Фото: Маја Јаневска-Илиева

За јавниот превоз во Скопје, за сообраќајниот метеж и за загадувањето

 

  • Делегацијата на ЕУ вчера му предаде шест нови еколошки автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје. Станува збор за дел од програмата „ЕУ за чист воздух“, а автобусите ќе се користат за подобрување на јавниот превоз во главниот град, но и во Битола, Куманово и во Тетово. Новите автобуси работат на компримиран природен гас и ги исполнуваат стандардите за еколошка ефикасност, со што ќе помогнат во намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид и за подобрување на квалитетот на воздухот
  • Македонскиот премиер Мицкоски најави дека до крајот на годинава Владата ќе го распише тендерот за набавка на 120 електрични автобуси. Тој вели дека во моментов се скенира пазарот и се бара најповолниот начин за набавка. Повеќето од автобусите ќе бидат наменети за главниот град. Владата планира од следната есен новите електрични автобуси да бидат вклучени во сообраќај

Приватните превозници вчера се вратија на скопските улици. Во текот на вчерашниот ден, во критичните периоди на т.н. шпиц во скопскиот сообраќај, беше видлива растовареноста од возила на улиците и булеварите на главниот град. Исто така, беше забележливо дека има многу помали групи граѓани на автобуските постојки што го чекаат својот автобуски превоз. За потсетување, Владата на вонредна седница одобри 250 илјади литри нафта од државните резерви за ЈСП како привремено решение по колапсот на јавниот сообраќаен превоз во средината на минатата недела, кога на улиците на Скопје имаше само 25 автобуси. Но проблемот е што количествата нафта е проценето дека ќе траат од десетина дена до две недели.

Приватните превозници им се ставија на располагање на граѓаните, но сѐ уште не во полн капацитет

Со почетокот на работната седмица, приватните превозници се најдоа како помош на улиците на Скопје. Претставници на приватните превозници изјавија дека тие се подготвени и понатаму да бидат во функција на поефикасен градски сообраќај и на располагање на граѓаните на главниот град, но дека ваквиот чин ќе биде привремен, додека имаат на располагање финансиски средства, додавајќи дека тие ќе возат „по цел ден, не само попладне“ како што беше случај подолг временски период. Извори од фелата на приватните превозници со кои контактиравме нѐ информираа дека тие одамна имаат волја да помогнат да се решат проблемите со градскиот превоз во Скопје, но и дека попусти биле сите нивни досегашни иницијативи, кои градските власти ги игнорирале. Во една ваква ситуација, приватните превозници бараат состанок со градските власти во проширена форма, на кој ќе присуствуваат и претставници на Владата. Тие нагласуваат дека со последниве (со соговорниците од Владата) наишле на разбирање и согласност за дијалог во насока на брзо решавање на ситуацијата, а и во врска со барањето што го испорачале претставниците на приватните превозници. Се работи за „покачување на цената по километар и раст на платите во согласност со растот на трошоците за живот“. Во истиот контекст, нивен предлог е „да не бидат исплаќани преку Јавното сообраќајно претпријатие, туку директно од касата на градот“.

Делегацијата на ЕУ вчера донираше шест нови автобуси на ЈСП

Делегацијата на ЕУ вчера му предаде шест нови еколошки автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје. Станува збор за дел од програмата „ЕУ за чист воздух“, а автобусите ќе се користат за подобрување на јавниот превоз во главниот град, но и во Битола, Куманово и во Тетово. Новите автобуси работат на компримиран природен гас и ги исполнуваат стандардите за еколошка ефикасност, со што ќе помогнат во намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид и за подобрување на квалитетот на воздухот. На свеченото примопредавање присуствуваа градоначалничката на градот Скопје, Данела Арсовска, и министерот за животна средина Изет Меџити. Ова е голем исчекор во насока на решавање на три тежишни проблеми на метрополата. Прво, поттик за решавање на горливиот градски проблем со јавниот превоз на жителите на Скопје, кои веќе го изгубија трпението за нефункционалноста на градскиот транспорт и големите штети што како последица од тоа се рефлектираат на граѓаните. Второ, голем исчекор во насока на намалување на загаденоста во главниот град, причинета од издувните гасови на автобусите, а и на патничките возила, кои граѓаните мораат пофреквентно да ги користат поради недостатоците на јавниот градски превоз. И трето, почнува да се растоварува и метежот од сообраќајот во градот и се намалуваат сѐ почестите сообраќајни застои, поради тоа што улиците се преоптоварени со возила и т.н. шпиц во сообраќајот го прават уште потежок, а и времето на одвивање на застоите, уште подолги. За издвојување е информацијата дека до крајот на годинава ќе биде распишан тендер за набавка на стотина електрични автобуси, кои ќе му бидат дадени на располагање на Град Скопје, но и на други градови во земјава што имаат организиран јавен превоз.

