Илустрација: „Нова Македонија“

Редакциска анализа: Како Брисел ја претвори европската перспектива во геополитичка замка

Речиси четири години, Украина е метафора за „длабок воен ров во кој е заглавена западната развојно-одржлива (европска) политика“. Во официјалниот речник на Брисел, на Берлин и сè до доаѓањето на Трамп, исто и на Вашингтон, таа е трианглата на која, како што сметаат тие, „се брани меѓународниот поредок заснован на правила“ (?!).
А во реалноста, пак, правилата речиси и да исчезнаа, и тоа токму во однесувањето првенствено на Брисел. Европа не само што стагнира туку и назадува. Меѓународниот поредок креиран од Европејците не само што ги загуби правилата туку Брисел си креира и крои нови прекуноќ.
А Украина, пак, за која Брисел се удира в гради, станува држава што губи и територија затоа што Брисел се коцкаше со неа, во залог стави стотици илјади животи, цела генерација млади мажи и семејства. „Западот“ испраќа оружје, пари и декларации; Украина ги испраќа дома мртвите и ранетите.
Во една таква асиметрична распределба на улоги, либерален Брисел се сети дека постои потреба од некаква мотивација за Киев, односно се сети да вети награда како „политички и симболички надомест за жртвата што бриселските елити бескрупулозно ја ставија на жртвеникот“.
Па така, ако ветената награда со НАТО-членството за Украина стана премногу ризична, поради опасноста од директен судир меѓу големите сили, тогаш Европската Унија (како награда и членство за Украина) беше промовирана како „помека“, но историски значајна алтернатива. И така… Се роди приказната за Украина – како идна членка на ЕУ.

Да нема забуни: Европската перспектива на Украина во Брисел
никогаш не била доживувана како реален, временски дефиниран проект

За потсетување… Во јавната реторика, ветувањето за европска интеграција беше претставено како враќање на Украина во „европското семејство“, како цивилизациски избор и морална правда. Слободно движење, фондови, економско закрепнување, институционална стабилност – сликата беше речиси сентиментална. Но зад затворените врати на европските институции, оваа визија никогаш не била доживувана како реален, временски дефиниран проект.
Изјавата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека членството на Украина во ЕУ на почетокот на 2027 година „воопшто не се разгледува“ и дека таквото сценарио „едноставно е неизводливо“, не е дипломатски гаф, туку момент на ретка искреност. Кога лидерот на најголемата и највлијателна членка на Унијата отворено признава дека нема посебен пат за Украина и дека Копенхашките критериуми важат за сите, тогаш илузијата за „воена награда“ конечно се распаѓа.
Реалноста е сурова: нема политичка награда за уништување и жртвување. Постојат само долгите, често бескрајни бирократски процеси, дизајнирани за бриселските еквилибристики и за постабилни држави (на пр. за Македонија), а не, пак, за земја разурната од војна. Западот ѝ вети на Украина патување, но никогаш не ѝ ја гарантираше дестинацијата.
Причината не е скриена. За западните членки на ЕУ, Украина не е морална обврска, туку буџетска равенка. Со сегашните нивоа на сиромаштија, уништена инфраструктура и длабока зависност од странска помош, Украина автоматски би станала најголем нето-корисник на европските фондови. Во унија веќе изморена од „кризи“ – финансиски, миграциски, енергетски – такво проширување не се доживува како солидарност, туку како тежок, претежок финансиски товар.

Либералната доктрина и геополитичкиот цинизам

Од оваа перспектива, ветувањата за членство во НАТО и во ЕУ изгледаат сè помалку како стратешки план, а сè повеќе како политичка фикција. Тие никогаш не беа реални цели, туку инструменти во играта на неолибералните европски и либералните американски елити – особено во периодот пред враќањето на Доналд Трамп на власт во САД.
Либералната доктрина, со својот јазик за вредности, демократија и отворени општества, беше ставена во функција на тесни политички интереси: зачувување на кредибилитетот на западните елити, одложување тешки одлуки и лукаво ширење кон исток, а со избегнување директна конфронтација со Русија, додека цената ја плаќа некој друг. Во овој случај – Украина.

