Ако Брисел не се осмели да биде флексибилен, да излезе од анахроните бирократски процедури и форми, да се заврти кон фундаментите на меѓународното право, а не кон протекционизмот што го практикува за своите членки, затоа што „тие си се свои“, тогаш сѐ полека ќе згние во европската кошница. Европската Унија директно допушта во нејзини рамки да се работи на нејзина сопствена штета, загрозувајќи ги своите стратегиски политики поврзани со проширувањето и оставајќи простор за формирање „гнили зони“ во срцето на Европа
Бугарите гласаа на седмите предвремени избори за само четири години
И по седмиот изборен циклус во рок од четири години во Бугарија, единствена константа што ниту едни избори нема да ја променат на бугарската политичка сцена и која е извесна и јасна е односот кон Македонија и политиките на блокада наметнати заради остварување на големобугарските цели.
Низ сите избори досега во последните неколку години се покажа дека целосно биле залудни надежите од македонска страна дека евентуална нова политичка влада во Бугарија ќе сврти нов лист во политиките кон земјава и дека конечно двете земји ќе почнат да говорат со јазикот на добрососедство, соработка и заемно почитување.
Наместо тоа, од моментот кога беше потпишан Договорот за пријателство и добрососедство, односите меѓу двете земји бележат надолна линија за веќе да ја достигнат точката кога македонските граѓани, за голема жал, почнуваат да ја доживуваат Бугарија како најголем непријател.
Односот на политичките сили по вчерашните избори покажува дека кој и да формира влада во Бугарија, за Македонија суштински тоа нема да значи ништо бидејќи нема политичар во Софија што ќе се откаже од сето она што на тацна им го даде претходната македонска влада со прифаќањето на францускиот предлог.
Со други зборови, тоа значи дека ако официјален Брисел не се осмели да биде флексибилен околу македонските напори да се спроведат уставните измени на начин што ќе значи добивање некаква гаранција дека нема да има нови слични блокади од бугарска страна, тогаш Европската Унија директно ќе работи на сопствена штета загрозувајќи ги своите стратегиски политики поврзани со проширувањето и оставајќи простор за формирање „сиви зони“ во срцето на Европа.
Ни „хардвардците“ не можеа да излезат од шинелот на Живков
Бугарија, најсиромашната членка на Европската Унија и со највисок степен на корупција меѓу земјите членки, вчера гласаше на нови предвремени избори и повторно се соочува со можноста да не може да формира стабилна политичка влада. Земјата има проблеми со ротирачките влади откако беа организирани протестите во 2020 година, кои придонесоа за уривањето на коалицијата што ја предводеше десничарската партија ГЕРБ, предводена од поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, во чиј последен мандат беше потпишан Договорот за пријателство и соработка со Македонија.
По последните избори во јуни годинава, најмногу гласови обезбеди партијата ГЕРБ, што ѝ донесе 68 од 240 пратенички места во бугарското Народно собрание, по што претседателот Румен Радев ѝ го даде мандатот за составување влада на партијата на Борисов. Но ГЕРБ не успеа да формира мнозинска коалиција, го врати мандатот, кој потоа им беше даден на други партии иако беше јасно дека ниту тие нема да можат да состават влада.
Последна политичка влада што ја имаше Бугарија беше онаа што ја предводеше Николај Денков во 2023 година, во која партиципираа партијата ГЕРБ на бившиот премиер Бојко Борисов и втората најголема партија во парламент, коалицијата Промената продолжува и Демократска Бугарија (ПП-ДБ). Ова беше прва влада во бугарската историја што требаше да биде со ротирачки премиер, но по девет месеци, кога Денков требаше да ѝ ја предаде премиерската функцијата на Марија Габриел од ГЕРБ, се случи курцшлус во коалицијата и падна последната политичка влада во Бугарија.
Претходно на изборите во ноември 2021 година на бугарската политичка сцена се појави нова свежа политичка сила Промените продолжуваат, предводена од Кирил Петков и Асен Василев, млади амбициозни бугарски политичари, школувани на престижниот Харвард.
