Коридорот 8 има геостратегиска важност за НАТО, и за ЕУ, се разбира. Тој е важен и за Македонија. Но ние немаме толкави сили и ресурси за да можеме да бидеме успешно ангажирани на повеќе полиња. Меѓутоа, соговорниците потсетуваат дека ние потпишавме договори со нашите странски пријатели и институции, како ЕУ, НАТО, па и со соседните држави членки на ЕУ, дека ќе бидеме помогнати на сите начини за полесно интегрирање и интероперабилност во евроатлантските структури! Зарем линискиот коридор 8 не заслужува да биде третиран како такво олеснување за нас и западните земји да најдат начин да го изградат?! Ако Бугарија за својот дел од пругата обезбедила европски пари, клучното прашање што се наметнува во македонската јавност е зошто и македонскиот дел од овој важен коридор да не се финансира од фондовите на Европската Унија и НАТО, наместо тоа да биде на товар на македонските граѓани, на кои веќе им е наметнат приоритет за инфраструктурно инвестирање, како што е коридорот 10?!
Ако ѝ помагаат на Софија, зошто НАТО и ЕУ, па и самата Бугарија, да не се ангажираат за целосно довршување на коридорот 8
Коридорите 10 и 8, како стратегиски линиски инфраструктурни објекти што се вкрстуваат кај нас, се клучни за забрзување на процесот на функционално интегрирање на Македонија во Европа. Според нашите соговорници, „автопатиштата, пругите, линиските инсталации за енергија, како и придружните објекти на споменатите коридори се фундаментот за т.н. интеграциска акцелерација на Македонија во толку посакуваните европски структури“. И наместо ЕУ да направи сѐ за да си го исполни својот дел на обврската и на нашата земја да ѝ помогне побрзо да се реформира (транспортно, економски, трговски, енергетски итн.) за да ги достигне и другите „бенчмаркови“ на западните европски земји (економски раст, БДП), нам ни се наметнуваат невозможни барања и во тој дел. Во еден таков контекст, наши соговорници гласно размислуваат и се прашуваат „како тоа стратегиските партнери, кои постојано ветуваат олеснување и помош, а наедно и себеси би си олесниле за реализација на свои стратегиски потреби и цели (како што е тоа коридорот 8 за нив), не прават ништо и со тоа ја усложнуваат уште повеќе состојбата во регионот, и тоа по повеќе основи?!“
Блефови и од Брисел и од Софија
Срамежливо е инсистирањето од страна на меѓународната заедница кон Софија да продолжи со реализацијата на коридорот 8 од бугарска страна. Софија, пак, нема речиси никаква посветеност. Имено, за делницата од 2,5 километри со која треба да се обезбеди железничко поврзување со македонската граница, таа не е ниту во проектна фаза. Бугарската министерка за транспорт Красимира Стојанова, во гостување во емисијата „Брисел 1“ на „Бугарија он аир“, рече дека најдоцна до 2030 година целосно ќе биде завршен тунелот од бугарска страна по коридорот 8.
– Во однос на поврзувањето на двете граници, Бугарија во моментов ја има изградено целата железничка инфраструктура, при што останува неизградена една делница од околу 2,5 километри. Нашата земја има обезбедено финансирање за тоа. До крајот на 2024 година ќе биде готов техничкиот проект, а нашата земја ќе биде подготвена најдоцна до 2030 година да ја изгради делницата од Гуешево до границата со Македонија – истакна Стојанова.
Изјавата на бугарската министерка на некој начин е индиректна потврда дека Бугарија нема каква било намера во скора иднина да го реализира својот дел од обврските од коридорот 8, туку чека Македонија да продолжи да ги троши парите од македонските даночни обврзници и дополнително да се задолжува со кредити да реализира проект во должина од 89 километри, за на крајот тој да остане неискористен.
За разлика од бугарските 2,5 километри, за кои сѐ уште не е готов техничкиот проект, трасата од македонска страна до границата со Бугарија има 89 километри, од кои 24 се во последната трета фаза, која е исклучително комплексна за реализација, бара пробивање на многу тунели и изградба на мостови, а чини над 550 милиони евра.
Брисел го притиска Скопје да се снаоѓа како знае и умее, за да покаже добра волја за поврзување и европско интегрирање
По најавите од страна на актуелните македонски власти дека немаат намера да продолжат со проект што Бугарија го игнорира, Европската Унија организираше посреднички состанок во Брисел, при што македонски и бугарски тимови се договорија дека реализацијата на проектот ќе продолжи, но дека е потребно обете страни да го реализираат истовремено за да може да биде ставен во функција во исто време.
Она што е повеќе од извесно и на што подолго време алармира фелата, особено од делот на бизнис-секторот, тоа е дека ваква пруга во 21 век е целосно нерентабилна и нефункционална, односно нема да придонесе ниту за побрз транспорт на луѓе и стока, а уште помалку ќе има економска исплатливост.
