Македонија да го додаваме зборот „северна“ и да се забрани употребата на именката Македонија… Тоа е нешто што мислам дека Грците ќе се обидат да го оправдаат токму со целта и духот на Преспанскиот договор, бидејќи пеењето (според нив) би го чувствувале како поткопување на она што тие го очекуваат со „Преспа“ – ние да се чувствуваме како државјани на Северна Македонија.
Токму во претходно споменатата, веќе постојна Пандорина кутија, Бугарија последователно си виде „почва“ за она што денес го претставува таа, или го замислила како простор за преговори за добрососедство и пријателство со Македонија, под услов на вето на евроатлантската патека на Македонија, нешто што Бугарија не случајно го направи токму по „Преспа“!
Со други зборови, не постои кој било ограничувачки фактор за Македонија во релација на нашите сонародници во Бугарија, туку постои само уценување, нешто што (оценето со зборови на меѓународната политика и меѓународното право) претставува закана, нешто што Македонија требаше (а може и сега во оваа фаза) да го каже јасно и децидно пред истата таа европска меѓународна заедница, која сега молчи и од нас очекува некоја нова „Преспа“, што би било целосно погубно за сите нас!!!
Со нашето неприфаќање на уцените што дојдоа од Бугарија, самата Европа ќе видеше дека сепак имаме барем некое наше основно државничко „јас“! Само за потсетување, во Европа треба да влеземе како држава, а не како мртва држава! Значи не заробена држава, туку мртва држава! Кога би влегле во ЕУ, таму ќе треба да размислуваме свесно и стратегиски и да донесуваме разумни одлуки, а не да бидеме третирани како забегана или непресметлива држава!?
Иако одбива да го признае македонското малцинство во својата држава, Бугарија како свој „европски услов“ бара регистрирање на Бугарите во македонскиот устав, со обвинување дека се „загрозени нивните основни човекови права“ во Македонија. Колку се релевантни таквите „новосоздадени“ тези на бугарската политика, наспроти фактот на 16-те пресуди на ЕСЧП во полза на македонските здруженија во Бугарија?
– Бугарија има изгубено 16 пресуди пред Европскиот суд за човекови права и ги нема имплементирано, а ние имаме изгубено една пресуда, во случајот „Радко“, која ја имаме имплементирано. Сѐ понатаму е апсурдно да зборуваме! Дополнително, во македонските медиуми, а и во некои бугарски, во последно време гледам и читам некои феномени што сакаат процесот на остварување на правата преку стразбуршкиот механизам да го маргинализираат и да објаснат дека е залуден и беспредметен. Морам да признаам дека ова само охрабрува и укажува дека сме блиску до успехот! Добро би било македонската дипломатија да се фокусира на меѓународното право и добро да ги прочита извештаите што доаѓаат од Советот на Европа и Обединетите нации и да ѝ објасни на македонската јавност дека Бугарија е таа што треба да го менува својот устав и да ги впише Македонците во него. Македонската дипломатија треба да заземе активна страна во овој процес, да не бега од состаноците на Комитетот на министри кога се зборува за македонското прашање и дополнително да ја разгледа можноста за поведување постапка пред Европскиот суд за човекови права против Бугарија за непочитување на Европската конвенција. Само на овој начин ќе се подобри нашата позиција во преговорите пред Европската Унија. Сѐ друго е дневна политика!
Македонците во Република Бугарија нема да се откажат од остварувањето на нивните права. Тие го немаат сторено тоа ниту за времето на најсуровиот режим на Тодор Живков, нема да го сторат ниту денес. Тие веќе испишаа историја со архивирањето и обелоденувањето на нивните предмети пред меѓународните институции како борци за основни човекови права, тие за меѓународната заедница се веќе жртви, а Бугарија е извршител, која тешко дека ќе може да го тргне овој срам од неа.
Може ли наметнувањата од Бугарија за Македонија, на нејзиното гледиште за „заедничка историја“, да се стават во контекст на нејзиното оспорување на македонското малцинство на своја територија? Односно, дали оспорувањето на македонското малцинство е „предигра“ за негирање на општото постоење на македонскиот национален идентитет?
– Потребно е да се има визија и стратегија во решавањето на проблемите. Кај нас тоа отсуствува. Сѐ се сведува на краткорочни цели на дневни политики. Но и овој процес ќе се надмине и созрее. Агонијата од недоброто владение на нашата политичка елита го допира дното и се гледа нивниот крај. Доаѓа време на сериозност и одлучност. Никој не може да нѐ избрише или уништи. Секогаш ќе постојат Македонци што ќе се борат за сопствената кауза. Ако не сме ние, ќе дојдат други. Но Македонците постоеле и ќе постојат.