Премиерот најави дека ќе бидат набавени помеѓу 100 и 120 електрични автобуси, а најголемиoт број од нив за Скопје

Македонскиот премиер Мицкоски најави дека до крајот на годинава Владата ќе го распише тендерот за набавка на 120 електрични автобуси. Тој вели дека во моментов се скенира пазарот и се бара најповолниот начин за набавка. Повеќето од автобусите ќе бидат наменети за главниот град. Владата планира од следната есен да бидат вклучени во сообраќај новите електрични автобуси. Условите за нивно плаќање наскоро ќе бидат дефинирани рече Мицкоски.
– Ако набавиме 120, тоа ќе биде пропорција 70-50 или 80-40. Станува збор за еколошки автобуси со 50 полначи и сета арматура. Времетраењето на полнењето ќе биде околу 2,5 часа и дневно со едно полнење ќе се поминат од 350 до 400 километри. Сметам дека штом ќе се појават на улиците низ градовите, ќе се намали и загадувањето и ќе значи добар имиџ за нас како држава – истакна премиерот Мицкоски.
Премиерот се осврна и на условите на плаќање.
– Ние ги дефинираме условите, го скенираме пазарот и ги дефинираме условите за плаќање. Условите за плаќање ќе бидат такви да почнеме да ги плаќаме околу 2028 година на осум полугодишни рати во период од четири години така што мислам дека ќе биде добар проект – подвлече премиерот Мицкоски. Н.М.


Во врска со тоа, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјави дека таквото загадување е од затоплувањето на домовите, но и од урбаниот транспорт. Министерот подвлече дека проблемот со аерозагадувањето не е од денеска, но дека „за решавање треба да се насочат кон причините, а не кон последиците“

Нашиот главен град на четврто место на светската листа на најзагадени градови

Скопје вчера беше на четврто место на листата на најзагадени градови во светот. Шампион на таа листа беше главниот град на Босна и Херцеговина – Сараево, каде што индексот на загадување беше 228. По него се Њу Делхи (Индија) и Лахоре (Пакистан).
Според последното мерење, воздухот во Скопје е окарактеризиран како „многу нездрав“, а концентрацијата на ПМ 2,5 честичките е 167, што е 15,7 пати поголема од она што го предлага Светската здравствена организација.
Што се однесува до општините на Скопје, највисока загаденост вчера утрото е регистрирана на мерното место во Лисиче, а потоа следуваат Кисела Вода и Карпош 2. Во врска со тоа, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјави дека таквото загадување е од затоплувањето на домовите, но и од урбаниот транспорт. Министерот подвлече дека проблемот со аерозагадувањето не е од денеска, но дека „за решавање треба да се насочат кон причините, а не кон последиците“.
– За жал, природата направи овие денови Скопје и другите градови да бидат на врвот по загадувањето. Оваа состојба не е од денеска, туку има подолга историја. Добро е што периодот кога имаме загаден воздух се стеснува – изјави министерот Меџити.
Министерот Меџити, осврнувајќи се на аерозагадувањето, истакна дека една од главните причини за аерозагадувањето е и греењето на домовите. Тој рече дека главен фактор за загадувањето се индивидуалните и колективните домувања, поточно „од оние граѓани што се греат на сè и сешто“, но не е тоа само по нивна вина. Во еден таков контекст, тој повторно на виделина го изнесе проектот за гасификација.

– Мислиме да го вратиме проектот за гасификација и да го тераме докрај. Тоа ќе биде прво што ќе придонесе за намалување на загадувањето, второ да се субвенционира и луѓето да се враќаат на централно греење, бидејќи тоа е уште почисто од гасификација – рече министерот Меџити.
Тој, исто така, најави и промоција на уште еден проект за споделување возила, кој функционира во европските градови. Меџити вели дека едно такво возило, според процените, заменува до 10 приватни автомобили. МЖСПП, нагласи Меџити, работи и презема мерки во согласност со одлуката и акцискиот план од Владата.
На прашањето кога ќе почнат да се спроведуваат тие мерки, меѓу кои е и таа за владините институции да користат по 50 отсто помалку возила, Меџити рече дека се преземаат мерки, но најави нова прес-конференција на која ќе даде детални информации.
– Според податоците од Министерството за животна средина имаме навистина добра покриеност во однос на бројот на мерни станици за толку мала земја, проблемот низ годините беше одржувањето на мерните станици, па долго време не работеа, но тој проблем е надминат така што бројките, односно мониторингот на квалитетот на воздухот, говорат дека трендот од 2012 година до денес за загадувањето во земјава, особено на ПМ 2,5 честичките, се намалува – истакна тој.
Сепак тој додаде дека овој тренд може да се должи и на потоплото време, односно климатските промени, но и на имплементација на одредени мерки, па токму поради тоа се приближивме кон горната граница на европската директива, а тоа е средна годишна концентрација на загадувачки честички од 24 до 25 микрограми на кубен метар, но на почетокот на годинава Европската Унија донесе одлука во која ги задолжува земјите членки да се приближат што е можно поблиску до новата гранична вредност на Светската здравствена организација. Имено, според упатството на Светската здравствена организација, концентрацијата на ПМ 2,5 честичките треба да биде само пет микрограми на кубен метар воздух.
– Бидејќи е невозможно дури и високоразвиените земји да го достигнат ова ниво на СЗО, токму затоа се донесе регулатива границата на концентрацијата на овие честички да биде 10 микрограми, така што Северна Македонија има доста работа бидејќи ова е цел до 2030 година. Н.М.