Илустрација: „Нова Македонија“

Оваа резолуција во апсолутна смисла е моќно македонско политичко-дипломатско „оружје“ против „третата балканска војна без куршуми“ што ја води Бугарија против Македонија и македонскиот народ! Со таа резолуција, Собранието ја обврзува и ја насочува Владата, но и сите надлежни органи задолжени за надворешната политика и евроинтеграциите, да постапи во рамките на позициите утврдени во резолуцијата

Повод: Предлогот за заедничка резолуција на Македонија и Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик (2)

Деновиве, додека во политичките кулоари на Софија „зрее“ неформалниот предлог даден од македонска страна за „заедничка резолуција за потврда на македонскиот идентитет и јазик“, во бугарските институционални кулоари со умисла беше рециклирана изјавата на бугарскиот историчар и политичар Божидар Димитров, кој кај нас е запомнет по неговата славодобивна изјава пред повеќе години: „Ја добивме третата балканска војна за Македонија без ниеден испукан куршум!“.
Бугарија сега ги забрзува активностите за да ја добие „третата балканска војна за Македонија без ниеден испукан куршум“ (но овој пат штедро поддржана и потпомогната од ЕУ, особено од Макронова Франција, земјата од која дојде таканаречениот француски предлог). Да се навратиме на изјавата на Димитров, деновиве повторно реактивирана, која гласи: „Ако се исполни Договорот за добрососедство со Македонија, тоа ќе биде крај на македонизмот и навистина претворање на Македонија во втора бугарска држава!“. Сега, според извори од Бугарија, Софија за „заедничката резолуција мудро ќе молчи, ќе тактизира и на крајот ќе ја отфрли“. И овде не се работи само за „дипломатска војна“, која овие денови и седмици официјална Софија ја „разгорува“ до максимум против Македонија и македонскиот народ. Станува збор поточно за нејзина политичко-идентитетска агресија преку „трета балканска војна против Македонија, без испукани куршуми“, како што ќе рече големобугарскиот идеолог Димитров.

Македонската резолуција е моќен инструмент и треба да се
реактуализира и реактивира во сите нејзини сегменти

Имајќи ги предвид сите неизмерни опасности, кои се надвиснати во овој момент врз Македонија и македонскиот народ, македонското државно-политичко раководство ќе мора неодложно и веднаш да ја реактивира, од (не)сфатливи причини поттурнатата настрана, Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, која е донесена на 29 јули 2021 година во Собранието на Македонија.
Оваа резолуција во апсолутна смисла е моќно македонско политичко-дипломатско „оружје“ против „третата балканска војна без куршуми“ што ја води Бугарија против Македонија и македонскиот народ! Со таа резолуција Собранието ја обврзува и ја насочува Владата, но и сите надлежни органи задолжени за надворешната политика и евроинтеграциите, да постапи во рамките на позициите утврдени со таа резолуција.
Бугарија тврди дека македонскиот јазик е „современ“, „новосоздаден во 1944/1945 година“. Но оваа државна резолуција аргументирано нагласува: „Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто: – македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет, – македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор“.
Со Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции како македонски државен документ неотстапно ќе може и ќе мора да ѝ се парира и на Резолуцијата на Европскиот парламент, која ги иззеде од извештајот за напредокот на Македонија „…македонскиот идентитет и јазик…“, според политичката волја на Бугарија и спротивно на политичката волја на Македонија, македонскиот народи и на сите други македонски граѓани.

