Измамниците постојано смислуваат нови начини за да дојдат до пари / Фото Пекселс

Во последно време е забележан зголемен број измами преку апликацијата Вотсап. Последен таков случај е актуелен во Србија, откако претходно имаше слични обиди во низа за измами и во нашата држава. Иако се уапсени повеќемина измамници, начините на кои се обидуваат да изнудат пари постојано се менуваат

Балкански шеми за интернет-измами

Бројот на измами на интернет бележи драстичен пораст во Балканскиот Регион. Покрај фишингот, сѐ почесто се забележува и нов вид манипулации на социјалните мрежи, со кои измамниците се обидуваат да привлечат лековерни луѓе да инвестираат пари, ветувајќи им брз и голем профит. Надлежните токму затоа предупредуваат дека е забележан зголемен број измами преку апликацијата Вотсап. Последен таков случај е актуелен во Србија, како што објавуваат српските медиуми, откако претходно имаше слични обиди за измами и во Македонија. Иако се уапсени повеќемина измамници, начините на кои се обидуваат да изнудат пари постојано се менуваат.

Нова пирамидална измама демне преку Вотсап

Од неодамна е забележана измама во која граѓаните добиваат повици од странство во кои се убедуваат да инвестираат во различни платформи, познати како пирамидални шеми. За ваквите повици и македонските надлежни органи во повеќе наврати ги предупредуваа и запознаваа граѓаните.
Но „епидемија“ од ваков тип се прошири во соседна Србија. Според информациите од тамошното Министерство за внатрешни работи, поради ваквите чести појави, се апелира да не се споделуваат лични податоци и да не им се верува на сомнителните повици.

Во Македонија забележани лажни пораки во име на функционери

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во Министерството за внатрешни работи минатата година предупреди на повеќе измами што се ширеа низ Македонија, а кои опфаќаа фишинг-напад, како и случаи на лажно претставување во име на министерот за внатрешни работи и на директорот на Бирото за јавна безбедност.
Обидот за фишинг обично доаѓаше преку електронска пошта, но и од социјални мрежи, преку текстуална СМС или со телефонски повик, според информациите од МВР, со цел примачот да се измами и да ги открие личните податоци или да посети лажна веб-страница. А имаше и случај во кој жртвата преку порака се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено. Притоа, примачот на пораката се повикува да контактира со испраќачот преку линк на Вибер.
Беа забележани пријави од граѓани за добиенa електронска порака, наводно, во име на директорот на Бирото за јавна безбедност или од министерот за внатрешни работи, во која во вид на наводна покана за суд, примачот се известува дека е предмет на правни постапки за низа измислени кривични дела, кои не ги сторил. Притоа, примачот на пораката се повикува да се регистрира преку мејл и да ги даде своите лични податоци.

Преку фишингот се злоупотребуваат познати институции и организации

Покрај повиците за лажни инвестиции, најчест вид измама е фишингот, во кој измамниците ги злоупотребуваат името и логото на познати институции и организации со цел да добијат податоци од платежната картичка на корисникот и да се стекнат со неовластен пристап до неговата банкарска сметка, која потоа ќе ја испразнат. Присутни се сè покреативни начини на оние што се обидуваат да го постигнат тоа.
Така, во последно време забележани се случаи во кои клиенти на одредена банка добиваат лажен мејл, наводно од вработен во таа финансиска институција, во кој се известуваат дека им се наплатуваат превисоки провизии за одржување на сметка и услуги за плаќање. А потоа, за наводно да ги вратат тие средства, го повикуваат корисникот да пополни формулар и да го испрати по пошта. Секако, тука од корисникот се бара да ги внесе податоците од картичката, што е токму она што им треба на измамниците.
Во друга измама, злосторниците преку лажен мејл информираат дека банката, наводно, добила известување за девизниот прилив во корист на тој клиент преку Свифт-порака. Потоа се обидуваат да ги придобијат жртвите, наведувајќи дека за да им ги префрлат овие средства треба да ги достават сите податоци, се разбира и од платежната картичка, на мејл што изгледа како автентична електронска адреса на таа финансиска институција.
Беше регистрирана и измама на социјалните мрежи во која на корисници на одредени платежни картички им се нудат двојно повеќе пари за да ја удвојат сумата што ја имаат на сметката. Н.М.


Се ловат жртви и преку СМС за пристигнати пратки

На Балканот актуелна е измамата преку СМС во кои се злоупотребуваат името и логото на поштата и услугите што ги дава оваа компанија. Измамниците испраќаат порака со која го известуваат корисникот дека пристигнала пратка за него. Но во пораката се наведува дека не можат да ја достават, бидејќи информацијата за адресата не е точна. Потоа се нуди врска што отвора формулар што треба да се пополни. Дури и точниот датум на испорака е наведен таму. Кога корисникот ќе внесе адреса, од него се бара да ги внесе деталите за својата картичка, што е цел на измамниците за да добијат пристап до нивната сметка.


Уште еднаш за т.н. пирамидални измами

Пирамидалната шема е финансиска измама што се заснова на ветувања за големи профити на краток рок, без голем ризик за инвеститорите. Во реалноста, тука не се остварува профит, но организаторот на шемата им исплаќа пари на почетните инвеститори, користејќи средства од новите инвеститори. Тој систем се распаѓа кога нема нов прилив, така што почетните инвеститори ја добиваат добивката, а другите губат сѐ. Со поедноставни зборови, за да заработат првите инвеститори, другите ќе бидат измамени. Суштината на ваквата измама е да се понудат добри услови и брза заработка за да се привлечат лековерните, бидејќи за да функционира системот, потребно е да се намамат што повеќе луѓе.
Користејќи ги можностите на интернетот, шемата е исклучително опасна, бидејќи се смета дека некои луѓе ќе паднат на измамата и ќе ја загубат својата заштеда, па дури и недвижности.