Нашата позната македонистка и лингвистка Симона Груевска-Маџоска истакнува дека македонскиот јазик не треба да биде предмет на интерес само на вакви свечени денови, туку постојано, со изградена стратегија за негова заштита и унапредување

Одбележан Денот на македонската азбука и македонскиот јазик – 5 Мај

На Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, годинава се навршија и 79 години од објавувањето на македонската азбука. Оваа децениска практика на македонската азбука и на правописот придонесе за успешна борба против неписменоста, за квалитетно образование, за поквалитетен живот на граѓаните, за промовирање на културната разновидност на Македонците и за зачувување на традицијата од нашите предци.
Во одбележувањето се вклучи Националната и универзитетска библиотека „Св Климент Охридски“ – Скопје со објавување порака што по овој повод ја напиша нашата позната македонистка и лингвистка Симона Груевска-Маџоска, од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ‒ Скопје. Во пораката таа истакнува дека македонскиот јазик не треба да биде предмет на интерес само на вакви свечени денови, туку постојано, со изградена стратегија за негова заштита и унапредување. Според неа, грижата продолжува со излегувањето на новиот Толковен речник на македонскиот јазик (2003 ‒ 2014) и новиот, подновен и проширен Правопис на македонскиот јазик (2015/2017) во издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
– Интензивно се работи на нови речници и изработени се стотици магистерски и докторски трудови посветени на проучувањето на македонскиот јазик. Но грижата не треба да застане тука. Не треба македонскиот јазик да биде предмет на интерес само на вакви свечени денови, туку постојано, со изградена стратегија за негова заштита и унапредување. Да го чуваме сите, зашто ние сме заштитниците на македонскиот јазик, ние сме неговиот кислород, ние го одржуваме жив и полетен, ние го разнесуваме на сите страни на светот, ние пишуваме и твориме на него, ние одлучуваме дали ќе прифатиме да биде еден од јазиците што се зборуваат и се службени во Македонија, ние одлучуваме дали ќе прифатиме уцени од вековните негови противници. Во нас е силата! – заклучува Груевска-Маџоска.

Долга борба, и предолга од низа историски причини

Професорката потсетува на историјата кога на 5 мај и официјално е усвоена македонската азбука во 1945, откако на 2 август 1944 на Првото заседание на АСНОМ, македонскиот јазик е прогласен за службен во новата македонска држава.
– Уште еден датум е значаен ‒ 7 јуни, денот кога е усвоен македонскиот правопис. Кодификацијата е конечно направена, проследена со понатамошното објавување на првата граматика на Круме Кепески, Граматиката на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик на Блаже Конески и Речникот на македонскиот јазик, со што процесот се заокружи. Но на овие датуми им претходат други долговековни процеси. Изнедрен од прасловенскиот јазик, вгнезден во старословенскиот јазик ‒ првиот книжевен јазик на сите Словени, а создаден врз основа на говорот на македонските Словени од околината на Солун, со првите типични македонски зборови уште во црковнословенските текстови од 10 и 11 век, со уште посилно навлегување на народниот македонски јазик во ракописите од крајот на 16 век, па сè до 19 век, векот на преродбата – вели професорката.
Истовремено со другите јужнословенски јазици, но и балкански, започнала борбата за издигање на македонскиот јазик како книжевен во тој бурен 19 век, борба што кулминирала во 1903 со излегувањето на делото „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков. Тука се дадени насоките за македонскиот книжевен јазик и тие се основата на неговата кодификација во 1945.
– А се слушал македонскиот јазик на театарските сцени во првата половина на 20 век, преку драмите на Војдан Чернодрински, Васил Иљоски, Ристо Крле, Антон Панов… Се читале и песни на македонски, во виорот на Втората светска војна се печателе весници, се отвориле првите училишта на слободните територии и се напишале првите буквари. Долга борба, и предолга од низа историски причини, но успешно завршена. Томови прекрасна книжевност на македонски јазик се напишани, светски позната и признаена, од нашите писатели и поети ‒ ловци на богатството на македонскиот јазик, но и креатори. Научни трудови од сите области, филмови, емисии се објавени и емитувани во овие 79 години на нашиот нормиран/стандардизиран македонски јазик – вели Груевска-Маџоска.

