Фото: Диме Ратајковски

149 години од упокојувањето на првиот македонски владика – Партениј Зографски

– Извинете! Би ве замолил точно да ми посочите кој од гробовите во дворот е на владиката Партениј Зографски?
– Няма такъв! Hayir! – категорично ми одговори питропот во Железната црква во Балат.
Токму ваков или сличен одговор ќе добиете доколку се обидете да го дознаете точното почивалиште на македонскиот владика Партениј Зографски, доколку ја следите информацијата што сте ја сретнале низ интернет-просторот дека е погребан во дворот на Железната црква во Балат, крај Златниот Рог, но не знаете точно каде. Или, пак, можеби ќе ви кажат дека „коските му се изнесени надвор од дворот на храмот и дека му почиваат на друго место“. Мнозина Македонци ќе сретнете како скитаат низ Истанбул, барајќи ги македонските траги оставени тука.

Најлошо чуваната тајна на Бугарската црква

Токму ова место во Истанбул за нас Македонците е место на трагање, затоа што овде лежи можеби „најлошо чуваната тајна“ на Бугарската црква, која повеќе од еден век, вешто или, пак, незаинтересирано, ја крие од очите на јавноста.
На 7 февруари 1876 година, во Цариград, се упокоил првиот македонски владика – владика на Цариградската патријаршија и Бугарската егзархија, галичанецот Партениј Зографски, на денот на Св. Партениј Лампсакиски. Токму денес, по 149 години заборав, дојдов во Железната црква во Балат, можеби како прв Македонец оттогаш, со намера да му оддадам почит на еден од зачетниците на македонистиката токму на неговиот „незнаен“ гроб.
Но зошто токму овде? Што ни вели историјата?
Стојам на местото каде што некогаш се наоѓала старата дрвена црква, свртен со погледот кон малата биста на преродбенецот Стефан Богориди отспротива. На овој негов приватен имот во престолнината, во 1849 година била изградена првата црква на бугарската заедница и помалобројната македонска, токму во блатото на Златниот Рог, под будното око на фанариотите. Железната црква „Свети Стефан“ ѝ припаѓала на Бугарската егзархија, а денес е под јурисдикција на Бугарската црква, но не треба да заборавиме дека зад нејзините фази од изградбата придонеле и влоговите на македонските заедници и свештеници од османлиска Македонија, кои несебично ја поддржале изградбата на храмот и го одржувале духовниот живот во него.
Болежлив, со кревко здравје, владиката Партениј ги минал своите последни години токму овде во Балат, работејќи напорно на својата книжна оставина, која главно е напишана на македонско наречје, останувајќи поборник за официјалната употреба на истото тоа, како оригинален и автентичен јазик, кој треба систематично да се обработи граматички. Поради ваквите негови ставови, митрополитот Партениј бил игнориран и оддалечен од Бугарската егзархија, а неговото почивалиште и мошти до ден-денес немаат свое обележје и натпис.

Диме Ратајкоски на необележаниот гроб на Партениј Зографски во Истанбул / Фото: Диме Ратајковски

Каде се наоѓа гробот на владиката Партениј Зографски?

Од мојата десна страна (при влезот во дворот) има три владички гроба, првиот (до влезната врата) е на митрополитот Трновски, Иларион, познат како Иларион Макариополски, в средина е гробот на митрополитот Пајсиј Пловдивски, а до него, крајно, е гробот на митрополитот Авксентиј Велешки. Нема ниту натпис, ниту знак, ниту име на четвртиот митрополит нишавски и епископ дојранско- кукушки, Партениј, чии мошти се тука негде измеѓу. Но каде точно?
Во 1898 година, со пуштањето во употреба на Железната црква „Свети Стефан“, била срушена малата дрвена црквичка во која се наоѓале првичните гробови на починатите бугарски владици, меѓу кои и гробот на владиката Партениј. По осветувањето на новиот цариградски егзархиски храм, на местото на дрвената црква (десно од влезот) биле направени три нови владички гроба за четворица владици. Моштите на митрополитот Партениј Зографски, во вреќичка се положени во првиот гроб (десно од влезот), каде што почива владиката Иларион Макриополски. Од 1898 година до денес нема натпис (плочка) дека тука почиваат останките на Партениј Зографски, македонскиот владика или владика на Бугарската егзархија.
Благодарение на Филип Томов од Галичник (или Селце, Реканско), кој бил ревносен истражувач на животот и делото на владиката Партениј на почетокот на XX век, познат фолклорист, општественик и деец на Сојузот на македонските емигрантски организации во Бугарија, ние денес изворно ја дознаваме точната локација на владичкиот гроб.
Запрашан по однос на неколку теми, меѓу кои и каде се наоѓа точната локација на гробот на галичанецот Паретниј, црковниот одбор при бугарската црква „Св. Стефан“ во Цариград – Фенер со писмата No.68 и No. 69 од 10 јули 1935 г. го одговара следното: „Посмртните останки на дедо Партениј се положени во гробот на Иларион Макариополски. Нема посебна гробница. По изградбата на новиот храм-споменик ’Св. Стефан‘ во 1898 година, беше потребно да се урне старата историска црква, каде што беа положени големите архијереи од нашата родна црква: Иларион Макариополски, Авксентиј Велешки, Пајсиј Пловдивски, егзарх Антим и извесно време егзархот Јосиф. Потоа ги откопаа посмртните останки на сите заслужни народни дејци погребани на ова место, меѓу кои и на св. Нишавски Митрополит Партениј. Коските на овие покојници биле собрани во посебни дрвени сандаци и сместени во три мермерни гробници со имињата на Иларион Макариополски, Авксентиј Велешки и Пајсиј Пловдивски. Овие три гробници сега се наоѓаат на местото на старата црква (во дворот м.з.)“.

Ако решите да го посетите Истанбул, не заборавајте да ја посетите Железната црква и да запалите свеќа

Владиката Партениј Зографски бил опеан и погребан во дрвената црква „Свети Стефан“ во Цариград, а на десетте носачи на неговиот ковчег им биле платени 250 гроша. Зачудува информацијата дека ниеден од владиците на Бугарската егзархија не присуствувале на погребот на македонскиот владика, а ниту пак егзархот?! Цариградскиот весник „Ден“ од 14 февруари 1876 година ја објавува реакцијата од име на почитувачите на делото на владиката Партениј, од цариграското маало Ортаќој, упатена до редакторот на весникот, која вели: „…Неговото Блаженство Егзархот Антим I претпочитал да присуствува на една бугарска свадба, отколку на погребот, иако не ми е за верување ваквата постапка на Н. Блаженство, зашто е пастир надарен со благоразумни, чувствителни и искрени расудувања. Но се гледа дека Н. Преосвештенство г-динот Партениј не бил достоен за присуството на Н. Блаженство…“. Ваквите негативни реакции кон Бугарската црква резултирале со потржествен помен на четириесеттиот ден.
Затоа, ако се решите да го посетите Истанбул и сте дојдени на оние туристички тури што секогаш минуваат низ Фанар и Балат, не заборавајте да ја посетите Железната црква и да запалите свеќа или, пак, да оставите цвет на необележаниот гроб на владиката Партениј Зографски.

Нека му е ВЕЧНА СЛАВА!

Автор: Диме Ратајкоски