Несомнено коридорот 10 отсекогаш го следел природниот географски тек, почнувајќи од Виена, Будимпешта, Белград, Скопје, Солун и Атина, овозможувајќи ѝ на централна Европа брза комуникација со југот на Стариот Континент преку пристаништата во Солун и Атина. Затоа е исклучително важно Македонија првично да се насочи кон реализација на овој проект. Од друга страна, коридорот 8 го нема таквиот природен тек и е без можност за брз сообраќај, па неговата финална реализација, доколку има обостран интерес и исплатливост, може да се оствари и преку македонско-бугарски приватни партнерства
Паметните инфраструктурни одлуки го одредуваат динамичкиот раст на државата
Инфраструктурното поврзување на Македонија со главните европски коридори е од клучно значење за земјава во насока на заживување на економијата, како и за побрз и поевтин транспорт на луѓе и стока во регионот, но и пошироко во Европа.
Во таа насока е посветеноста на земјава за реализација на клучните коридори 10 и 8, а Европската комисија неодамна ја поздрави подготвеноста на земјава за регионална соработка манифестирана преку забрзана реализација на инфраструктурни проекти што претставуваат дел од европскиот сообраќаен крвоток.
Географијата и геостратегијата му даваат предност на коридорот 10
Македонија пред извесно време најави дека ќе ја забави динамиката во реализацијата на проектот за изградба на пругата кон Бугарија, што е во рамките на коридорот 8, а сите аргументите зошто овој проект се става на побавна лента за реализација беа неодамна претставени во Брисел од страна на македонските претставници.
Неизводливоста на актуелниот проект, високата цена, како и недостигот од доволна посветеност од бугарска страна кон истиот проект, придонесоа Македонија со години да троши огромни средства за изградба на линија што не одговара на современите сообраќајни предизвици, односно наместо брз и ефикасен транспорт, со актуелниот проект всушност ќе се добие бавна и нерентабилна железничка врска со Бугарија. Инсистирањето на ЕУ за овој проект повеќе е во насока на затоплување на македонско-бугарските односи, кои се сериозно нарушени по постојаната блокада што официјална Софија ја наметнува врз македонските евроинтеграции.
Токму затоа македонските власти инсистираат да се изготви издржан проект во рамките на коридорот 8, што ќе овозможи железничко поврзување меѓу двете земји, што ќе биде од корист за граѓаните и стопанствата на обете земји, а не пруга по која симболично ќе сообраќа само еден воз во месецот. Тоа подразбира и Бугарија да ги заврши своите обврски во рамките на проектот, наместо Македонија да троши енормни средства за на крајот железницата да заврши во непробиен тунел, а милионите потрошени евра да останат заробени во нефункционален проект.
Од друга страна, активностите што ги преземаат соседните држави на коридорот 10 веќе се во завршна фаза, што јасно говори дека задача на Македонија е да го заврши својот дел и веќе на самите граници уште веднаш да биде поврзана со функционална брза железница, наместо да ги чека другите да си го завршат својот дел од работата. Со други зборови, кога Македонија ќе добие брза железница, зависи исклучиво од неа.
Во време кога брзината на товарните возови се зголеми до 150 километри на час, а на патничките и над 200 километри на час, брзини за кои се проектирани пругите во Австрија, Хрватска, Унгарија, Србија и во Грција, нормално е Македонија да го заврши својот дел од обврските и да ја приспособи железницата на овие современи барања.
Несомнено коридорот 10 отсекогаш го следел природниот географски тек, почнувајќи од Виена, Будимпешта, Белград, Скопје, Солун и Атина, овозможувајќи ѝ на централна Европа брза комуникација со југот на Стариот Континент и пристап до пристаништата во Солун и Атина.
Македонскиот министер за транспорт Александар Николовски пред извесно време напомна дека приоритет на оваа влада е изградбата на пругата од коридорот 10 бидејќи на тој начин се обезбедува постојан извор на приходи.
– Пругата на коридорот 10 е приоритет и затоа ќе ги вложиме сите напори оваа пруга да биде извор на приходи за државата и целата економија. За да нема застој во железничкиот транспорт, паралелно ќе ја реконструираме пругата од Табановце до Гевгелија, а во исто време ќе работиме и на изградба на нова пруга на коридорот 10 – објасни министерот Николовски.
