Да или не за домашна нуклеарна енергија? Мноштвото енергетичари и бизнисмени со кои разговаравме се „за“, но нивната дилема е „дали наша мини-нуклеарка до 400 мегавати во Мариово“ или, пак, „нуклеарка во соработка и соинвеститорство со северниот сосед“?
Есенцијално за одржлив економски раст и развој на Македонија: Базна енергија од домашно производство!
Деновиве во јавноста беше публикувана информацијата за средба на македонскиот премиер Мицкоски со високи претставници на американската администрација, на која меѓу другото се дискутирало и за можноста за производство на електрична енергија во Македонија – од нуклеарна централа. Имено, според некои медиуми, таа средба „била во насока на идејата да почнат поинтензивно да се собираат информации од кредибилни партнери за учество на САД во стратегиски проекти, како што е и изградба на нуклеарна централа“.
Ова не е нова иницијатива за нуклеарна централа во Македонија, но формата е нова бидејќи доаѓа од нашиот американски стратегиски партнер.
Од друга страна, за потсетување на идејата за нуклеарка, од Далечниот Исток, од официјален Пекинг, уште во 2016 година тогашната кинеска амбасадорка Хуо Јуџен, специјална претставничка на секретаријатот на НР Кина за соработка со земјите од Централна и Источна Европа, најави дека Кина ја истражува можноста за изградба на триесет мини-нуклеарни централи до 2023 година, а во истиот пакет и нуклеарна централа во Македонија.
Исто така, уште едно потсетување, на локацијата Мариово уште во поранешна Југославија беше целено како добра локација за изградба на нуклеарна централа, покрај онаа што беше изградена во Кршко, Словенија, чија енергија ја користат денес сукцесорите од бивша Југославија, Словенија и Хрватска, сега членки на ЕУ.
Што мислат експертите?
Во врска со изградбата на нуклеарна централа во Македонија, професорот Константин Димитров истакнува дека има соодветна локација во рамките на акумулациите како „Тиквеш“, „Чебрен“ и „Галиште“ на Црна Река. Но, сепак, тој повторно акцентира дека ако се гради нуклеарна централа или, пак, каква било централа на овие реки, државата треба да биде доминантен сопственик со 51 процент! Професорот Димитров потсетува и дека во СФР Југославија, Мариово и изградбата на „Чебрен“ се поврзувале со изградба на нуклеарна централа.
Професорот Константин Димитров смета дека нуклеарна централа е добар проект, но дека се потребни минимум десет години за да се започне изградбата. Професорот Димитров, заедно со неколку други извонредни познавачи на енергетиката, вклучувајќи и познавач на референците и бенефициите од домашното, базно производство на енергија за националното стопанство и за граѓаните, беше жесток критичар ХЕЦ „Чебрен“ да ја гради грчкиот „Мителенеос“, при што успеа аргументирано да ја одбрани тезата дека „имаме капацитет сами да го изградиме и дека тоа е проект што го обединува македонското општеството!“ Професорот Димитров постојано ги елаборира своите исклучително издржани аргументи за став во кој се бара државата да биде доминантен сопственик при градење на проектите како „Чебрен“, „Галиште“, „Скочивир“, односно за интегрално решавање на предизвиците со сливовите на реките, каде што е Црна Река како дел од Вардарска Долина.
Размислувања за приклучување на иницијативата за нуклеарка во Србија?
Неделава Владата на Србија започна јавна расправа за предложените измени на законите за енергетика во земјата, кои вклучуваат додавање ново поглавје посветено на нуклеарната енергија. Србија е подготвена да ја поништи 35-годишната забрана за изградба на нуклеарни централи, што означува значителна промена во националната енергетска политика. Владата ја разгледува нуклеарната енергија како опција за зајакнување на енергетската независност. Со предложените измени е наведена „трифазна програма за мирна примена на нуклеарната технологија“, почнувајќи од процената на изводливоста на нуклеарната енергија, потоа развојот на нуклеарната програма и завршувајќи со нејзино спроведување. Доколку се усвојат овие измени, со нив ќе се укине долгогодишниот Закон за забрана на изградба на нуклеарни централи во Сојузна Република Југославија, кој е во сила од 80-тите години на минатиот век. Доколку поминат измените на Законот, извесно е дека Србија, во согласност со меѓународните институции и држави, ќе се мобилизира за реализирање проекти за т.н. мирна примена на нуклеарната технологија, односно изградба и употреба на мали нуклеарни централи. Според некои енергетичари, и ова е шанса за Македонија да учествува како коинвеститор во некои од проектите за мини-нуклеарки. Е.Р.