Фото: „Нова Македонија“

Вчерашниот инцидент го отвора прашањето, кое е од суштинска важност и за македонскиот енергетски систем и за целата македонска економија, колкава е (не)стабилноста на македонскиот енергетски систем, колкава е урамнотеженоста во производството и потрошувачката на електричната енергија? И уште повеќе: може ли да се случи и во Македонија истото она што настана со неодамнешното затемнување (blackout) во Шпанија и во Португалија, како (светски) енергетски преседан предизвикан поради игнорирање на своите домашни базични ресурси за производство на струја?

Инцидентот со прекинот на електричната енергија (blackout) како повод

Вчера, ноќта меѓу саботата и неделата, во раните утрински часови повеќе македонски градови останаа без струја: Кичево, Прилеп, Битола, Охрид, Штип, Струмица, Кочани, Крушево, Скопје, Гевгелија и Куманово, односно поголем дел од Македонија.
– Се случија голем дефект и краткотраен испад на 110-киловолтната преносна мрежа. Причина за овој прекин се високите напони на 400-киловолтната мрежа во целиот регион, што се одрази врз македонскиот систем и го предизвика краткотрајниот испад на енергетските трансформатори 400/110 киловолти во трансформаторските станици – информираат од АД МЕПСО.
Овој енергетски инцидент ја отвора дилемата: колкава е (не)стабилноста на македонскиот енергетски систем, но и колкава е урамнотеженоста во производството и потрошувачката на електричната енергија? И уште повеќе: може ли да се случи и во Македонија истото она што настана со неодамнешното затемнување (blackout) во Шпанија и во Португалија, како (светски) енергетски преседан предизвикан поради игнорирање на своите домашни базични ресурси за производство на струја?
– Станува збор за регионален и европски проблем со кој се соочуваат речиси сите преносни систем-оператори поради нискиот транзит и конзум на електрична енергија во текот на ноќните часови и викендите во овој период од годината. Од настанување на испадот, екипите на АД МЕПСО експресно реагираа и за околу еден час по прекинот е нормализирано напојувањето со електрична енергија во државата – соопшти АД МЕПСО.
Оттаму информираат дека нивните екипи продолжуваат да работат на целосно нормализирање на стабилноста на електроенергетскиот систем.
– Систематично преку реализација на новите инвестиции во тесна соработка со соседните преносни систем-оператори се придонесува за зајакнување на стабилноста на системот, кој во минатото беше сериозно запоставен и неадекватно одржуван. АД МЕПСО и понатаму будно ја следи состојбата и се врши координација со преносните системи во регионот со цел да се обезбеди стабилност во системот и безбедност на корисниците со напојување со електрична енергија – посочуваат од АД МЕПСО.
МЕПСО во соопштението реагира на „неодржуваниот систем во минатото“, што, како што соопштуваат, сега „систематично преку реализација на новите инвестиции во тесна соработка со соседните преносни систем-оператори, се придонесува за зајакнување на стабилноста на системот“.

Светот допрва ќе ги редефинира актуелните енергетски политики на земјите во ЕУ и светот за неминовноста од потребата на фосилни горива

Во својата статија со наслов „Дали фосилните горива ги чека ‘мрачно’ сценарио во идниот светски енергетски микс?!“, Горан Николовски, експерт за енергетика и европски енергетски менаџер, нагласува дека „последните случувања со затемнувањето (blackout) во Шпанија и во Португалија, како светски енергетски преседан, допрва ќе ги редефинираат актуелните енергетски политики на земјите во ЕУ и светот и неминовноста од употреба на генератори, базирани на фосилни горива, како ладна резерва во сопствените енергетски системи.“
Нашите соговорници со доза алегорично предупредување додаваат и дека „не само како ладна резерва туку ние како земја со длабок енергетски дефицит, базното производство на електрична енергија треба да го зачуваме, тоа е она што во текот на овие неколку децении треба да биде примарно, а паралелно да размислуваме за резерва во тој систем, што во моментов може да ни биде зелената домашна енергија, додека со трансформацијата таа не стане примарна, а енергијата од јаглен ладна резерва“. Тоа ќе може да обезбеди вистинска и долгорочна стабилност и отпорност против испади во снабдувањето со струја, како што се случи пред некој ден во земјите на ЕУ, а во Македонија кога-тогаш ќе нѐ зафати, велат тие.