Тој додаде дека проектот предвидува брзина на возовите од 80 километри на час за карго-превоз и 120 километри на час за патнички превоз, а реконструкцијата на постојната железничка линија од Табановце до Гевгелија би ја чинело државата околу 250 милиони евра, за што дел од средствата би се обезбедиле преку ИПА3-компонентата од каде што би можеле да се добијат околу стотина милиони евра, а околу 150 милиони евра треба да бидат обезбедени од домашниот буџет.
Важноста на коридорот 10 потврдена уште во минатото
Потребата од брза пруга на коридорот 10 е огромна за Македонија, како и за целиот регион и Европа, а дека тоа бил стратегиски важен инфраструктурен проект е потврдено уште од времето на поранешна СФРЈ, кога во 1978 година бил изготвен проект за брза пруга низ Македонија до границата со Грција, која би била со четири линии.
Инфраструктурното поврзување по должината на коридорот 10 било во фокусот и многу поназад, па дури и во рамките на проектот „Вардарска Долина“ се предвидувало дислокација на постојната пруга и изградба на нова брза пруга паралелно со системот на каскадни брани. На тој начин, паралелно ќе се одвивал и железнички и бродски сообраќај преку реализација на пловниот канал Дунав – Морава – Вардар – Егејско Море.
Сите овие проекти, некои стари и стотина години, акцентот секогаш го ставале на поврзувањето на релацијата север-југ, односно по должината на коридорот 10, така што и интенцијата на новата македонска влада да се посвети сериозно на реализација на инфраструктурните проекти во рамките на коридорот 10 е целосно на место.
Експертите децидни: Автопат кон Бугарија е далеку поисплатлив отколку железница
Дел од сообраќајните експерти немаат никаква дилема дека изградбата на брза пруга во рамките на коридорот 10 е од витално значење за Македонија.
– Има многу геостратегија при изведбата на вакви проекти, но несомнено Македонија секогаш природно припаѓала на линијата север-југ бидејќи така го диктира тоа географијата. Пругата кон Бугарија воопшто не требаше да се почнува, наместо тоа, милионите евра што непотребно се потрошија можеа да се инвестираат во модерно автопатско поврзување со Софија. Ниту една железница нема да замени добар автопат кога со автомобил од Скопје до Софија ќе се стига за час и половина. Со воз тоа е незамисливо. Исто е и со транспортот. Точно е дека железничкиот превоз би бил поевтин, но имајќи ја предвид бавноста со која ќе се доставува стоката поради малите брзини на товарните возови, тогаш камионскиот превоз е во предност. Со камион стоките далеку побрзо ќе стигнат до своите дестинации во Бугарија. Сето ова говори дека пругата што е дел од коридорот 8 е неисплатлива и може да се реализира евентуално со некакво јавно-приватно партнерство, како од македонска така и од бугарска страна. Дури и НАТО да инсистира на железничко поврзување по должината на коридорот 8, треба и со нив да се отвори дебата, дали Алијансата сака побрза комуникација од Јадран кон Црно Море преку современа патна конекција или, пак, ќе се потпира на железница низ лош географски терен, како во Албанија така и во Македонија. Впрочем, пред бомбардирањето на СР Југославија, НАТО ги доставуваше механизацијата и опремата токму преку автопатот по должината на коридорот 10 – велат сообраќајните експерти.
Според нив, добро е што државата се фокусира на пругата по должината на коридорот 10 бидејќи тоа е од особен интерес на државата.
– Во новите геостратегиски распределби, добро е да бидеме дел од коридорите преку кои ќе се одвива транспортот кон Европа, наместо да останеме слепо црево бидејќи Бугарија паралелно си гради пруга кон Романија за и таа да стане конкурентна и нас да нѐ исклучи. Ние треба да си го гледаме исклучиво нашиот интерес. Сега со Грција сме и енергетски поврзани, зависни сме од тамошните поморски пристаништа, нашето население во текот на летните месеци постојано гравитира кон грчкото приморје, така што немаме друг пат. Од друга страна, Грција има изградено брза пруга до граница, Србија исто, па останува уште ние да се поврземе на тој брз железнички коридор и така да овозможиме брз транспорт на луѓе и стоки. Дополнително, имаме индустриски зони што може да бидат поврзани кон овој коридор и така побрзо и поевтино да ги транспортираат своите стоки. Тоа за нас е важно и не смееме да отстапуваме од намерите да го реализираме во целост инфраструктурниот зафат предвиден во рамките на коридорот 10 – заклучуваат експертите.