Данска сака во својот шестмесечен мандат на чело на ЕУ да почне преговори со Молдавија и со Украина! Но за Киев има ковертирано вето од унгарскиот премиер Виктор Орбан. Копенхаген, пак, сака да го блокира тоа така што ќе го укине правото на вето за Унгарија. А тоа е потег што сериозно би ги потресол европските темели.
Меѓутоа, исклучително е интересно тоа што Бугарија, според тоа што ѝ го прави на Македонија, веќе е најсериозен кандидат да го изгуби правото на глас во Европскиот совет, а со тоа и правото на вето. Така, според бриселската аналогија, објективно се наметнува прашањето: Зошто на Бугарија да не ѝ се одземе правото на вето кога го заслужува тоа?
КОПЕНХАГЕН ГО ПРЕЗЕДЕ ПРЕТСЕДАВАЊЕТО СО УНИЈАТА И ИСПРАТИ ОТРЕЗНУВАЧКА ПОРАКА ЗА НАС
Данска на 1 јули годинава го почна своето претседавање со Европската Унија, но тоа воопшто не беше мазно преземање на кормилото од Полска, туку од Копенхаген веќе е најавена бура. Кога ќе има европска бура, логично е прашањето дали ќе има можеби и бунт на бродот „Баунти“. Многу веројатно. Таа бура ја зафаќа и Македонија, и тоа директно, иако ние не сме на бродот, туку сме под палубата, каде што ако малку пукне бродот, тој простор веднаш се полни со вода.
За да не бидеме премногу сликовити, еве ги клучните пораки од Данска. Првата е јасна: За Македонија во наредните шест месеци нема да има можност да се отвори некое поглавје за преговарање. Од Копенхаген ни порачаа дека ќе си останеме во чекалницата. И не е проблем исполнувањето на Копенхашките критериуми, кои Брисел одамна ги има заборавено, зашто влезе во геополитиката применувајќи двојни стандарди. Проблем е тоа што ЕУ нема намера да ја поддржи Македонија кога станува збор за условите што ги поставила Бугарија и од данското претседателство директно ни кажуваат дека никој нема намера сега да си игра со жешки костени. Тие се на страната на Бугарија, а од Македонија се бара да исполни сѐ што владите на Заев и Ковачевски, заедно со ДУИ и помалите партиичиња во коалицијата, ѝ го ветија на Бугарија, а со тоа и на ЕУ. Сѐ до последен ред што е предвидено во Договорот за соработка заедно со протоколите и, ако треба, уште нешто плус.
ИДЕНТИТЕТСКИОТ НАПАД ВРЗ МАКЕДОНИЈА НЕ Е ПРЕСЕДАН, ТУКУ Е ПРОЕКТ
Во моментов е јасно дека Данска му ја остава „македонската штафета“ на идниот претседавач Кипар. Во исто време Софија и во Данска, како и секаде низ светот од парламенти до национални библиотеки, ги испорачува надградените фалсификати на Цојла Драгојчева на „славната историја на царска Бугарија“ и стоте тома на бугаризираните македонски дејци оверени со потпис на, исто така, славната бугарска академија – БАН.
– Ова е невидена, иако очекувана, агресија на една цивилизација, на една култура, агресија врз идентитетскиот печат на еден народ, суверената македонска нација, од страна на Бугарија. Јас и моите колеги писатели уште лани ја предупредивме Европа за тоа, а таа, за жал, застана зад бугарскиот шовинизам. Во поголемата европска рамка и процесите што сега се одвиваат, ова не е преседан, туку е проект што еднаш ја одведе Европа во воен пекол – ни изјави познат писател, кој рече дека од објективни и познати причини во моментов сака да остане анонимен.
Што се однесува до политичкиот дел, завчера премиерот Христијан Мицкоски уште еднаш категорично потврди дека нема намера неговата влада да прифати условување за промена на Уставот без претходен договор.
Интересно е тоа што на темата „бугарски пасоши“, Европа нема соодветен одговор (интересно нема ни за случајот „Томпсон“ во Хрватска), како што би имала за која било друга членка на ЕУ, зашто двојните државјанства сосема поинаку се третираат на европски терен. Оти е очигледно дека Софија заборава дека тие што зеле и бугарски пасоши не се откажале од македонските. За нив се грижи Македонија, тие имаат покриено здравствено осигурување, пензии, тие си останале Македонци со цврста врска со македонската држава, впрочем и гласаат на македонски избори, уплаќаат даноци тука.