Внимателно во „дипломатската војна“ додека Данска претседава со ЕУ

Од први јули, откако Данска го презеде претседавањето со Европската Унија, се засилуваат притисоците врз Македонија да го смени Уставот и да го внесе „бугарскиот државотворен народ“ во него.
– Почитувањето на преговарачката рамка и уставните измени се услов С. Македонија да преговара со Европската Унија. Без уставни измени, нема преговори со ЕУ за С.Македонија – изјави со ултимативен тон на 15 јули 2025 година данската министерка за европски прашања Мари Бјере пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент. Данска сѐ поотворено врши притисок врз Македонија да го смени Уставот и да внесе „бугарски државотворен народ“ во него. Поправо, оваа скандинавска држава само „посветено“ работи на она што го има кажано нејзиниот поранешен амбасадор Сорен Јакобсен во Софија: „Бугарија сѐ повеќе и повеќе станува наш политички приоритет!“ Од свои политички, економски и други причини Данска станува и „европски адвокат“ на бугарските хегемонистички интереси и стремежи кон Македонија. Ќе наведеме некои факти за данско-бугарските релации што треба да се имаат предвид во текот на „македонско-бугарската дипломатска војна“. Имено, за потсетување, два дански амбасадора во Бугарија за бугарски медиуми, Сорен Јакобсен во интервју за „Дипломатик спектрум“ на 21.12.2019 и Јес Брогард Нилсен во интервју за „Новините“ на 27.9.2022 година, ги нагласиле „многу блиските односи на Данска и Бугарија“ и оти „Бугарија сè повеќе станува дански политички приоритет“?!
Во „Дипломатски спектар“ на 21 декември 2019 година Јакобсен ќе истакне: „Данска и Бугарија имаат многу добри заемни односи. Нашите дипломатски односи датираат од 1931 година. Многу дански компании се етаблирале во Бугарија. Некои од најголемите дански компании се добро позиционирани во оваа држава. Има многу дански инвестиции тука и данската амбасада им помага на компаниите, кои се заинтересирани да започнат или да го прошират свој бизнис во Бугарија. Таа е интересна туристичка дестинација за Данците: речиси 70 илјади дански туристи ја посетуваат Бугарија секоја година. Таа сè повеќе станува политички приоритет за Данска“.
Во интервјуто за бугарскиот информативен портал „Дневник“ на 11 март 2021 година Сорен Јакобсен ќе посочи дополнително: „Бугарија и Данска можат да бидат и политички сојузници по брегзит“.

Посвежи „дипломатски маневри“ на Скопје и на Париз

Но во целиот галиматијас на дипломатски динамики, за издвојување е и дека се забрзуваат и други меѓународни активности и дипломатски „маневри зад завесата“. Потсетуваме дека изминатиов период „Нова Македонија“ веќе објави дека „Париз е подготвен да ја подотвори ЕУ-вратата за Македонија.
Неофицијално дознаваме дека француски дипломат во неврзан разговор рекол дека Брисел и Париз „во процесот со Македонија заглавиле и дека мора да се најде решение да се поправи тоа“! Затоа се предлага: „Скопје да почне со подготовки на процесот за уставни измени, а Брисел да даде зелено светло за отворање на поглавјата“!
Дали тоа е можно кога Софија и Скопје се во дипломатска војна, која е, сепак, веќе сериозно разгорена, а не се отстапува од дополнителните протоколи, кои се идентитетска катастрофа за Македонија?, напиша „Нова Македонија“ пред неколку дена.

Автор: Свето Тоевски


Националната бугарска доктрина тврди дека „Бугарија е единствената држава во светот што се граничи самата со себе“!

ОМО „Илинден“ – Пирин пред неколку дена го реобјави 15-то продолжение на фељтонот „Македонско-бугарски контроверзии“ на новинарот Виктор Цветаноски, објавено во „Утрински весник“ на 27 октомври 2010 година. Во тоа продолжение, покрај другото, пишува: „Македонија се третира како бугарска територија. Определени софиски кругови последниве дваесетина година пројавуваа апетити кон Македонија, надевајќи се дека нашата земја ќе стане дел од Бугарија. Не станува збор само за екстремните националисти на Красимир Каракачанов, туку за сериозни историчари и интелектуалци, што подготвуваа и посебни стратегии и ја советуваа бугарската власт како да се однесува спрема Македонија. Божидар Димитров ќе изјави дека Бугарија конечно ја добила Третата балканска војна без да испука ниту еден куршум. Од она што постојано се слуша од определени софиски кругови, своја инспирација наоѓа и во Националната доктрина, во која се тврди дека Бугарија е единствената држава во светот, што граничи самата со себе“. Какво е значењето на споменатите зборови на Божидар Димитров за „третата балканска војна“ поврзано со Македонија? Првата и Втората балканска војна се водеа за освојување и распарчување на интегралната македонска етнојазична територија, кој, кои и колкави делови ќе приграби од неа по распаѓањето на Турската Империја. Бугарија остана незадоволна од својот „територијален плен“ со потпишувањето на Букурешкиот договор, бидејќи ја доби „само“ Пиринска Македонија. Преспанскиот и Бугарскиот договор како една целина претставуваат само своевиден „Букурешки договор“ 2, за преку нив да се дозаврши незавршената работа од 1913 година. Грција си ги „доби“ името Македонија и македонското античко-културно историско наследство, а Бугарија води своја непрогласена „трета балканска војна“, за да го завладее денешниот дел од Вардарска Македонија, претворајќи го за „дел од бугарската држава“, но и да го претстави средновековниот дел од македонската историја како дел од бугарската историја.


