Повод: Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година (3)
- Ова е порака и до Европа и до Брисел и до внатрешните и легално и илегално организирани структури во државите на Западен Балкан, а тоа е дека Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година јасно и недвосмислено се спротивставува на сите идеи за менување граници, етнички прекројувања и корекции на Балканот, без разлика дали тие доаѓаат од отворено авторитарни режими или од кругови што себеси се претставуваат како „демократски“ и „проевропски“
Во последните години, особено во Европа, се појавија политички и интелектуални кругови што формално се повикуваат на демократија, зборуваат за „реалполитика“ и под маската на стабилност или решенија, легитимираат идеи за етничко раздвојување и територијални корекции. Тие идеи ги лиферуваат преку некои либерални мејинстрим-медиуми или преку различни облици на комуникација, а најчесто преку т.н. нонпејпери и сензационалистички.
Меѓутоа, американскиот закон (Законот за овластување за национална одбрана на САД за земјите во регионот на Западен Балкан) директно ја удира токму таа неолиберална логика. Во законот не се прави разлика дали некоја идеја за поделба доаѓа од националисти, од „либерални“ аналитичари, од европски функционери или од локални политички актери. Така што, ако идејата подразбира промена на граници или уривање уставен поредок на земјите од Западен Балкан, таа е спротивна на американската безбедносна стратегија.
Иако формално не се именуваат држави или политички струи, пораката е јасна:
САД не ја прифаќаат тезата дека Балканот е „нерешен простор“ што може повторно да се редизајнира. Ова е индиректен, но јасен сигнал и до оние европски кругови што флертуваат со прекројувања граници, размена на територии и други облици на разграничувања од досегашните. Американскиот Закон за овластување за национална одбрана на САД за земјите во регионот на Западен Балкан е јасен сигнал против оние кругови што го релативизираат Дејтон или сугерираат дека етничката хомогенизација носи мир. Американската позиција во законот е чиста: поделбите не создаваат стабилност, туку произведуваат нови конфликти!
Што значи американскиот Закон за овластување за национална одбрана на САД за земјите како Босна и Херцеговина и Косово?
За Босна и Херцеговина и Косово оваа американска законска регулатива (во FY2026 NDAA) е меѓу најдиректните досега. Таа удира токму таму каде што гласините за поделби/граници се најопасни: Босна и Косово.
1) Што значи за Босна и Херцеговина?
Во делот за Западен Балкан, Законот за овластување за национална одбрана на САД го опишува регијата како плуралистичка и мултиетничка, критична за мирот во Европа.
Тоа е клучно, затоа што секоја политика што оди кон етничко раздвојување или распад на уставниот поредок лесно може да се протолкува како удар врз „стабилноста/територијалниот интегритет“. Законот експлицитно повикува на одржување на целосниот мандат на ЕУФОР во Босна и Херцеговина, и дури охрабрува НАТО и ЕУ да ги преиспитаат мандатите/поставеноста за да бидат „проактивни“ во создавање безбедна средина. Токму ова е една јасна порака од споменатиот закон: Босна не смее да се остави да тлее, туку треба активна меѓународна безбедносна рамка.
Натаму, за издвојување е дека во законот има механизам за санкции за лица што преземаат политики/дејства што ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет во Западен Балкан. Ова е важно за БиХ затоа што „поделбата“ често не доаѓа веднаш во целост, туку „чекор по чекор“ со мерки како што се: институционална блокада, паралелни структури, планирања и тенденции што водат кон сецесија, односно со „тивко“ разградување на државата. (Овие методи ни се добро познати и нам, во Македонија). Така, со овој закон, САД си даваат појасен и пообврзувачки инструментариум да реагираат кон такви актери. Но за издвојување е дека ова не се однесува само за БиХ туку соговорниците нагласуваат дека важи онаму „каде што ризикот од распад е највисок, таму ваквата одредба има најголема тежина“. Фактот дека се потенцира ЕУФОР-мандатот баш за БиХ е сигнал дека Вашингтон ја гледа Босна како прва линија на одбрана од „домино-ефект“. Според соговорниците, „американскиот закон и не мора да го именува Дејтон за да го брани неговиот клучен принцип: суверенитет, територијален интегритет и спречување распад/сецесија, плус практична поддршка преку ЕУФОР.
2) Што значи за Косово?
Тука Законот за овластување за национална одбрана на САД е уште поексплицитен и го врзува дијалогот Косово–Србија за рамката од 2023 (ЕУ-посредување), односно се наведува дека „договорот за нормализација од 27 февруари 2023 г. е позитивен чекор и се бара напредок на имплементацијата“. Тоа значи дека САД сакаат деескалација и институционална нормализација, не „голем ресет“ преку територии. Уште поважно е дека се нагласува дека „САД не поддржуваат размена на територии/поделба, односно редизајн на граници по етнички линии“!
Во „Изјава за политиката“ стои дека САД нема да водат политика што застапува размена на територии, поделба или прекројување граници по етнички линии како средство за решавање спорови меѓу држави во регионот. Ова во пракса значи: не се игра повторно сценариото „разграничување“ за Косово (модел што кружеше како идеја во минатото), и тоа е заковано како политика. Законот го третира „Косово како држава во рамките на Западен Балкан“ и го бетонира ставот дека нема поделба/размена/етничко прекројување граници како решение“. Дополнително, во делот за Косово–Србија се вели дека САД треба да поддржат „финален договор базиран на меѓусебно признавање“. Тоа е важен сигнал за насоката: не „компромис преку мапа“, туку политичко-правно затворање на спорот. Р.Н.М.
Што значи Законот за овластување за национална одбрана на САД за Балканот?
Балканот повеќе не би требало да се сфаќа како „отворено игралиште за геополитички експерименти“!
Законот значително го намалува просторот за страв. Идеите за промени на границите губат меѓународна легитимност, а секој обид за таква политика автоматски влегува во судир со САД. Тоа, се разбира, носи (американски) политички, економски и персонални санкции. Со други зборови, Балканот повеќе не би требало да се сфаќа како „отворено игралиште за геополитички експерименти“!
Интересен е освртот на нашите соговорници во врска со оваа тема, но од аспект на внатрешните (во самите држави) сили или актери, поединци или некои колективитети (политички структури, па дури и илегални организации) што преку методи на јавни настапи, демонстрации, протести, па и облици на политичко насилство, се залагаат за етнички редефинирања на постојните уредувања на државите од Западен Балкан.
Според соговорниците, овој аспект на американскиот Закон за овластување за национална одбрана на САД за Балканот можеби е најважен!
Имено, идеите за федерализација, етнички редефинирања или индиректни територијални трансформации, дури и кога се промовираат како „реформи“ или „европски решенија“, влегуваат во зона на ризик. Не затоа што САД промптно ќе се мешаат во секој внатрешен процес, туку затоа што уставниот поредок со овој закон е дефиниран како безбедносна вредност и секое негово разнебитување може да се третира како фактор на нестабилност.
Тоа значи дека локалните политички елити повеќе не можат лесно да продаваат опасни идеи како „меѓународно прифатливи“! Р.Н.М.
