СЛУЧАЈОТ СО „НЕПОСЛУШНИОТ“ ОРБАН ЈА ТРЕСЕ ЕУ
Втората точка што како клучна ја поставува Данска е насочена првенствено против Унгарија, но можно е наскоро да се јават и други членки на Унијата за кои би важел истиот параграф. Копенхаген планира, најверојатно е тоа договорено со шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на „непослушната“ Унгарија под лидерството на суверенистот Виктор Орбан да ѝ се одземе правото на вето. И токму тука лежи причината за бунтот за „Баунти“. Кај експертите владее мислење дека токму укинувањето на механизмот на консензуално гласање би можело ако не да ја растури, тогаш сериозно да предизвика потреси во ЕУ.
Данска сега лобира врз Унгарија да се примени членот 7 од Лисабонскиот договор за ЕУ, кој досега не бил применет. Членот 7 од Договорот за Европската Унија дозволува можност за суспендирање на правата за членство во ЕУ, како што е правото на глас во Советот на Европската Унија ако земјата сериозно и постојано ги крши принципите врз кои е заснована ЕУ. Тие принципи се дефинирани во членот 2 од договорот, а тоа се почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитување на основните права, вклучувајќи ги и правата на лицата што им припаѓаат на малцинства. Веднаш овде можеме да прашаме – а зошто овој член 7 не би важел и за Бугарија, ако станува збор за принципи, на кои се повикува Договорот за ЕУ. Што е исклучок Бугарија, која очигледно крши голем дел од овие принципи, особено за правата на македонското, но и другите малцинства, на нејзината територија? Значи, пак сме на терен каде што владеат двојни стандарди.
Јасно е дека во геополитичките маневри ЕУ ја остава Македонија на цедило, односно да биде предмет на брутален напад врз нејзиниот идентитет, а на Украина ѝ се отвора простор за брзо членство, притоа ставајќи ја во незавидна позиција Унгарија, но и други земји. Данското претседателство „цврсто стои на ставот“ дека Молдавија и Украина треба во исто време заеднички да ги отворат кластерите, а доколку остане унгарското вето за Украина, тоа не би се случило. За да се избегне такво сценарио, би се активирало одземање на правото на глас на Унгарија, за што треба да се согласат и Германија и Франција.
„Нова Македонија“ се обрати до кабинетот на Орбан за коментар на ова што сега сака да го протурка Данска, откаде ни рекоа дека ЕУ досега не испратила кредибилни докази за наводите дека Будимпешта ги крши европските принципи или правила.
– Доколку ЕУ премине на гласање со квалификувано мнозинство, за унгарската надворешна политика ќе одлучуваат бирократите од Брисел. Тоа би значело крај на илјадагодишната унгарска држава – гласи реакцијата на премиерот Виктор Орбан.
Причини зошто Будимпешта е против членството на Украина има повеќе, но клучни се две. Првата е што Украина е во војна, а ако таа стане членка, значи и Европа ќе биде во војна, што за Унгарија не е прифатливо. Втората е економска, зашто во прв ред сериозен удар ќе доживее унгарското земјоделство.
– Влезот на Украина ќе ја урне нашата економија. Ние ќе го стопираме тоа. Ние јасно кажавме на избори дека сме против членство на Украина, а ако се прашаат и европските граѓани, секако дека и тие се против. Ние нема да отстапиме од нашиот став и од нашето право на глас – ни одговорија од кабинетот на Орбан.
Наместо со договори, Бугарија војува со пропаганди
Како заклучок ќе кажеме дека Данска најави бурни времиња внатре во Унијата, со нејасни, а можеби несогледливи последици за нејзината кохезија, која очигледно станува сѐ полабава. Македонија наместо да влезе во фаза на преговори со ЕУ, но и градење конкретни мерки на соработка со Бугарија, таа е предмет на засилена пропагандна дејност против нејзината државност од Софија, со што всушност е ставен под закана духот на Договорот за соработка. Ако тоа е прекршено, тогаш е отворен патот за негово раскинување, зашто не го помина тестот на времето.
И да, дојде времето и Македонија да дели по светот свои македонски книги за својата историја, култура, наследство, цркви, фолклор, мелос…, оти сето тоа си го присвоија и Бугарите и Грците. Не може Македонија да има „заедничка историја“, а сите други да имаат национални истории! Х.И.