Позната е и многупати раскажувана, понекогаш и во детали, патувачката симфонија на Македонците од Егејот, односно од Северна Грција, и добро е што е така, бидејќи историските вистини не смеат и не треба да се заборават. Токму така, голема грешка ќе се направи ако делови од историјата се заборават или некој се обиде важни историски настани, лични или колективни да ги избрише или ретушира! Тоа не го велам само јас, тоа е толку историски потврдено, што дејствува како набиена карпа во земја, која не може никој да ја помрдне, анализирана и потврдена со факти, со документи, врз фактите и документите удрени печати, поголеми и помали, дури има и кралски. По еден ваков одбранбен систем, кој може да го каже спротивното, дека историјата може да се брише? Не, не може историјата да се брише, историјата е минато, има ли некој што може да го избрише минатото? „Мало морген“ дека има. Нема, еве од пред неколку дена и нашиот јужен сосед го потврдува тоа кога вели дека историјата не се брише бидејќи во нејзиното јадро се одржуваат во живот барањата за целосно почитување на правата на малцинствата или така некако! Кога го кажува ова, нашиот јужен сосед мисли само на грчкото малцинство, каде и да е, ама најмногу овде на балканските простори!
Бидејќи ја сакам документаристиката и бидејќи рековме дека треба да се почитуваат сите историски вистини, на сите народи без исклучок, па ќе се потсетам на една историска вистина, лична ама и колективна, која се случи за време на Граѓанската војна во Грција, од 1946 до 1949 година, и која како за инает, и за жал сѐуште трае, се разбира патувачката симфонија на Македонците од Егејот е со намален интензитет и почнува да дејствува како ликовно сфумато, бидејќи луѓето по законот на природата доаѓаат на овој свет и си заминуваат, а тоа е временската историска вистина, која исто така не може да се одбегне, а уште помалку избрише.
Значи, во 1948 година, кога спомнувам вакви далечни временски белези постојано си велам колку брзо минува времето, па така и сега. Уште еднаш, во таа година, во март, одозгора и ноќе, нѐ собраа во селото по групи, во секоја група по дваесетина деца, и нѐ подготвија за па кон спасот од војната. Беше речено дека патот ќе биде краток, но излезе дека тој пат ти бил со почеток ама без крај. И во денешни дни некои сѐ уште го одат!
Во ова современо време, пред неколку години отидов во Преспа, поточно во Нивици, ме интересираше каде нашата патувачка симфонија го доби своето историско крешчендо. Отидов со возило, тогаш се сетив на минатото, дека преку овие планински падини, како деца, од две до дванаесет години, го поминавме овој пат на нозе, пеш! Од моето село, сместено на падините од планината Вич до Љубојно во Преспа, сигурно има 70-80 километри, плус одење само ноќе, во текот на денот бевме изложени на напад од, ајде да речам, тогашната грчка авијација, од тогашните британски и американски авиони, демек да не ги мешаме тие од тогаш со овие од денес! Тие тогашните врз нас децата и возрасни бегалци или прогонети граѓани на Грција, со силна жестина ги испробуваа нивните први и нови напалм-бомби, а ние им бевме прекрасна цел и тесто за пробно мерење колку ние малите „комунистички“ заморчиња можеме да издржиме! За нечие чудо и за наша среќа, го преживеавме и тоа. Ама сега, ова новата Грција зошто си става камен во чевелот и не сака да го почитува правото на македонското малцинство во Грција и наместо тоа му забранува употреба на сопствениот јазик и сѐ што му припаѓа на едно малцинство? Тоа што го доживеавме е минато, а минатото е историска вистина, и самата Грција вели дека историјата не се брише, бидејќи во таквата состојба е сместена суштината за почитување на малцинските права. Оваа изјава искажана од грчка страна се однесува на почитување на грчкото малцинство што живее во јужна Албанија, за нашиот јужен сосед „Северен Епир“. Ваквите политички препукувања се појавија по посетата на албанскиот премиер Еди Рама, кој пред неколку дена имаше средба со Албанците што живеат во Солун. Притоа рече дека изјавите од страна на Грција, во кои за областа Јужна Албанија се користи „Северен Епир“, биле „мртви и заборавени термини“. За возврат, Грција се закани со употреба на сите можни средства за препрека на Албанија за влез во ЕУ! Во таков случај, каде е вистината, се брише или не се брише минатото, а со тоа и историјата? Или кому како ќе му затреба, еднаш не се брише, кога се мисли на грчкото малцинство во Албанија, за нив „Северен Епир“, од друга страна кога станува збор за македонското малцинство во Грција, ништо не важи, минатото е измислено, демек ние прогонетите не сме поминале покрај Преспа, и таа Преспа од другата страна и оваа од ова страна, а бидејќи во нашиот случај сакат да се брише минатото, со тоа и историската вистина, посакуваат сѐ да се брише! Зошто? Од вакви морбидни игри, се добиваат стресни морници, дури и колективен страв, бидејќи и самата ЕУ ги толерира ваквите недемократски политички подвизи, а тоа е да се чудиш и да ти предизвика силни тегоби во утробата, па и во петиците, со кои тегоби тешко се оди напред?
И Албанија си игра со пиши-бриши. Кога бугарски мисионери го посетуваат западниот сосед, со цел да пронајдат понекој изгубен Бугарин во Албанија, Еди Рама им ги отвара силно вратите во потрага по нови Бугари, а минатото и историската вистина на Македонците во Албанија може да се бришат. Каков брилијантен изум во современа Европа? Да не зборуваме за поранешниот „наш“ министер за надворешни работи, господинот Бујар, кој за Договорот за добрососедство со Бугарија потпишуваше дополнителни анекс-договори во интерес на соседот и на штета на сопствената држава! Но, тоа е друга приказна, која е во процес на бришење!
Коле Манев