Првпат во земјава се случува во ист момент да дојдат повици за помирување и обединување од повеќе страни, што влева надеж дека партиите почнуваат да стануваат свесни дека времињата за „играње политика“ поминаа и дека сериозните предизвици бараат сериозен и заеднички одговор на сите граѓани и колективитети на повеќеслојното македонско општествено ткиво, кои треба да се подредат на линијата што води до заеднички просперитет, динамичен раст и развој
За помирувањето и обединувањето на повеќеслојното македонско општествено ткиво
Повеќе од извесно е дека светот онаков како што го познававме досега доживува радикален пресврт и во тој контекст Македонија како држава е исправена пред сериозни предизвици што бараат решителен одговор, кој може да се подготви само со внатрешни заеднички сили.
Едно е повеќе од сигурно, а тоа е дека кога нема внатрешна кохезија, тогаш разнебитувањето на државата по сите основи се случува многу лесно и земјава силно ги чувствува последиците од неединството.
Факт е дека во овие нешто повеќе од три децении независност македонското општествено ткиво не успеа да се обедини за ниту една работа, исфрлајќи го на површина многу повеќе партискиот антагонизам што длабоко се вкоренил во секоја општествена пора и кој не дозволува сеопшто помирување и обединување, па дури и за прашањата од највисок национален интерес.
Таквиот пристап придонесе во ниту еден клучен историски момент во овие три децении самостојност партиите да не можат заеднички да седнат и да се договорат околу прашања важни за интересот на државата и граѓаните. Тоа ја доведе земјата во крајно незавидна позиција, да понесе премногу жртви за и натаму да остане во европската чекалница, но и да не може дома да ги спроведе клучните реформи што ќе значат подобар живот за граѓаните, помала стапка на корупција, владеење на правото, стабилна и силна економија, како главни предуслови да се спречи постојниот егзодус на популацијата.
Дојдено е време повиците за обединување да не бидат историска иконографија, туку повик од заедничката татковина
Низ годините беа упатени многу повици за обединување на секој значаен датум што го одбележуваше државата, но тие како по некое непишано правило уште однапред беа отфрлани од страна на оние кон кои беа упатени.
Како и да е, времињата на водење партиски инаети минаа, така што крајно време е сите општествени чинители да почнат да се однесуваат сериозно и да ги стават во прв план интересите на државата и граѓаните, а личните суети да ги остават зад себе.
Во тој контекст може да се разбере и последниот повик за помирување и обединување што го упати македонскиот премиер Христијан Мицкоски, не како копнеж, туку како сериозен политички одговорен апел, што идентификува неопходност за реализација на македонските стратегиски интереси.
– Ќе ве потсетам дека во мојот говор уште на 23 октомври – Денот на Внатрешната македонска револуционерна организација повикав на ваков тип обединување што ќе кулминира со заедничка соработка што би ја имале политичките чинители и Македонската академија на науките и уметностите, да креираме една долгорочна стратегија за неколку децении однапред за да знаеме што треба да направиме и каде треба да се стремиме како држава. Добро е што е ова сѐ поприсутно во јавноста, добро е што зафаќа темел, има свој корен и добро е да имаме ваков тип дебати во кои ќе имаме национално обединување и јас тоа го поздравувам. Се разбира и секогаш сум подготвен да разговарам со секој што има каква било идеја или предлог којшто значи национално помирување, да ги немаме оние дневни ад хоминем политички разлики – нагласува Мицкоски.
Сличен повик и платформа за обединување неодамна понуди и движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски, кој е владин коалициски партнер.
– Ова е одлука што ќе биде од општ интерес за сите граѓани и еднаш засекогаш ќе се затвори темата кој тоа од позиција на власт може да ги продава нашите национални и државни интереси. И на крајот Собранието ќе одлучи… Доколку е прифатлива за мнозинството, ќе оди во парламент. Таму ќе биде дополнително елаборирана, очекуваме дека и јавноста ќе ја коментира, експертската фела, исто така. Македонија заслужува еден ваков документ… Вакви обиди имало и во минатото, но секогаш кога ќе дојдело од лево, се негирало од десно, кога ќе дојдело од десно се негирало од лево… Се сметаме за најнезависни, нови сме на политичката сцена. ЗНАМ е тој што излегува и ќе го дадеме максимумот да ги убедиме преостанатите дека ова е нешто корисно за нас – истакна Димитриевски образложувајќи ги причините за изготвувањето на една ваква платформа за обединување околу националните интереси.
Неодамна и првиот човек на опозициската СДСМ, Венко Филипче, упати иста порака, дека е потребно обединување во заштитата на националните интереси.
– Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа што ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување – рече Филипче.
Натпартиска стратегија за бенефиции на националните интереси
Првпат во земјава се случува во ист момент да дојдат повици за помирување и обединување од повеќе страни, што влева надеж дека партиите почнуваат да стануваат свесни дека времињата за „играње политика“ поминаа и дека сериозните предизвици бараат сериозен и заеднички одговор на сите граѓани и колективитети на повеќеслојното македонско општествено ткиво, кои треба да се подредат на линијата што води до заеднички просперитет, динамичен раст и развој. А да отпаднат или да се повлечат сите оние што со умисла досега го попречуваа тоа, заради лукративни свои или тесногради анационални цели.
Дел од аналитичарите во ваквите повици за помирување и обединување што доаѓаат од повеќе страни гледаат шанса обединувањето конечно и да се случи.
– Македонија премногу изгуби сиве овие години токму поради внатрешните поделби и кавги. Соседите можеби имаат внатрешни политички недоразбирања, но се силно обединети околу националните интереси. Тоа кај нас недостига. Партиите нека си тераат програмски и идеолошки битки, но околу националните интереси мора да се обединат и без оглед која влада и да биде, мора да ги следи тие политики, односно таа толку препознатлива линија за национален просперитет (идентитет, препознатливост, одржливост, раст, развој, конкурентност…). Затоа е добро во најкус можен рок да се изготви државна стратегија за најважните прашања и да се расчистат сите дилеми во која насока ќе се движи државата. Истовремено, ништо од тоа нема да може да се користи за изборни манипулации, туку партиите ќе мора да излезат пред граѓаните со јасни програми во кои ќе кажат што ќе направат за побрз, подинамичен развој и сеопштиот национален просперитет, а не да печалат поени така што ќе лицитираат со националните интереси, заради лични или теснопартиски бенефиции. И, што е најважно, партиите, дури и кога се на власт, мора да разберат дека тие не се државата, туку државата се институциите, а тие треба да постапуваат врз основа на стратегиите донесени од сите заедно, со широк општествен консензус. Тоа е единствената исправна формула што ќе доведе до семакедонско општествено обединување и помирување. Така и ќе ги оствариме посакуваните цели, без некој да нѐ уценува – заклучуваат соговорниците.