Фото: Маја Јаневска-Илиева

ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕ НЕ ГО ПОЛОЖИ ТЕСТОТ НА ВРЕМЕТО И НАПРАВИ ПОВЕЌЕСЛОЈНИ ПРОБЛЕМИ И ОГРОМНИ ТРОШОЦИ

  • Законот за јазиците беше донесен „на мускули и сосила“, покриен со европско знаменце, за да не се бара двотретинско мнозинство, стапи во сила неделовнички, без потписот на претседателот Иванов, а сега и праксата покажува дека ваква комплетна двојазичност е нефункционална, скапа, неприменлива во целост и ја нарушува унитарноста на државата
  • Во некои министерства се најавува напуштање на праксата „лев и десен јазик“, односно подготвување документи двојазично – лево македонскиот, а десно албанскиот
  • Дали непочитувањето на забелешките на Венецијанската комисија од претходната влада ќе се врати како бумеранг?

Нефункционален, крајно загрозувачки за унитарниот карактер на државата, скап и не промовира национална кохезија, се стручни оцени изнесени за „Нова Македонија“ во врска со Законот за употребата на јазиците. Дали по шест години од неговото усвојување и примена, која дури е проследена и со присила и казни, се разбра дека тој ќе мора да се стави ад акта (во фиока) и да се донесе нов? Новата влада се чини основано прави први чекори во таа насока. А, конечно, има најави дека и Уставниот суд ќе се изјасни наредниот месец.
Тој контроверзен и неуставен закон стапи во сила во март 2018 година, со потписите на Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија, и на Неџбедин Ибраими, заменик на генералниот секретар на Собранието на Република Македонија, а под името на тогашниот претседател Ѓорге Иванов нема потпис. Зошто? Кратко и јасно – тогашниот претседател, кој го извршуваше вториот мандат, инаку универзитетски професор од Правниот факултет, оцени дека тој закон е противуставен и ја загрозува унитарноста на државата Македонија. А, без потписот на претседателот на државата, Законот е мртво слово на хартија.
Но, и без неговиот потпис законот, како и неколку претходни, се протурка со објавување во „Службен весник“, официјален орган што оттогаш и тој станува двојазичен – излегува на македонски и на албански јазик.
Законот беше усвоен со 69 гласа „за“, а опозицијата не го поддржа. Како главни аргументи за носење на тој закон, на кој без каков било издржан аргумент му залепија и европско знаменце, значи да се донесе во скратена процедура и да се смени Уставот без двотретинско мнозинство, власта предводена од коалицијата на СДСМ со ДУИ и неколку помали партии тврдеа дека е заради членство во НАТО и во ЕУ (што не е точно) и заради мирен соживот, но и дека тоа било предвидено со Охридскиот договор, што исто така експерти по уставно право го негираа. Вториот аргумент, пак, кажува дека во земјава има етнички тензии и дека албанското малцинство е подготвено со притисоци да се носат закони во нивен интерес. Маневрите на ДУИ што ги презема по нивното развластување, го потврдуваат тоа, а тактиката е иста – странски експерти даваат предлог за проширување на употребата на јазикот, главно да се избрише употребата на „20 проценти“ и да се назначи „албански јазик“, а тие да се погрижат за притисокот. Дали и овој закон е во нивен интерес е многу дискутабилно, ако се земе предвид дека тој не промовира интеграција во општеството, туку сегрегација, тврдат експерти, а тоа се покажува и во пракса. Најсвеж и најсликовит пример е со директорката на Токсикологија, која наводно не знаела македонски јазик?! Но тоа незнаење предизвика огромна штета.

НА ШТО ПРЕДУПРЕДИ ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА?

