Демократскиот сојуз е загрижен во врска со неодамнешното назначување на поранешен келнер за нов генерален директор и претседател на Управен одбор на Македонски Железници Транспорт АД-Скопје, велат од оваа партија.
Сметаме, додаваат од партијата на Трајанов, дека раководните позиции во јавните претпријатија мора да бидат пополнети со професионалци со долгогодишно искуство, знаење и висок степен на професионалност и интегритет.
Ја повикуваат Владата да ја преиспита својата одлука и да почне да применува транспарентен и мерит процес на селекција при сите именувања во јавните претпријатија.
– Владата мора да даде приоритет на компетентноста, стручноста и интегритетот при изборот на поединци за такви позиции. Политичката припадност не може и не смее да биде главен критериум при вработување или поставување на раководна позиција. Граѓаните очекуваат со јавните претпријатија да раководат врвни професионалци, одговорно и транспарентно – велат од партијата.
– Од суштинско значење е Владата преку поставување на носители на јавни функции да води сметка за нивната компетентност, стручност и интегритет. Некомпетентното раководство има негативно влијание и врз успешноста на претпријатието, а тоа има одрз и врз земјата во целина. Лошото одлучување ќе доведе и до дополнителни финансиски загуби и намалени јавни услуги – се додава во нивното соопштение.
Оваа пракса, како што појаснуваат, прави огромна штета на угледот на претпријатието и државата во целина, а младите кадри ја напуштаат земјата.
Демократски сојуз инсистира на поголема одговорност во процесот на именување и назначување на функционери, транспарентен процес и цврсти критериуми.