Потреба за осовременување на постојната преносна мрежа, но и за оптимално користење на сите енергетски извори, без ризични „зелени транзициски“ и „декарбонизирачки експерименти“ со македонската енергетика

Поставувајќи го прашањето „како и зошто потфрлија Шпанците“, Николовски укажува: „Шпанскиот енергетски сектор потфрли во својата процена на ризик и во својата превенција од аспект на сигурноста во снабдувањето“. Потоа тој посочува на мерките и активностите што ги презеде Шпанија за да го елиминира крупниот испад во тамошниот енергетски систем: „Првиот ден по настанувањето на енергетската криза, Шпанија, токму со тројно зголемување на производството на своите гасни централи, како единствена преостаната мерка за итни кризни ситуации, успеа да го надомести загубениот производствен капацитет на електрична енергија од фотоволтаичните и нуклеарните централи во државата. Четири дена подоцна, со дополнителна интеграција на енергијата од своите пумпни акумулациони хидроцентрали, Шпанија воспостави стабилна синхронизирана работа на својот енергетски систем, со што се создадоа услови за понатамошно нормално функционирање на шпанскиот енергетски систем, кој претежно се базира на енергија добиена од ветер и сонце, како и од нуклеарните централи“.
Стратегијата за затворање на македонските термоцентрали до 2030 година е преамбициозна, сметаат домашни експерти. Со стратегијата за енергетика се предвидуваше до 2022 година да се затвори ТЕЦ „Осломеј“, а од 2026 до 2032 година еден по еден блоковите во РЕК „Битола“. Но РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“ произведуваат дури 65 проценти од енергијата, значи од јагленот како енергент, тие се столбот на македонскиот електроенергетски систем и дали ова треба да биде резервната компонента на македонската енергетика или примарната компонентата? Дали потпирањето доминантно врз нестабилното и сѐ уште неконзистентно, а и скапо производство на струја од обновливи извори, од ветерници, од сончеви електрани и други обновливи енергетски извори, треба да биде примарниот елемент на македонската енергетика? Или е најдобро да се спроведуваат стратегија и пракса на оптимално користење и на базните енергетски ресурси, плус поостојните класични хидроенергетски извори?
Професорот Константин Димитров од центарот за енергетска ефикасност МАЦЕФ во едно јавно истапување овој месец предупреди: „Електричната енергија мора да се произведува во истиот момент кога се троши. Нерамнотежата меѓу производството и потрошувачката води до промена на фреквенцијата (од 50 Hz), што може да доведе до дефекти на опремата и дури колапс на целиот енергетски систем – како што се случи во Шпанија и Португалија“.
Вчераутро се случи испад во македонскиот електроенергетски систем, но за да не се случи и „затемнување“ како во Шпанија и Португалија, а некои енергетски експерти, дополнуваат и на опасноста и од распад на македонскиот енергетски систем, мора да се обрнува внимание на континуитетот, кој гарантираше стабилно домашно производство на електрична енергија и за стопанството и за граѓаните.
Во „Енергетскиот биланс на Република Македонија за 2025 година“ на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како индикативен плански документ, се предвидува потребите од енергија за 2025 година да изнесуваат 2,775 ktoe. Во 2025 година се предвидува нафтените продукти, кои се доминантни, да учествуваат со 42 отсто, јагленот со 36 отсто, а природниот гас со 9 отсто. Исто така, се предвидува биомасата да учествува со 6 отсто, хидроенергијата со 4 отсто и соларната енергија со 3,7 отсто.
Напоредно со постојаното осовременување на постојната преносна мрежа, сигурноста и стабилноста во снабдувањето со енергија на домаќинствата и економијата во Македонија ќе зависат од паметното менаџирање (форсирање) на домашното производство и потрошувачка на енергијата, со натамошно потпирање како и досега на струјата добиена од РЕК „Битола“ и од ТЕЦ „Осломеј“. Какви било нагли, избрзани „зелени транзициски“ и „декарбонизирачки експерименти“ со македонската енергетика можат да предизвикаат само дестабилизација на енергетските текови на државата. Неопходно е да се обезбедуваат постојано услови за стабилна и синхронизирана работа на македонскиот енергетски систем, во услови и на поврзаност со енергетските системи на другите соседни држави.

Свето Тоевски