Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во нашата историја нема црни дамки, не сме вршеле репресалии, асимилации и депортации. Како мал, храбар и миротворен народ, секогаш сме биле на праведната страна на историјата, на страната на слободата, на страната на антифашизмот, на страната на антиколонијализмот. Ние не сме стебло без корен. Нашата слобода и нашата република се вкоренети во европската пролет на народите, во демократските и хумани визии на „млада Европа“

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова со јасни пораки од Мечкин Камен

Силни пораки упати македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова во своето обраќање пред присутните на Мечкин Камен по повод најголемиот македонски празник Илинден, уште еднаш истакнувајќи ја длабоката поврзаност на Македонија со Европа, која има свои корени низ историјата.
– Не сме стебло без корен, не се откажуваме од природниот пат кон членството во ЕУ оти отсекогаш сме дел од Европа. Цврсто сме решени како што беше европски зацртано да стигнеме до целта до 2030 година, европеизирани по словото на Копенхашките критериуми – рече претседателката.
Таа уште потсети на вековната македонска борба за самостојна и суверена држава, на нејзините темелни вредности и принципи, со крв запишани во возвишената Магна карта либертатум-Крушевски манифест: слобода или смрт, правда, еднаквост, соживот и на идејата. Тука, на Мечкин Камен, рече таа, за нив се жртвувале Питу Гули и неговите соборци, задолжувајќи ги сите следни македонски генерации на вечна благодарност.
Таа потсети дека Крушевската Република е вистинскиот предвесник на македонската нова република: асномска Македонија!

Проблеми има, но мора да се решаваат

Претседателката во својот говор се осврна и на актуелните состојби во државата, констатирајќи дека постојат голем број слабости што мора да бидат отстранети, ставајќи го акцентот врз ендемската корупција и организиран криминал, слабите институции, силните партии и моќни поединци, вонинституционалното одлучување, партократијата, како и партизираната и политизирана администрација. Лошите состојби, според неа, го иницирале иселувањето, но и мотивирале многу граѓани да посегаат по државјанства на нашите соседи членки на Европската Унија, што буди националистички апетити кон нас.
Претседателката истакна дека е време за нова пролет на нашата македонска република, за навраќање на републиканските корени.
– Македонските граѓани од својата република очекуваат барем две нешта-слобода и правда. Кога зборувам за слобода, не мислам само на политичката, туку и на економската, на академската, на културната, на социјалната… Кога зборувам за правда, не мислам само на правосудството, туку и на социјалната, еколошката и на генерациската правда. Не смееме да изумиме дека предуслови за слободата и за правдата се владеењето на правото и еднаквоста пред законот – потенцираше Силјановска-Давкова.
Понатаму таа додаде дека на државата ѝ е потребен здравствен систем по мера на здравјето на пациентите и на нацијата, но и инвестиции во образованието и науката, во истражувањето, во развојот и дигитализацијата.
Таа спомена и за акутната состојба со пожарите секое лето, со акцент дека само здрав систем може да им стави крај на ваквите појави.
– За помалку шумски пожари, потребен е не само правен туку и ефикасен институционален систем, вистински луѓе на важни позиции, вградена превентивна и волонтерска димензија, стимулативни мерки за пожарникарите, пожарникарството и за волонтерите. И овие активности се во ек. За да се заштити здравјето на луѓето и на природата, мора да ставиме крај на дивите депонии и на нивното палење, но и да имаме контрола врз палењето.