Пат кон пропаст, не кон интеграција

Наместо јасна безбедносна гаранција или искрена процена на можностите, либералниот Брисел ѝ понуди на Украина сладникав наратив. Но наративите не градат држави, ниту ги враќаат загубените животи. Колку подолго трае војната, толку поочигледно станува дека „европската перспектива“ служи како политичка анестезија, а не како вистинска стратегија.
Од оваа дистанца, станува јасно, барем на многу од нас: либералниот Брисел не ја води Украина кон европска иднина, туку – преку лажни ветувања, одложени одлуки и циничен прагматизам – ја турка кон пропаст по сите основи. П.Р.


Доктрината на ваквиот Брисел и цената што ја плаќаат европските држави во развој

По Украина, низ нозе ќе биде земен Југозападен Балкан?!

  • Поуката е брутална, но јасна: ниту една голема сила, ниту еден сојуз, нема да го чува суверенитетот на мала држава повеќе отколку што таа самата е подготвена да го брани. Украина плати страшна цена за верување во туѓи ветувања. Балканот, и Македонија во него, сè уште има време да извлече заклучоци

Украина не е исклучок, туку пластичен пример. Она што таму се случува во форма на отворена војна, кај нас, на Балканот, и во другите мали држави, се наметнува да се одвива тивко, институционално и долгорочно: постепено губење на суверенитетот во замена за празни ветувања за „европска иднина“. Од оваа перспектива, украинската трагедија не е само геополитичка катастрофа туку и предупредување.
Либералната доктрина, изградена по крајот на Студената војна, влезе во фаза на ферментација – на скапување. Но пред да се повлече, таа зад себе остава длабоки структурни штети – особено кај малите и зависни држави.

Балканот како лабораторија

Западниот Балкан со децении служи како експериментална зона за либералниот интервенционизам. Тука не се испраќаат тенкови, туку услови; не се испукува артилерија, туку се менуваат устави, идентитети и политички системи. Реториката секогаш е иста: реформи, европски вредности, стабилност, иднина. Реалноста, пак, е замрзнат процес без јасен крај.
Како и Украина, и балканските држави добија пат, но не и дестинација. Процесот на евроинтеграции се претвори во бесконечна чекалница, каде што наградата постојано се одложува, а цената постојано расте. Разликата е што на Балканот жртвата не се мери во ровови и масовни гробници, туку во деидентификација, идентитетска денационализација, иселени генерации, деиндустријализација и политичка апатија.

Суверенитетот се третира како пречка, не како вредност

Во либералниот бриселски дискурс, суверенитетот на малите држави одамна престана да биде вредност. Тој се третира како пречка што треба да се надмине во име на „поголемото добро“. За големите држави, суверенитетот е алатка; за малите – условна привилегија.
Македонија е учебникарски пример. Под знамето на европската интеграција, државата прифати промени што длабоко задираат во нејзиниот уставен, историски и идентитетски темел. Секој компромис беше оправдан како „последен“, секоја отстапка како „неопходна“. Резултатот е познат: формален напредок без суштинска сигурност и процес што може да се блокира во секој момент, од кој било центар на моќ.
Клучниот парадокс на либералната хегемонија е тоа што таа сè почесто функционира без демократија. Одлуките што суштински ја менуваат судбината на државите се носат надвор од нивните институции, а потоа се спуштаат како „единствена опција“. Јавната дебата се заменува со морална уцена: кој се спротивставува, е прогласен за назаден, опасен или „антиевропски“.
Во тој контекст, Украина е само најдраматичната верзија на истиот модел: држава охрабрена да оди докрај во конфликтот, со имплицитно ветување дека жртвата ќе биде наградена. Кога наградата исчезнува, останува само пустошот.

Крајот на илузијата

Со слабеењето на американската либерална интервенционистичка политика и со внатрешната криза на Европската Унија, станува јасно дека старата хегемонија повеќе не може да ги исполни своите ветувања. Но, наместо искрено преиспитување, Брисел продолжува да продава илузии – особено на периферијата.
За малите држави, ова е момент на опасност, но и на можност. Опасност – затоа што старите гаранции исчезнуваат. Можност – затоа што се отвора простор за враќање на основното прашање: што значи државен интерес, надвор од туѓи агенди?
Поуката е брутална, но јасна: ниту една голема сила, ниту еден сојуз, нема да го чува суверенитетот на мала држава повеќе отколку што таа самата е подготвена да го брани. Украина плати страшна цена за верување во туѓи ветувања. Балканот сè уште има време да извлече заклучоци.
Прашањето е дали ќе продолжи да живее во чекалницата на либералната хегемонија – или ќе почне да размислува како субјект, а не како проект. П.Р.


