Нема оправдување да се погоди болница полна со цивили во Газа во која беа сместени стотици ранети лица, нагласи денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред европратениците, додавајќи дека „треба да се утврдат сите факти“ за трагедијата.
Претседателката на ЕК, говорејќи пред Европскиот парламент во Стразбур, рече дека експлозијата, при што загинаа најмалку 200, ја претворила болницата „Ал Ахли“ во Газа во „огнен пекол“.
– Сцените од болницата „Ал Ахли“ се застрашувачки и вознемирувачки. Нема оправдување да се погоди болница полна со цивили. Треба да се утврдат сите факти, а одговорните мора да одговараат, рече Фон дер Лајен, без да ја префрли вината за нападот кон кој било во конфликтот меѓу Израел и Хамас.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на дебатата посветена на случувањата на Блискиот Исток, Фон дер Лајен истакна дека „теророт на Хамас ги втурна Израел и Палестина“ во нова спирала на насилство.
– Во овој трагичен час, сите ние мораме да ги удвоиме нашите напори да ги заштитиме цивилите од бесот на оваа војна – истакна претседателката на ЕК.
Таа се осврна и на, како што рече, „терористичките напади“ во Брисел и францускиот град Арас, изразувајќи при тоа сочувство до семејствата на жртвите од.
– Трагично, гледаме дека теророт повторно се појавува. Исто така, теророт не носи овде на оваа дебата. Грозоморните терористички напади на Хамас врз Израел. Она што го видовме во кибуцот Кфар Аза е чисто зло. Крвта како сведок на ужасот, изгорени куќи, оставени детски играчки, кое ниедно дете повеќе нема да ги допре. Терористите на Хамас убија над 1.400 мажи, жени, деца и бебиња од една единствена причина, затоа што тие биле Евреи или само живееле во државата Израел – рече Фон дер Лајен.
Таа го повтори претходно искажаниот став на ЕУ дека Израел има право на самоодбрана, во согласност со меѓународното право, потенцирајќи дека „Хамас се терористи“ од чии терор исто така страдаат и Палестинците.
– Ние мора да ги поддржиме. И нема противречност во солидарноста со Израел и активностите за хуманитарните потреби на Палестинците – нагласи Фон дер Лајен.
Претседателката на Еврокомисијата истакна дека при нејзината минатонеделна посета видел нација која е во шок и сите со кои разговарала побарале израз на солидарност.
– Тоа е најмалку што можеме да го направиме за народот на Израел. Овој хорор бара заеднички одговор од нас. Како луѓе, како бранители на слободниот свет, како граѓани на Европа каде омразата, теророт и расизмот немаат место. Европа стои зад Израел во овој мрачен момент.
Ова е суштинската почетна точка. И верувам дека беше важно да се пренесе оваа порака за солидарност лично, во Израел, само неколку дена по нападот на Хамас. Само ако ја признаеме болката на Израел и неговото право да се брани, ќе имаме кредибилитет да кажеме дека Израел треба да реагира како демократска земја, во согласност со меѓународното хуманитарно право. И дека е клучно да се заштитат животите на цивилите, дури и особено среде војна, потенцира Фон дер Лајен.
Според неа, не може да има двоумење околу заштитата на животите на цивилите, бидејќи Европа секогаш ќе биде на страната на човештвото и на човековите права.
Таа повтори дека Еврокомисијата донесе одлука за тројно зголемување на хуманитарната помош за цивилите во Газа и дека лансира хуманитарен воздушен мост на ЕУ до Египет за да се дистрибуира помошта до хуманитарните организации на теренот, при што уште во текот на оваа недела ќе заминат првите два авиони со хуманитарна помош од УНИЦЕФ.
Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи се огласи на Фејсбук во врска со синоќешниот напад врз болницата „Ал Ахли во Газа“, истакнувајќи дека „тоа е нехуман чин на терор за кој нема оправдување“.
– Нападот врз болница и училиште во Газа со стотици цивилни жртви е нехуман чин на терор за кој нема оправдување. Почитување на меѓународното и хуманитарно право е приоритет, а цивилите мора да бидат целосно заштитени по секоја цена – објави Османи на својот фејсбук-профил.
Како што посочува Османи во објавата, сторителите на овој чин мора да бидат јасно идентификувани и да одговараат.
Во синоќешниот воздушен напад врз баптистичката болница Ал-Ахли Араби во центарот на градот Газа загинаа најмалку 500 луѓе.