Европа да се врати на сопствените принципи

Претседателката се осврна и на македонската европерспектива, уште еднаш поставувајќи го клучното прашање, колку оваа денешна Европска Унија е во дослух со идеалите на своите идејни творци и основачи.
– И денес забележувам остатоци од старата Европа: уморна од проширувањето, понекогаш, која од нас бара „храбри отстапки“, без да има храброст да им се спротивстави на двојните стандарди; Европа којашто понекогаш дозволува и на некои членки им дозволува билатерализација на нашата интеграција и толерира блокади поради идентитетски и историски прашања; Европа којашто понекогаш ги менува правилата на игра по барање на членка или среде игра; Европа којашто понекогаш го толерира заобиколувањето на основните вредности и принципи вградени во фундаменталните документи: Договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаменталните права. Иако конститутивните акти ја обврзуваат Унијата да ги почитува европската „богата културна и јазична разновидност“, „националниот и културниот идентитет“, „дигнитетот и интегритетот“ оти гордо се дефинира себеси како „единство на различности“, таа понекогаш замижува и замолчува пред нивното кршење во интерес на единството и мирот во европската куќа – нагласи претседателката.
Таа се осврна и на расправата во Европскиот парламент, на која европратеници отворено ги оспорија македонскиот идентитет и јазик.
– Во нашата историја нема црни дамки, не сме вршеле репресалии, асимилации и депортации. Како мал, храбар и миротворен народ, секогаш сме биле на праведната страна на историјата, на страната на слободата, на страната на антифашизмот, на страната на антиколонијализмот. Ние не сме стебло без корен. Нашата слобода и нашата република се вкоренети во европската пролет на народите, во демократските и хумани визии на „млада Европа“. И затоа, на оној што ќе ни рече „вие сте млад народ со млада држава“, ќе му одговориме дека сме чеда на Гоцевата визија за „млада Европа“, обединета Европа, и за светот како поле за културен натпревар на народите – истакна македонската претседателка.

Предизвиците се огромни, но сме опстојале и ќе опстоиме

Претседателката, говорејќи пред присутните на Мечкин Камен, рече и дека и покрај сите предизвици и пречки со кои се соочува, Македонија ќе ја продолжи својата борба.
– Ние не се откажуваме од природниот пат кон членството во ЕУ, оти отсекогаш сме дел од Европа: географски, историски и културно, зошто да не и политички. Едноставно, ние балканските народи и нации сме биле, сме и ќе останеме Европејци.
Цврсто сме решени како што беше европски зацртано да стигнеме до целта до 2030 година, европеизирани по словото на Копенхашките критериуми – потенцираше Силјановска-Давкова! С.Т.


Филипче: Да ги оставиме настрана поделбите и да работиме заеднички да станеме дел од Европа

По повод големиот државен и национален празник 2 Август – Денот на Републиката и Денот на првото заседание на АСНОМ – претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, присуствуваше на централното чествување во Крушево.
– Мора прво да се присетиме и да им оддадеме признание на сите жртви коишто со својата крв, со својата жртва се вградија во темелите на нашата модерна држава. Тие ја започнаа борбата за да од една сиромашна, полуфеудална и неразвиена земја ние сега живееме во модерна и развиена држава. Меѓутоа мора да признаеме дека нашата мирновременска борба не е завршена, дека мораме уште многу напорно да работиме, конечно да станеме дел од Европа каде што припаѓаме, и цивилизациски, и културно, и географски. Сите заедно мора да работиме и да ги оставиме настрана и поделбите и квалификациите на патриоти и предавници, затоа што вистински патриотизам е само унапредување на нашата држава – рече Филипче. С.Т.


Премиерот Христијан Мицкоски со честитка по повод Илинден

Жртвата на илинденците како потсетник за тоа каква држава треба да оставиме

Премиерот Христијан Мицкоски го честиташе празникот 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, во Скопје, каде што положи букети свежо цвеќе пред споменикот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, пред Собранието, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец“ и на споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто.
– Овој ден нека потсетува на жртвата што генерациите ја оставиле за да може нашата генерација да го има ова што го имаме денес – а тоа е слободна, независна држава Македонија. Нека нивната жртва потсетува каква држава треба ние да ом оставиме на генерациите што следуваат по нас. Држава во која ќе имаме среќни граѓани, држава што ќе биде просперитетна. Држава што ќе биде татковина на сите, без разлика на етничката припадност. Овој ден нека обединува, ова е ден за обединување. Да се слави, јас би рекол и да ни е вековит денот. Да го чествуваме достоинствено, на помош нека ни е Свети Илија – порача Мицкоски во изјавата за медиумите. С.Т.