Како завршија обидите на Софија за квантитативно редизајнирање на бугарското малцинство во државите од регионот
- Нашите соговорници што се добро запознаени со оваа проблематика велат дека државните институции на Република Бугарија подолг период го практикуваат овој проект на „малициозен политички инженеринг“, со инвазивни и агресивни методи во насока на зголемување на бројот на етнички Бугари во земјите од регионот: Македонија, Албанија, Србија, Косово… Овие облици се особено видливи во барањето за промена на македонскиот Устав или при притисоците за впишување на бугарското малцинство во Албанија. Во оваа смисла треба да се разберат и разработените шеми за доделување бугарски пасоши, како и бугарските замешателства во пописот на населението во Албанија
- Експертите велат дека треба да најдеме пријателска држава од ЕУ или друг субјект од ЕУ што би повел постапка против Бугарија…
Политичкиот инженеринг честопати вклучува употреба на одлуки, законски решенија или други форми на правни акти во Бугарија што се насочени кон постигнување одредени политички цели, надвор од границите на споменатата држава. Западни политиколози споменатиот инженеринг (во случајов во Бугарија) го дефинираат како „обид за редизајнирање одредена фактичка состојба, во полза на политиките на Владата“, но со интенција да се заобиколат одредени појави (меѓународноправни прописи и состојби), кои се очигледни, но не ѝ одговараат на политиките на Софија. Во споменатиот случај експертите се децидни укажувајќи дека „формите на политичкиот инженеринг на Софија имаат негативен признак бидејќи е злоупотребен од одредени субјекти за остварување апсурдни цели, како што се обидите на официјална Софија за создавање бугарско малцинство во Македонија, Албанија, Грција или Косово“.
Нашите соговорници што се добро запознаени со оваа проблематика велат дека државните институции на Република Бугарија подолг период ги злоупотребуваат формите на политичкиот инженеринг на тој начин што „ги допингуваат учесниците во нивниот проект со разни бонуси, бенефиции, финансиски инјекции, документи со европски печат, отворање бизниси и други награди“… На ова конто треба да се додадат и разработените шеми за доделување бугарски пасоши, како и бугарските замешателства во пописот на населението кај нашиот западен сосед.
Бугарскиот политички инженеринг станува политичка фатаморгана
За постоењето на негативниот политички инженеринг предупредија повеќемина аналитичари и познавачи на состојбите, а особено беа гласни претставниците на македонските организации и здруженија од околните земји. Тука може да се спомене македонското друштво „Илинден“-Тирана, кое последниве години во континуитет ги информираше албанските институции, како и институциите во Македонија и пошироката јавност, за политичкиот инженеринг што се спроведуваше во Република Албанија.
– Во време на пописот целата влада на Бугарија беше активна и се мешаше во пописот во Република Албанија. Тоа е факт. Иако на последниве 11 пописи ниту еден жител не се декларирал како дел од бугарско малцинство, државниот врв на Бугарија ја принуди Албанија да признае непостојно бугарско малцинство – нагласуваат од македонското друштво „Илинден“-Тирана.
Според нашите соговорници, бугарскиот политички инженеринг нема основа и е политичка фатаморгана, а тоа е особено видливо од последните бугарски парламентарни избори. Според податоците што се достапни од бугарските институции, бугарските граѓани имаа можност да гласаат во вкупно 719 избирачки места во 57 држави, најголем дел во Европа. Според податоците, правото на глас во странство го искористиле 146.952 бугарски државјани. Официјалните податоци покажуваат дека во Бурса гласале 14.745 избирачи, во Истанбул 13.336, а во регионот на Едрене гласале 10.734 луѓе. Доколку овие податоци се споредат со Македонија или со Албанија, одзивот за гласање е многу помал.
Наводното бугарско малцинство не излезе да гласа
Вкупно 327 бугарски државјани на пет локации во Македонија гласале на седмите предвремени парламентарни избори во Бугарија, што е најмал одзив во споредба со оние што гласале на изборите во последните три години. Имено, до крајот на изборниот ден, 158 лица гласале во бугарската амбасада во Скопје, 40 во конзулатот во Битола, 40 на гласачкото место во Прилеп, 51 во Охрид и 38 во Струмица. Доколку се споредат овие податоци со податоците од последниот попис во Македонија, според кој во нашата држава живеат 3.504 Бугари, очигледно е дека недостигаат илјадници гласови.
Слична е состојбата и во Република Албанија, каде што гласале само 145 луѓе. Податоците од последниот попис во Албанија покажаа дека таму живеат 2.281 Македонец, а како Бугари се изјасниле 7.957 лица.
Со свој став за бугарските избори во Република Албанија излезе и ОМО Илинден-Пирин. Според оваа организација на припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија, по појавата на новосоздаденото „бугарско“ малцинство, се очекуваше негово појавување во тамошниот политички живот.
– За овие избори во Албанија беа отворени четири избирачки места, што е барање за силно учество со оглед на големиот број „Бугари“ од неточниот попис. Но, што покажуваат тие? Многу, многу малку гласаа, што уште еднаш ги поткрепува сомнежите за реалноста на резултатите од пописот и ненадејното појавување на „бугарско малцинство“. Од пријавените 174 лица, можат да гласаат само 84, помалку од половина. Ова укажува дека нивното вклучување во избраните дополнителни листи го отвора прашањето за можна злоупотреба на податоците. Појавата на голем број дополнителни гласови веројатно се должи на некаков поттик за овие лица, чија природа во моментов не е јасна. Не е јасно колку од нив можат привремено да се населат во Албанија од бугарски државјани од Бугарија, како туристи итн. – нагласуваат од ОМО Илинден-Пирин.
Доколку внимателно се анализираат податоците од последните бугарски парламентарни избори, неизбежен е заклучокот дека сите обиди за создавање бугарско малцинство во неколку балкански држави се ветер во магла.
– Наводното бугарско малцинство во Македонија, Албанија или во Косово не излезе да гласа на бугарските избори. Впрочем, тие се Бугари само на хартија, а земањето бугарски пасоши се покажува дека е од економски причини, а не од национално чувство- велат нашите соговорници.
Според добро упатените во оваа проблематика, последните резултати од бугарските парламентарни избори потврдуваат дека барањата за промена на македонскиот устав, односно за впишување на Бугарите немаат основа. Во овој правец се и укажувањата на проф. д-р Мирјана Најчевска дека време е Македонија да поведе постапка пред Европскиот суд за правда и да побара судско решение во врска со внесувањето барања што не се правно фундирани, а се стипулирани во преговарачката рамка.
– Значи, треба да најдеме пријателска ЕУ-држава или друг ЕУ-субјект што би повел постапка против Бугарија или против институциите што стојат зад преговарачката рамка – нагласува Мирјана Најчевска.
Д.Ст.