Ангеловски: Да ѝ се спротивставиме на третата балканска војна на Бугарија против Македонија!

Во врска со неостварените „санстефански мечти“ на Божидар Димитров се произнеле соодветно македонски интелектуалци и јавни личности.
Во колумната со наслов „Третата балканска војна за Македонија“, објавена во „Нова Македонија“ на 10 октомври 2023 година, Ефтим Клетников, покрај другото, ќе напише: „Во двете балкански војни своите хиенски канџи ги пружија кон нас Грција, Бугарија и Србија. По нив бргу-бргу дојде и Првата светска војна на непрокопсана Европа, во која, исто така, главниот балкански плен беше Македонија. И во Првата и во Втората балканска војна зад тогашните балкански хиени стоеја нивните европски сојузници: зад Србите Французите, зад Бугарите Германците, зад Грците Англичаните“.
„Но не е завршена работата“, напомнува Клетников и нагласува: „Сега се во тек идентитетски геноцид и трета балканска војна за доразграбување и доуништување на Македонија и Македонците. Со Преспа својот дел го добија Грците. Сега останува делот за бугарската хиена, за што од западните сојузници сега директно е задолжен Емануел Макрон…“.
На 14 јуни 2022 година Страшо Ангеловски, претседател на МААК, повика, заради опстанок на наредните македонски поколенија, Македонија и македонскиот народ да ѝ се спротивстават на „третата балканска војна“ што ја води Бугарија. Во својата колумна со наслов „Трета Балканска војна за Македонија“, објавена на споменатиот датум во информативниот портал „Денешен“, Ангеловски посочи: „Софија се бори за своите вековни стремежи во обидот да го докаже бугарскиот карактер на Македонија, со уцени преку европската наддржава – ЕУ. Ова како да го вовлекува несопирливо Балканот во неговата Трета војна за територијата на Македонија и за затворање на македонското прашање. Првата и Втората балканска војна со неуспешните поствоени решенија беа вовед во Првата светска војна. Да не им дозволиме на империјалистите да ни ја повторат историјата тројно пожестоко. Заради опстанокот на генерациите по нас!“.