Со нивното доаѓање на чело на тогашната бугарска влада, во Македонија се појави искра надеж дека новите политички ветришта ќе го променат односот на Бугарија кон Македонија и дека ретроградните политики на претседателот Румен Радев ќе доживеат пораз. Сепак, Петков како премиер многу брзо влезе во матрицата на живкоистичката политика кон земјава и не само што продолжи политиката на вето за македонските евроинтеграции туку истиот тој Петков присуствуваше на отворањето на бугарски културни клубови во земјава именувани според соработници на фашистичкиот режим.
Во владата на Петков беше и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска од коалицискиот партнер Има таков народ, која јасно изјави дека Бугарија не го признава македонскиот јазик. Владата на Петков пропадна за само седум месеци.
Како и да е, на актуелната бугарска политичка сцена и натаму ГЕРБ на Борисов, реформистичката партија Продолжуваме со промените, предводена од Петков и од Василев, како и националистичката проруски ориентирана партија Преродба, на чело со Костадин Костадинов, го имаат главниот збор, но и корпусот на гласови што не гарантираат стабилна политичка влада ако таа воопшто се формира. Тука се и гласовите на партијата Движење за права и слободи, која го претставува големото бугарско етничко турско малцинство и која на секои избори има стабилен гласачки блок, така што дополнително го отежнува формирањето коалиција, сметаат аналитичарите.
Она што е особено загрижувачко, тоа е континуираниот пад на одзивот на граѓаните, кои се разочарани од актуелните состојби во земјата и изморени од постојаниот изборен ритам. Имено, од над 75 отсто одзив во 1990-тите и од околу 50 отсто пред само три години, сега одзивот е далеку под овие проценти и орбитира околу 30 отсто.
Македонија да нема големи очекувања од која било бугарска влада
Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев смета дека и на овие избори во Бугарија тешко ќе може да се формира политичка влада бидејќи е остра идеолошката поделба во таа земја, што, од друга страна, не треба да биде пречка Македонија да ги развива своите односи со соседната земја во сите сфери на заемен интерес.
– Ние мораме со Бугарија да негуваме пријателски, добрососедски односи на соработка. Имаме области во кои може многу напред да одиме, како туризмот, културната соработка, она што претставува делот во информатиката, во економијата, рударството, ние и сега имаме разни форми на соработка и така треба да биде. Инаку, политички, јас сум убеден дека нашата влада ќе најде начин да прати порака и дека тоа клопче ќе почнеме да го одмотуваме во насока на наоѓање решение што ќе биде прифатливо за двете држави. Решението што моментално го нуди македонската влада не само што е прифатливо туку, од мој агол на гледање, е единствено европско прифатливо решение за иднината не само за Европа туку и за целиот Балкан – истакна Ѓорчев.
И другите аналитичари сметаат дека актуелниот политички мозаик во Бугарија, односно партиите и нивните лидери што на последните изборни циклуси добиваат најголем број гласови, не се подготвени да ја променат досегашната матрица на однесување кон Македонија.
– И по овие избори работите нема да се променат суштински. Сега ќе течат преговорите за нова влада, а, како што стојат работите, тешко дека Бугарија ќе добие политичка влада. Големи се суетите кај тамошните политичари, но, од друга страна, нефункционалната Бугарија ја држи во заложништво и Македонија. Затоа, клучно е ЕУ да пресече тука. Македонија ќе ги направи уставните измени со одложено дејство и со тоа ќе го исполни единствениот европски услов за отворање на првото преговарачко поглавје. Условот се уставни измени, а начинот и амандманските решенија како да се реализира тоа се наше суверено право. Тоа е вин-вин ситуација за сите, вклучувајќи и за Бугарија. Ако ЕУ е искрена во изјавите дека за пет години Македонија би можела да биде дел од Унијата, тогаш нема никаков проблем уставните измени тогаш да стапат во сила. Затоа е важно наместо ние да се фокусираме на тоа дали во Бугарија конечно ќе се формира стабилна политичка влада, напорите да ги насочиме кон наоѓање моќни европски сојузници што ќе нѐ поддржат во ваквите планови. А со Бугарија треба да почнеме да градиме нови односи на соработка, без оглед дали имаат техничка или политичка влада – порачуваат аналитичарите.