Фото: „Нова Македонија“

Експертите и државните институции постојано посочуваат на проблематичната состојба на казнено-поправниот систем, како и на суштинските проблеми со кои се соочуваат затворите, како што е затекнатата состојба на лошо управување, но и недостигот од механизми и инструменти за ефикасна контрола во затворите. Според добро упатени извори, лошо управуваните затвори можат дополнително да станат погодна почва за нови криминални активности и за планирање нови кривични дела во затворите, но и надвор од нив. Недостигот од контрола на затворската популација може да доведе до нарушување на угледот на државата, да претставува директна закана за јавната безбедност и за нарушување на довербата на граѓаните во казнено-поправниот систем. Како да ја промениме состојбата со управувањето со казнено-поправниот систем?

И казнено-поправниот систем на тапет

Недостигот од ефикасна контрола врз затворските институции може да доведе до негативни последици за општеството во целина. Експертите предупредуваат дека казнено-поправниот систем во Македонија веќе неколку години се наоѓа во незавидна ситуација. Дека нештата не се движат во вистински правец потврди и последниот пример со затворот од Штип, кој ја вознемири јавноста, но ги раздвижи и државните институции.
Како една од главните причини за состојбата во македонските затвори се посочува корупцијата, а тоа беше потврдено и од Александар Пандов, директорот на Управата за извршување санкции. Според познавачите на оваа проблематика, со кои се консултиравме, корупцијата во казнено-поправниот систем може да се манифестира на различни начини и честопати го поткопува интегритетот на правосудниот систем, односно интегритетот на самата држава.
Во изминативе децении, експертите и државните институции постојано посочуваат на проблематичната состојба на казнено-поправниот систем, како и на суштинските проблеми со кои се соочуваат затворите, како што е лошото управување, но и недостигот од контрола на нештата во затворите. Според добро упатени, лошо управуваните затвори можат дополнително да станат погодна почва за нови криминални активности и за планирање нови кривични дела во затворите, но и надвор од нив. Недостигот од контрола на затворската популација може да доведе до нарушување на угледот на државата, да претставува директна закана за јавната безбедност и за нарушување на довербата на граѓаните во казнено-поправниот систем.
– Корупцијата во затворите е главна причина за проблемите со кои се соочува македонскиот казнено-поправен систем. Ова може да доведе до ерозија на довербата во македонскиот правосуден систем, но и до ерозија во довербата на граѓаните во државата во целина. Потребни се сериозни реформи и промени на нашите затворските институции, а сегашната состојба може да се покаже и како проблематична за евроинтеграциските процеси, велат нашите соговорници.
Дека корупцијата е проблем во казнено-поправниот систем во Македонија беше потврдено и од Александар Пандов, директорот на Управата за извршување санкции. Според него, целиот систем во Македонија, од она што го наследивме, е висококорумпиран, но затворскиот сектор е најкорумпиран. Пандов исто така нагласи дека овој проблем не може да се реши прекуноќ, но дека може да се реши доколку дел по дел се отстранат корумпираните во затворскиот систем.

– Ако можело тоа во Хрватска и во Косово, може и во Македонија. За споредба, кај нас за девет месеци се најдени околу илјада телефони, во Хрватска во 2023 година само 26 мобилни телефони, а во Косово 51 телефон во 2024 година. Имаме работа со вмрежена група на вработени по затворите и затворениците. Ако успееме дел по дел да ги отстрануваме корумпираните во затворскиот систем, можеме да го решиме проблемот со телефоните, дрогата и со другите недозволени предмети. Сè додека ги имаме нив и додека тие мислат дека може да поминуваат неказнето, а така било претходно, ние ќе имаме и телефони, и дрога, и недозволени предмети – рече Александар Пандов, директорот на Управата за извршување санкции.
Доколку се земе предвид дека главната цел на затворските институции е спроведување на правдата и почитување на законите, како и одвраќање на поединечните сторители и пошироката јавност од извршување кривични дела, но и заштита на државата и општеството од поединци што претставуваат опасност за другите, сегашната состојба во македонските затвори е алармантна, особено поради корупцијата, која е детектирана.
– Досегашните примери во Македонија покажаа дека корупцијата негативно се одразува во затворите затоа што на разни начини се шверцуваат забранети предмети како дрога, мобилни телефони и сл. Во минатото исто така од државните институции беше посочено дека поради корупцијата некои од извршителите на казните имале поволен третман – велат нашите соговорници.
Добро упатени во оваа проблематика велат дека мора да се случи подобрување во управувањето со затворите, но овој процес е сложен и повеќеслоен предизвик. Доколку сакаме да се променат нештата, треба да се вложи во инфраструктурата, односно надградба на постојните капацитети, но потребни се селекција и обука на затворскиот персонал, кој ќе може да се соочи со предизвиците во затворите. Дополнително на ова, потребни се образовни и стручни програми, кои ќе бидат во насока на реинтегрирање на затворениците во општеството, но и намалување на стапката на поранешните затвореници што повторно се враќаат во затворите за издржување нова казна.

– Истовремено, доколку сакаме да го решиме проблемот со корупцијата во затворите, потребно е независно функционирање на надзорните тела за следење на затворските активности и истрага за наводите за корупција. Мора да има воведување систем во кој анонимно ќе може да се пријавуваат одредени коруптивни активности на затворскиот персонал. Дополнително мора да се вложи во интегритетот на затворскиот персонал, преку редовни обуки за етички упатства, но и ригорозни практики за вработување и подобрување на платите и работните услови за затворскиот персонал – велат нашите соговорници.
Информацијата дека се преземени одредени активности за подобрување на казнено-поправниот систем во Македонија, како што е најавата дека до крајот на годинава се очекува да започне изградбата на втората фаза во затворот „Идризово“, односно комплетно ново затворено одделение и нова зграда за централен притвор со капацитет од 420 кревети, е позитивен чекор. Меѓутоа, неопходно е, и покрај сите други маки во другите области, државата да обрне внимание и да инвестира во затворскиот кадар и во управувањето со затворите, велат нашите соговорници.