– Со возови што ќе се движат со брзина од 60 километар на час, во време кога секаде се градат брзи линии на кои ќе се развиваат и до 200 километри на час, железничкото поврзување со Бугарија е апсурдно. Тоа го знае и бугарската страна и затоа оттаму не брзаат со изградба, плус не трошат сопствени средства, туку секој метар го наплаќаат од европски пари. Кај се видело 2,5 километри да се градат цели пет години? Па на рамо да ги носеа шините побргу ќе ја изградеа пругата ако сакаа. Несомнено оваа линија има исклучиво геостратегиска намена, а кога е веќе така, треба и ние да се избориме барем оваа последна делница од пругата, која е технички најпроблематична, финансиски и технолошки да ја покријат Алијансата и ЕУ. Тие имаат софистицирани машини и опрема за пробивање тунели, така што работата ќе може многу побрзо и поефикасно да се заврши – посочуваат експертите.
Нема никаква дилема дека зад инсистирањето за реализација на пругата од коридорот 8 се кријат исклучиво геостратегиски цели, поточно поврзување на јужното крило на НАТО со Црно Море. Македонија како членка на НАТО е обврзана да работи на воспоставување вакви безбедносни коридори и тоа не е спорно, но од друга страна, финансирањето на вакви проекти не може целосно да падне врз грбот на македонските граѓани, па кога веќе земјава ги финансираше првите две фази, последната фаза може да биде финансирана со помош на ЕУ и НАТО-фондовите.
Имено, ако Бугарија за својот дел од пругата обезбедила европски пари, клучното прашање што се наметнува во македонската јавност е зошто и македонскиот дел од овој важен коридор да не се финансира од фондовите на Европската Унија и НАТО, наместо тоа да биде на товар на македонските граѓани, кои немаат никаква придобивка од оваа бавна пруга.
Земјава веќе имаше едно негативно искуство со Алијансата кога го даде на користење автопатот што е дел од коридорот 10 за транспорт на тешка воена механизација при бомбардирањето на поранешна СР Југославија, што резултираше со сериозни оштетувања на патната инфраструктура. Подоцна, на инсистирање од македонска страна да се санираат оштетувањата, сѐ се сведе на козметичка поправка на неколку моста, додека асфалтот на автопатот беше трајно уништен и подоцна Македонија со свои средства мораше да го обновува, а дел и натаму не е дозавршен и останува со дупки.
Половина милијарда евра подобро да се потрошат на функционални проекти
Пред извесно време и премиерот Христијан Мицкоски, како и министерот за транспорт Александар Николоски истакнаа дека за реализација на третата фаза од пругата кон Бугарија земјава треба да потроши енормно многу средства, кои можат да бидат пренаменети за изградба на брза пруга по должината на коридорот 10 и за доизградба на интерконекторот со Грција.
– Тие пари да ги потрошиме во модернизација на пругата на коридорот 10 и возовите наместо 30 на час да возат 100 на час и наместо трипати да биде намален буџетот на јавното претпријатие Македонски железници – инфраструктура, да може трипати да биде зголемен и наместо по две години првпат да имаме една оперативна локомотива, да купиме пет нови и да имаме повеќе композиции на вагони што ќе поминуваат во државата – рече Мицкоски и дополни дека очекува со вакви средства да се финансира интерконекторот со Грција наместо да се бара ретендерирање или пролонгирање бидејќи тоа може само да ја зголеми цената на чинење.
Познавачите на состојбите се категорични дека за вакви скапи проекти, кои не се од примарен интерес за државата, мора да се најдат начини тоа да си го покријат оние на кои тоа им е важно.
– Потребно е Македонија пред партнерите во ЕУ и НАТО да ги изнесе своите аргументи зошто самата не може да финансира толку скап проект, особено кога Бугарија за истата работа добива европски пари и не се задолжува. Ако на НАТО и на ЕУ им е важна пругата, тогаш нека издвојат средства и како што ѝ дадоа на Бугарија, да ни дадат и нас барем за оваа трета, можеби најскапа фаза. Над 550 милиони евра не се малку за оваа држава, така што тие пари навистина можат да се пренасочат во модернизација на коридорот 10 и на тој начин југоистокот на Европа ќе се поврзе со централна и северна Европа. Тоа е исклучително важно за економскиот развој бидејќи пристаништата во Солун и Атина стануваат уште повеќе достапни за европските компании. Ако некогаш се реализира и проектот „Вардарска Долина“, тогаш Македонија ќе има огромна корист само од транспортните такси, а камоли од можноста побрзо да ја пласира стоката на македонските компании низ европските пазари. Задача на македонските политичари е да ги убедат и НАТО и ЕУ финансиски да го помогнат реализирањето на третиот дел од пругата со Бугарија и така да се стави во функција и коридорот 8, а во исто време Македонија со половина милијарда евра да го модернизира и да го забрза транспортот по должината на коридорот 10. Тоа е вин-вин ситуација за сите и нема зошто да не се направи таков обид. Дури и Бугарија може да се јави како партнер што ќе помогне Македонија да добие европски пари за побрза реализација на пругата што е дел од коридорот 8, ако е искрена во своите намери дека сака железнички да се поврзе со земјава – заклучуваат експертите.