Законот нормира дека „на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо; (2) друг јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, во согласност со овој закон“.
Законот ги изедначи македонскиот и албанскиот јазик на сите нивоа, па дури, според толкувањето на албанските политичари, тие имаат право и во комуникација со странство и за време на странски посети да го користат албанскиот јазик. Ваква одредба нема во Охридскиот договор и таа е измислена топла вода на коалицијата СДСМ/ДУИ. Охридскиот договор предвидува, покрај употребата на македонскиот јазик, употреба и на албанскиот јазик, но не на државно ниво, туку само во средините каде што албанското малцинство е 20 проценти. Употребата на терминот малцинство е соодветна на праксата во Стразбур и во Европа, затоа што во конвенциите за националните малцинства и за човекови права тие не познаваат заедници или делови на народи.
За овој закон некои експерти велат дека е „типичен Франкенштајн во правото“ зашто е крпен и кроен од различни земји и од различни пракси. И експертите на Венецијанската комисија од Стразбур ни кажаа дека законот е нејасен, нефункционален, скап, непрактичен и со решенија што не ги познава меѓународната пракса, па затоа и неприменлив во целост. Тоа беше особено потенцирано за двојазичните униформи, за што Стразбур побара тоа решение да биде ставено под мраз.
Затоа независните експерти на Венецијанската комисија ги повикаа македонските власти да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Тие потенцираа дека во споредба со законодавството за 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.
Според мислењето, овој пристап може значително да го забави функционирањето на целото судство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, потоа дека законот нема јасност во однос на одредбите што важат само за албанскиот, а исто така и за другите јазици во заедницата. Тие препорачаа обврската да се користи албанскиот јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација меѓу државните службеници да се ограничи на писмените службени комуникации или неговото стапување во сила да биде одложено додека не се појави соодветно спроведување на таа одредба.
На ова тогаш, во 2019 година, се огласи пратеникот од ДУИ Артан Груби, кој тврдеше дека какво и да е мислењето од Венецијанската комисија, тоа ќе се почитува, но и дека ниту една цена за имплементација на некој закон не е поголема од цената на мирот и добрите меѓуетнички односи. Значи, повторно закани!

ПРОБЛЕМИ ВО МИНИСТЕРСТВАТА

Двојазичноста, промовирана на големи ѕвона од владата на Зоран Заев, заедно со Али Ахмети, партнерот од ДУИ, денес покажува знаци на сериозен проблем и неприменливост, особено во функционирањето и во комуникацијата во рамките на министерствата. Пракса е комуникацијата, соопштенијата, одлуките итн. да бидат двојазични. Вообичаено, на левата страна оди текстот на македонски јазик, а на десната на албански.
– Тоа создаде големи проблеми. Јас како поранешен дипломат во МНР го видов и тоа документи и текстови да се преведуваат паушално од Албанец што не е овластен преведувач. Сигурно дека имало грешки. Посебен проблем е кога треба дипломатот, на пример во некоја амбасада, да реагира брзо, да се испрати нота, кога нема време за чекање на преводот. За дипломатијата ова е непоимливо. Според мои сознанија, овој принцип на поделен лист на лев и десен јазик се проценува дека е нефункционален во министерствата и полека ќе се напушта. Но јас одамна не сум во МНР и не знам што точно се случува. Од моето искуство можам да кажам дека имавме сериозни проблеми- вели дипломат што инсистираше на анонимност.
Оваа нефункционалност инаку се одразува и многу пошироко, па дури станува и сериозен општествен проблем затоа што во администрацијата се вработуваат лица што не го знаат или воопшто не го зборуваат македонскиот јазик. Практично, тие се вработуваат, па потоа го учат македонскиот јазик. Повеќемина со кои контактиравме од таа група граѓани, вработени во администрацијата, искрено велат дека се среќаваат со невообичаени ситуации во текот на своето работење, недоразбирања и неефикасност во работењето, но тврдат дека тие самите не се виновни туку дека „системот го прави своето“ (!?).
Наши соговорници професори нѐ потсетуваат дека и во Законот за јазиците е напишано дека законот важи за „тие што зборуваат друг јазик од македонскиот“, поентирајќи со прашањето што е ова ако не дискриминација, со заклучок дека од законското решение се гледа дека „и не мора да го зборуваат македонскиот јазик“!?