Фото:МОН

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за нејзиното место во Владата одлучува премиерот Христијан Мицкоски, а дека таа ресорот го води со секојдневна посветеност и работа.

– Она во што сум сигурна е дека секојдневно работам, колку што е можно повеќе, за да придонесам за развој на оваа држава. Многупати сум кажала – мандатарот, односно премиерот во овој момент, ја предлага Владата – изјави министерката Јаневска одговарајќи на новинарско прашање дали е сигурна во позицијата што ја има во Владата откога премиерот Мицкоски најави реконструкција во мај или во јуни.

Во изјава за медиумите таа додаде дека дополнително и партијата има свои структури, кои, како што рече, внимателно размислуваат во корист на државата и предлагаат одредени функции.

– Така што, не зависи само од мене или воопшто од мене дали ќе ме менуваат или не – изјави Јаневска одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на регионалната конференција за високото образование, која денеска и утре се одржува во Скопје под покровителство на МОН.