Македонија не е надвор од „украинскиот контекст“

Европската интеграција како систем на трајни уцени

 

Македонија можеби е најчистиот пример за тоа како функционира либералната хегемонија кон малите држави: не преку отворена сила, туку преку услови што постепено го празнат суверенитетот од содржина. Додека Украина ја плаќа цената во ровови и масовни гробници, Македонија ја плаќа во тивка, институционализирана ерозија на своето државно и национално јадро, а помошта од внатрешните велепредавници и квислинзи се разбира дека секојпат била добредојдена за хегемонистите.
Во македонскиот случај, европската перспектива никогаш не беше понуда, туку механизам за манипулација.

Знамето како почетна лекција

Првата лекција дојде рано: промена на државното знаме како предуслов за меѓународна „прифатливост“. Тоа беше јасен сигнал дека симболите на една мала држава не се нејзина внатрешна работа, туку предмет на надворешна арбитража. Наместо отпор, беше понудена приказна за прагматизам и нужност. Европската иднина повторно беше ветена – без рок, без гаранција.
Тоа не беше исклучок, туку преседан.

Името како валута

Со Преспанскиот договор, условувањето премина на повисоко, егзистенцијално ниво. Промената на уставното име беше претставена како „историски компромис“, како последна пречка на патот кон НАТО и ЕУ. Либералниот Брисел аплаудираше, западните медиуми зборуваа за храброст и визија, а македонското општество беше ставено пред лажна дилема: или иднина или идентитет.
Резултатот денес е очигледен. Името беше променето. Европската перспектива – повторно одложена.

Јазикот и идентитетот како предмет на преговори?!

Следната фаза ја надмина секоја претходна црвена линија. Под европско покровителство, прашања што во секоја суверена држава се неоспорни – идентитетот, јазикот, историското постоење – станаа предмет на билатерални преговори и услови за напредок.
Формулациите за „македонскиот јазик“, фуснотите, објаснувањата и „контекстите“ не се технички детали, туку политички пораки: дека признавањето не е целосно, дека е условно и ревизибилно. Либерална Европа, која декларативно се бори против национализам, дозволи еден народ да мора постојано да докажува дека постои. А врховното перемпторно право на самоидентификација?! Не, тоа не постои! Какви апсурди!

Уставот како следна монета за поткусурување

Притисокот за уставни измени е логичен продолжеток на истиот модел. Уставот, како највисок правен акт, се третира не како израз на суверената волја на граѓаните, туку како алатка за исполнување надворешни барања. Повторно, аргументот е ист: „Ова е последниот услов“.
Историјата, меѓутоа, го покажува спротивното. Во македонскиот европски процес не постои „последно“. Постојат само нови барања, нови толкувања и нови блокади.

Овој Брисел е без принципи!

Клучниот проблем не е само во конкретните уцени туку во принципот што стои зад нив. Европската Унија, која на хартија се темели на владеење на правото и еднаквост на државите, во пракса функционира хиерархиски. Големите држави ги штитат своите црвени линии; малите се охрабруваат да ги бришат своите.
Македонија не се судри со „Европа на вредности“, туку со Европа на интереси. И токму затоа сите отстапки не произведоа стабилност, туку постојана ранливост.
И така, по сите промени, компромиси и „храбри одлуки“, Македонија остана во чекалницата. Формално – кандидат. Суштински – условен субјект, чија иднина зависи од политичката клима во други престолнини.
Од оваа перспектива, станува јасно дека македонскиот случај не е неуспех на дипломатијата, туку успех на еден модел во кој либералната хегемонија го користи јазикот на интеграцијата за да го релативизира суверенитетот на малите држави.
Македонија денес стои пред суштинско прашање: дали ќе продолжи да постои како проект што треба постојано да се приспособува на туѓи услови или како држава што поставува граници на компромисот. Европската интеграција сама по себе не е проблем. Проблем е интеграцијата без достоинство, без гаранции и без крај.
Украина покажа што се случува кога ветувањата се земаат здраво за готово. Македонија сè уште има простор за избор. И да не се поставува веќе прашањето дали има политичка волја да го направи? Се разбира дека има! Сега треба да собереме храброст, одважност, смелост и… стратешки партнер(и). П.Р.