Да го цениме творештвото на најголемите македонски писатели

Писателката Оливера Ќорвезироска по повод Денот на македонскиот јазик рече дека нема поубав ден за најава на новата книга во едицијата „Македонски книжевни класици“ – „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ – тематска збирка раскази, чествувачка, наменска и првообјавена антологија приредена по повод 90-годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски.
– Деветнаесетмина современи македонски раскажувачи од сите генерации го славиме раскажувањето на Петре М. Андреевски на личен, автентичен начин, со специјално напишани раскази за оваа пригода. Чествувајќи го Петре, расказите истовремено го чествуваат и нашиот заеднички, еден и единствен мајчин јазик – македонскиот – вели Ќорвезироска.
Издавачката куќа „Арс ламина“ го одбележува Денот на македонскиот јазик со едицијата во која е реобјавен дел од творештвото на книжевните великани: Блаже Конески, Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Живко Чинго, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Петре Бакевски, Влада Урошевиќ…
– Книгите се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели, со цел да се приближат до новите генерации читатели. Изминатава година едицијата се збогати со стихозбирката „На врв на јазикот“ од Катица Ќулавкова, поемата „Коњски житија“ од Зоран Анчевски и книгата со раскази „Скарбо“ од Јадранка Владова. Проектот „Македонски книжевни класици“ започна со реобјавување на девет книги од творештвото на Петре М. Андреевски, а продолжи со нови публикации на „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“ од Живко Чинго, „Пустина“ и „Арамиско гнездо“ од Ѓорѓи Абаџиев, „Зора зад аголот“ и „Кратката пролет на Моно Самоников“ од Димитар Солев, „Скопјани“ од Гане Тодоровски, „Нова Атлантида“ од Петре Бакевски, 10 тома со целокупното творештво за возрасни на Оливера Николова, три поетски книги од Блаже Конески: „Везилка“, „Црква“ и „Црн овен“, како и двотомен избор од неговото книжевно и научно творештво – „Збор и опит“ 1 и 2. Во оваа едиција се и делата на Влада Урошевиќ: „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“. Нека ни е честит Денот на македонскиот јазик. Да не ги забораваме нашите корени и да го цениме творештвото на нашите најголеми македонски писатели – вели Ќорвезироска.
И професорката Елка Јачева-Улчар се огласи по повод Денот на македонскиот јазик.
– Денес славиме двоен празник. Едниот е заеднички за сите православни христијани – Христовото воскресение, а другиот важен за нас Македонците, каде и да сме по светот – Денот на македонскиот јазик! На денешен ден, пред 79 години, од Народната влада на Народната Република Македонија како официјално писмо е усвоена азбуката на македонскиот јазик! Вечен да ни е и ние со него! За горда Македонија, со љубов! – порача таа.
Професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Весна Мојсова-Чепишевска, пак, ги честита двата празника со антологиската песна „Велигден“од Анте Поповски.
– Кога Велигден е на Денот на македонскиот јазик да чествуваме со антологиски стихови напишани на македонски јазик – порача таа.


Македонската азбука е официјализирана со објава во „Нова Македонија“

Владата го прогласи овој ден за Ден на македонскиот јазик во 2019 година во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945 г. за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис, со што беше стандардизиран македонскиот јазик. Азбуката на 3 мај 1945 ѝ е предложена на тогашната влада, која ја прифатила, и азбуката е официјализирана на 5 мај со објавување во весникот „Нова Македонија“, зашто во тоа време не постоел службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки. Објавувањето на 5 мај се смета за службен документ.
Процесот бил долг и не бил лесен. Тоа го опишал и Блаже Конески. Имало две комисии, според некои три, и не се согласиле сите одеднаш. Идејата е 5 мај да биде ден на македонскиот јазик од работен карактер и да се одбележува таму каде што е најпотребно, од најниските степени на образование до највисоките, со пригодни реферати, рецитали или со детали од историјата итн.
Светот признава постоење на над 6.500 јазици, но само неколку стотини од нив се издигнале на ниво на службен јазик на еден народ во една држава.


Велигден

Утринава на прозорец
спроти нас
пак се покажа старичката
Се затетерави низ дворот
како детенце кога проодува
и се заниша како гранче чесно дрво
и пак се засолни.
Излегла напролет старичката.
Што ми е убаво на душава,
како Велигден да ми е,
како да воскреснувам.

Анте Поповски