Повеќеслојноста на македонскиот суверенизам (2)
„Нова Македонија“ од неодамна почна со серијал анализи во кои редакцијата се осврнува на повеќеслојноста на феноменот – суверенизам (правно-политички суверенитет, територијален суверенитет, економски суверенитет, енергетски суверенитет, културен суверенитет, суверенитет на водите во државава…) и, во тој контекст, за повеќеслојноста и на македонскиот суверенизам, кој доживува длабока ерозија нешто повеќе од три децении. Но, редакцијата на „Нова Македонија“ се надева дека серијалот за суверенизмите на јавноста ќе ѝ овозможи да отвори нови и пошироки видици за чекорење по патот што чека да биде изоден во блиска иднина.
- Недозволиво е да продолжува и понатаму „голготата“, појасно да кажеме, нашиот „од по маките“, премногу долго трае обезличеноста на државата Македонија и нашата како македонски народ. На неолибералниот концепт на елитите од Брисел, во функција на противтежа треба да се земе суверенистичкиот концепт на други европски лидери, на чија идеологија е исклучително компатибилен нашиот македонски национален пристап, кој ќе биде појдовна основа за натамошно интегрирање во пошироките (европски и светски) системи
- Треба веќе да ставиме крај на „инженерингот“ врз нас и нашиот идентитет, јазик…, да им ставиме крај и на тридецениските меѓународни притисоци и ултиматуми, кои лесно ги прифативме или, поточно, други ги прифатија противуставно и незаконски во наше име, кршејќи ја нашата политичка волја како народ и македонски граѓани, злоупотребувајќи ги нашите надежи за приклучок кон развиениот свет. Се откажавме и го жртвувавме политичкиот суверенизам, нешто што природно ни припаѓа и е неотуѓиво! Западнавме во состојба на силна и недозволива обезличеност. Примивме пакет-ултиматуми со (однадвор) наметната апатија кон исконските историски идентитетски чувства. Смееме ли да продолжуваме со таквата апатија, со својата инфериорна позиција во меѓународни рамки, и згора на тоа да ги игнорираме или да ги заборавиме индивидуалните колективни стремежи и напори на нашите предци?!
Дали ние како македонски народ, едновремено и сите како граѓани на Македонија, навистина можеме да направиме нешто сами со Уставот во оваа држава, во која живееме сите заедно? Штом овој актуелен Брисел и водечки држави од ЕУ бараат ние самите повторно да си го смениме Уставот, дали можеме да го сториме тоа, но врз основа на сопствените македонски државно-национални интереси и на македонскиот народ и пошироко гледано на сите нас, како граѓани на оваа Македонија? Се разбира, со примена на сите норми и принципи на позитивното меѓународно право, во прв ред на врховниот принцип „јус когенс“, принципот на недозволивоста да се задира во сувереното политичко право на националното самоопределување на секој народ. Што значи ова?
Наше суверено политичко право е илинденско-асномската уставна приказна да се возобнови и утврди. Во соодветен временски период треба да се мобилизираат ресурси за да се покаже дека сите меѓународно наметнати амандмани на македонскиот устав, вклучувајќи ги сите промени на преамбулата, се противправен удар на нашето право на политички суверенитет, кој ни е длабоко оштетен. Дали е ова реалполитички можно, имајќи ги предвид внатрешните политички околности во Македонија, како и надворешните геополитички околности во сегашнава вителна ситуација и безмалку предвоена психоза генерирана од либералните бриселски елити?
Секој наратив има перипетија-пресврт
Со доаѓањето на моќниот американски лидер и претседател Доналд Трамп се случи пресврт не само во светската туку и во европската геополитика. Геополитиката на Трамп претставува сосема поинаква слика од онаа на глобалистите, кои се на највисоките позиции и во Европската Унија.
Трамп го отфрла либералниот интернационализам, кој така брутално амандмански го „масакрираше“ во изминативе години и децении највисокиот правно-политички акт на македонската држава. Шефот на американската држава го прогласува како највисока цел националниот суверенитет на Соединетите Американски Држави. Тој ги отфрла сите аргументи во корист на давањето приоритет на напредокот на либерализмот на глобално ниво на сметка на американските интереси. Трамп категорично ја отфрла идејата за укинување на националните држави. Тој му дава безусловен приоритет на националниот суверенитет и, во суштина, тука е нашата нова шанса. Таа шанса се продлабочува и со начинот на размислување и практикување на политиките од и страна на некои европски лидери: Виктор Орбан и Унгарија, Роберт Фицо и Словачка, а и на новиот премиер на Чешка, Бабиш… Вредно е да потсетиме и на таканаречената „Вишеградска група“ на држави, кои веќе неколку години експлицитно го поддржуваат влезот на Македонија во ЕУ со свој македонски идентитет.
Покрај шансата, која ни е отворена со дејствувањето на Доналд Трамп, ова е втората шанса (и вториот елемент) на релативно поповолната меѓународна клима за излегување од дефанзива и ставање во прв план на сопствените национални интереси и потреби, во контекст на санирање на девастираниот наш политички суверенитет, кој спрегата од надворешни и внатрешни фактори го еродира до непрепознатливост. А политичкиот суверенитет е само горниот, видлив слој на националната сувереност. Санирајќи го него, ќе започне и интегралната санација на она што значи македонска нација и држава.
Свето Тоевски
(продолжува)


































