Нема гаранции дека ова ќе биде последната промена на Уставот, вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во денешното интервју за белградска Политика, обвинувајќи ја нашата дипломатија дека не се изборила за подобри позиции и гаранции дека нема да има нови пречки за македонскиот евроинтегративен пат.
– Која е гаранцијата дека оваа промена на Устав која сега се бара од Македонија ќе биде последна? Дека нема утре да се бара промена на устав во која ќе се редефинира прашања кои се од идентитетски карактер или нема да се бара ново минимизирање и бришење на АСНОМ како темел на македонската државност. Некои сигнали стигнуваат од Бугарија кои веќе отворено го негираат Илинденското востание и неговиот карактер и за ова повторно немаше никаква реакција од страна на Министерството за надворешни работи – наведува Мицкоски.
Одговарајќи на прашањето за пораките од високите функционери на ЕУ, како Жозеп Борел, министрите за надворешни работи на Вишеградската група, пораките од државниот секретар на САД, Блинкен, и другите, дека промената на Уставот е единствениот пат на просперитет на Македонија во рамки на европските перспективи, Мицкоски го повтори ставот на ВМРО ДПМНЕ.
– Ако промена на Уставот е услов за ЕУ, тогаш Македонија ќе беше членка и шампион на ЕУ, затоа што во овие триесет години имаме измени на Устав колку сите земји членки заедно. Тоа им го кажуваме јасно и гласно на нашите партнери од меѓународната заедница. Партнерството е двонасочна улица која се базира на почитување. Институционалните гаранции од страна на ЕУ се еден мал чекор за нив, но големо охрабрување за нас дека европскиот пат не е подвижна цел, туку нешто што е остварливо – кажа Мицкоски.
Тој ги повтори ветувањата дадени од ЕУ пред референдумот за Преспанскиот договор, посочувајќи дека институционалните гаранции на ЕУ треба да значат дека оваа, некоја идна влада, па и владата после неа ќе има конкретен таргет што треба да исполни.
За понудата на премиерот Димитар Ковачевски за влез во владата и оставките на министрите од ДУИ, Мицкоски кажа дека „нам власт, заради власт не ни треба, избори во Македонија ќе има порано или подоцна“.
– Учеството во влада во која нема да бидат дел инкриминираните структури на СДС и ДУИ може само да помогне од вадењето на државата од тонењето кое се случува секој ден. Тоа можеше само да помогне државата полесно да чекори кон реформите, но истото без јасните позиции во надворешните односи е беспредметно. Вие може да правите реформи кои се блескави, ама на друга маса кај што инсистира Бугарија ќе бидете кочени заради историски и ретроградни наративи. Да напоменам, Владата не се произнесе за овие наши предлози, туку проба на перфиден начин да ги злоупотреби и изврти. Сега единствената опција која ни преостанува се изборите – посочи Мицкоски.
На прашањето на Политика за неговиот став дека прво треба да се одржат избори, па потоа да се разговара за уставни измени, што е оценето како задоволување на партиските, а не на националните интереси, Мицкоски искоментира дека „изборите се демократски чин и начин народот да се произнесе за политичките процеси во една земја и народот да даде мандат за тоа дали и под кои услови ќе се менува македонскиот Устав“.
– Консензусот кој јавноста го бараше, а кој се однесуваше на тоа историските и идентитетските теми да останат надвор од преговорите, кој се однесуваше на некаков реципроцитет и позитивен сигнал и институционални гаранции од страна на ЕУ и Бугарија се добра основа на која идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори за европската иднина, кажа Мицкоски, додавајќи дека „пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалициски партнери од парламентарната група покажаа дека овие измени под диктат не може да се случат“.
Во интервјуто за Политика, Мицкоски се осврна и на односите со Србија, кои ги оцени како добри, со простор економски да се подобрат.
– Ако дозволите да бидам „економски националист“ новата идна влада на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија успешно ќе се натпреварува со Србија во иднина, па зошто да не и ќе ја победува кога ќе се работи за привлекување инвестиции и економски развој – порача Мицкоски.