Бранко Героски: Договорот со Бугарија и преговарачката рамка се мртви

Македонската влада и државно-политичкото раководство на Република Македонија се должни во целост да ја запазат и да ја спроведат споменатата резолуција на државното собрание, но и експлицитната политичка волја на најголемото мнозинство на македонскиот народ, која овие неколку дена во целост се манифестира и преку истапувања на две јавни личности. Посочуваме на клучните ставови од тие истапувања.
„Бугарија има јасна агенда и план: водена е од мислата да ги уништи македонската нација и идентитет – изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Да, тоа е токму така. Европската Унија јасно и недвосмислено ја поддржува таа агенда. Брисел навести, а сега и покажа и докажа дека не ја почитува Македонија, земјата чии стремежи за членство во ЕУ никого и ништо не негираат и никого не повредуваат“, констатира новинарот Бранко Героски во својата колумна со наслов „Темата ‘Бугари во Устав’ ад акта, Македонија да се повлече и од Историската комисија!“, која ја објави информативниот портал „Плус инфо“ на 9 јули 2025 година.
Констатирајќи дека „Европскиот парламент ја поништи политичката суштина на преговарачката рамка и де факто го прекина пристапниот процес за Македонија“, Героски ќе нагласи: „Со ова Европскиот парламент го оневозможи Скопје да ги почне преговорите на достоинствен начин. Преговарачката рамка е мртва. Прашање на ден е кога тоа и формално ќе се констатира. Европската Унија денес е на речиси идентична позиција како и во Декларацијата на Европската заедница од 27 јуни 1992 година, усвоена во Лисабон, во која беше кажано дека нашата земја ќе биде признаена само под име што нема да го содржи зборот ‘Македонија‘. Ниеден политичар Македонец нема политички легитимитет и кредибилитет да води какви било натамошни разговори со ентитети, кои изразуваат јавно и формално непочитување на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет. Јавно му предлагам на премиерот Мицкоски да направи уште еден решителен чекор – да ги суспендира разговорите и преговорите во Историската комисија и да го ‘развласти’ нејзиниот македонски дел. Ако навистина немаме намера да преговараме за историјата со луѓе кои нè негираат, тогаш постоењето на една таква комисија е непродуктивно и штетно“.


Агатангел: Обединета Европа стана европски сојуз пред распаѓање, затоа ја повикувам Владата во овој контекст да ја приспособи и да ја спроведува својата политика!

Митрополитот повардарски Агатангел на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во своја колумна, објавена во „Нова Македонија“, повика веднаш да се поништи Преспанскиот договор и да се оневозможи договорот со Бугарија!
– Обединета Европа стана европски сојуз пред распаѓање, затоа ја повикувам Владата во овој контекст да ја приспособи и да ја спроведува својата политика, а сиот македонски народ да се обедини! – посочи македонскиот народно-црковен великодостојник.
– Веднаш треба да се пристапи кон поништување на одвратниот Преспански договор. Од него сè почна, кај него сè треба да заврши. Треба, исто така, да се запре и да се оневозможи секој договор со Бугарија, кој и барем малку задира во нашето уставно уредување, во нашиот фолклор, во нашата македонска култура. Името на државата Македонија е идентитет на народот што живее во неа. Последната постапка на европските парламентарци егзактно ни ја реши оваа равенка. Во тој контекст треба да бидат третирани сите актуелни или идни француски предлози, но и секој непристоен предлог, кој врз нашата мака вежба некаква дипломатија – предупреди митрополитот Агатангел.
Време е да се отфрлат политичко-идентитетската агресија и „третата балканска војна“ на Бугарија кон Македонија. Време е за започнување домашни и надворешни активности, мудро и тактички без да се создаваат нови меѓународни тензии, за постапно поништување на Договорот за добрососедство, на преговарачката рамка, на францускиот протокол и на протоколите. Бугарија го потпиша со тогашна Југославија Бледскиот договор за пријателство, соработка и заемна помош на 1 август 1947 година и во многу голема мера започна поинаку да се однесува кон македонското прашање: го призна постоењето на македонскиот јазик и на Македонците во Пиринска Македонија, која доби културна автономија. Но бугарската држава си зеде за право поради свои „повисоки државни интереси“ да го поништи Бледскиот договор на 1 октомври 1949 година. Штом си дозволила Бугарија да го стори тоа, зошто да не може исто такво однесување да пројави и Македонија, овој пат од свои вистински највисоки државно-национални интереси, кон таканаречениот Договор за добрососедство? Нема да смее, оти Бугарија е „моќна држава“ – членка на ЕУ?!
Време е за систематски пристап за спроведување на Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции донесена на 29 јули 2021 година. „Да се применуваат меѓународните конвенции и декларации на Организацијата на Обединетите Нации за правото на самоопределување и за човековите права и слободи. Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност“, се нагласува јасно во овој државен акт, акламативно донесен во храмот на македонската државност, по кој е обврзана уште веднаш да започне да постапува Владата на Република Македонија, без кој било да заговара „поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент“.