Војната во Украина уште повеќе нагласува колку е битно нашите пријатели од Западен Балкан да ги поддржиме на нивниот пат кон европската иднина. За Австрија и понатаму останува главен приоритет проширувањето со земјите од Западен Балкан во безбедносната и одбранбената политика. Од австриска страна е посакувано Македонија да ги продолжи и да се реализираат пристапните преговори со ЕУ, и тоа преку конкретни чекори кои ќе значат голем напредок. Ова го изјави австриската федерална министерка за одбрана Клаудија Танер на заедничката прес-конференција во Скопје со нејзината колешка и домаќин министерката за одбрана Славјанка Петровска. Таа напомена дека во особено тешки времиња со кои денес сите се соочуваме доаѓа до израз колку се битни дипломатските односи помеѓу земјите, односно улогата на мултилатералните партнерства во кои Австрија веќе со години учествува заедно со земјите од Западен Балкан, а особено со Македонија.
– Стабилноста и безбедноста на земјите од Западен Балкан е нешто што треба да се постигне и тоа не е нешто што е цел само за тие земји, туку вистинска цел и за нас. Притоа, не треба да заборавиме на една околност. Војната во Украина сѐ уште не е завршена. Крајот на оваа војна сѐ уште не може да се согледа, а не е исклучена и можноста од проширувањето на војната во насока на Европа, од гледна точка на нашите експерти. Затоа е уште повеќе битно превентивно да се делува за да се зголеми стабилноста таму каде што е нужно таа да се реализира за да се зголеми способноста за пружање отпор во загрозените региони и за да може да се поддржат напорите за одбрана од сите закани кои доаѓаат од надвор. Со тоа ние можеме да дадеме голем придонес во нашата заедничка безбедносна и одбранбена политика – рече австриската министерка.
На новинарско прашање таа потврди дека на денешната средба со Петровска зборувале и за уставните измени, кои се услов земјата да продолжи со пристапните преговори со ЕУ, нагласувајќи дека тоа се прашања кои се исто така многу битни за Виена, како што се битни и за Скопје.
-Зборувавме за следните чекори што би можеле да се преземат во оваа насока за Македонија побрзо да стане членка на ЕУ – посочи Танер.
Министерката Петровска истакна дека посета на колешката Танер е уште еден доказ за тоа дека Македонија и Австрија се партнери во справувањето со предизвиците со кои се соочува Европа, но покрај безбедносни предизвици, мора да бидеме прагматични, брзи и посветени на процесот за целосна интеграција во Европската Унија, зашто, вели, денеска на сите ни е јасно дека европската интеграција е и безбедносно прашање од највисок приоритет.
-На регионот му е потребна надеж и сигнал – дека не е заборавен и дека се уште претставува приоритет за Европската Унија и тоа го гледаме и во вашата посета, особено имајќи предвид дека Австрија е наш близок партнер и поддржувач во достигнувањето на оваа цел. Да не дозволиме да се создаде вакум во кој европските вредности ќе бидат заменети со други агенди кои во последно време се особено видливи преку хибридните закани, дезинформациите и лажните вести, како и сајбер нападите. Ваквите напади не се воопшто наивни, туку имаат една повисока цел, а тоа е да се блокираат преговорите со ЕУ, да се подрие довербата во ЕУ, во НАТО, и во демократските институции. Во таа насока, ја цениме Австриската поддршка во рамките на „Кремс форматот“, како платформа, регионална за соработка помеѓу Австрија и земјите од Западен Балкан – рече Петровска.
Таа меѓу другото, нагласи дека Македонија активно придонесува кон развојот на стабилноста, добрососедските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа, особено имајќи ја предвид нашата култура на дијалог и нашата способност за изнаоѓање решенија и за тешки билатерални прашања.
-Ние припаѓаме на Европа и затоа сме амбициозни во заедничките напори за интензивирање на одбранбената соработка. Како членка на Алијансата, но и држава која го започна пристапниот процес кон Европската Унија, Северна Македонија изразува поддршка и има амбиција да се вклучи во одбранбените иницијативи на ЕУ, кои се комплементарни со улогата на НАТО – рече Петровска.
Танер и Петровска на средбата се осврнале и на трите мисии во кои учествуваат двете земји, како и на други заеднички проекти кои треба да ги поддржат двете земји.
Прашана дали смета дека Австрија треба да учествува во активности со единици кои ќе го чистат просторот во Украина од мини, Петровска рече дека позициите на Македонија се многу јасни од самиот почеток на оваа криза.
– Покрај политичката осуда и политичката поддршка која ја дадовме на Украина – осуда за Русија за овој чин, Република Северна Македонија одлучи и досега донесе осум одлуки за донација на воена опрема и вооружување со кои сметавме дека ќе придонесеме во одбраната на Украина, а не во поддржувањето на војната затоа што Украина е суверена држава која е нападната и има право да се одбрани – подвлече Петровска.
Според неа, помошта и поддршката за Украина е прашање на национална одлука за кое што, вели, апсолутно има разбирање и ја поддржува и смета дека во процесот кој понатаму ќе следи, а тоа е на опоравување на Украина кога оваа војна конечно ќе заврши, е потребно секоја земја да учествува со оние капацитети кои ги има на располагање и за кои смета дека може да допринесе.
-Во суштина и соработката помеѓу земјите се заснова и на тоа – да ги разменуваме нашите искуства, нашите капацитети и на крајот заедно да помагаме за една заедничка цел. Стабилизирање или завршување на војната во Украина е нешто што го посакуваме сите ние, за жал не зависи од нас но го посакуваме и апсолутно ќе придонесеме тоа да се случи. Но, се дотогаш остануваме посветени на поддршката на Украина – рече министерката Петровска.
Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Танер при што разговарале за севкупната соработка меѓу двете држави во областа на одбраната.
Како што информираат од кабинетот на претседателот Пендаровски, двајцата соговорници разменија мислења и информации за реализацијата на планот за билатерална соработка во одбраната помеѓу двете земји за оваа година, кој содржи повеќе активности во областа на одбранбената политика, воената логистика, кризниот менаџмент, како и учеството на различни обуки и курсеви за стручно усовршување на воен персонал во повеќе области.
Претседателот оценил дека Австрија е меѓу најгласните поддржувачи за нашите европски интеграции и во таа насока се заблагодарил за севкупната австриска поддршка, вклучувајќи го процесот на реформи и развој во областа на одбраната и безбедноста, и изрази очекување за натамошно унапредување на билатералната соработка.