Фото: Архива

Поранешниот вицепремиер со свое видување за новото искричење на релацијата Атина – Скопје

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и професор Васко Наумовски смета дека самиот договор има нејасни одредби, кои не ѝ даваат ексклузивитет на грчката страна да го толкува само во нејзина полза.
– Доволно е да ги видиме изјавите на грчките власти за одбивање на ратификацијата на меморандумите, што е јасна обврска од договорот, а тука е и постојната патна сигнализација во Грција, која содржи анахрони термини. На македонска страна имплементацијата е предвремена, знаејќи дека внатрешната употреба треба да го следи отворањето на соодветните поглавја од преговорите со ЕУ. Ние досега немаме отворено ниту едно поглавје, што значи дека минатата власт избрза со имплементацијата. Доколку имплементацијата не е избрзана, што тогаш би се имплементирало во тој рок од пет години од отворањето на секое поглавје? Самиот договор има нејасни одредби што предизвикуваат дилеми од правен, историски и лингвистички карактер, што само ја потврдува перцепцијата дека беше склучен без да се имаат предвид последиците што ќе бидат предизвикани – вели тој.

Тој, во интервјуто за „Рес публика“, уште додава дека Грција е свесна оти раскинувањето на Преспанската спогодба не е во нејзин интерес и затоа ја притиска македонската страна да се придржува до неа.
– Доколку Грција донесе таква одлука (да поведе процес пред суд), ќе треба да се види кои ќе бидат нејзините аргументи. Има повеќе случаи на неспроведување на одредби од страна на Грција и нашите аргументи би се темелеле на тие состојби. Да не заборавиме дека ние поднесовме апликација пред Меѓународниот суд на правдата за непочитување на Привремената спогодба, нашите аргументи беа уважени, но состојбата во реалноста не се промени. Самите грчки политичари се свесни дека евентуалното укинување на договорот нема да значи враќање на Привремената спогодба од 1995 година каде што државата во рамките на ОН се именуваше со поранешната референца. Не сум сигурен дека ќе биде во нивна полза да се укине и Преспанскиот договор, со кој беше воведена додавката, и истовремено да не постои можност за враќање на референцата – истакнува Наумовски.

За него постапката на претседателката Гордана Силјановска-Давкова за време на давањето на свечената заклетва во никој случај не значи прекршување на спогодбата од Нивици.
– Таа, како професорка по уставно право и меѓународно признаена експертка за човекови права, се повика на правото на самоопределување и самоидентификација, истовремено заложувајќи се за официјална примена на Уставот. Самата заклетва е документ за исклучиво внатрешна употреба, односно може да се подведе под прописите што треба да бидат усогласени во рок од пет години од отворањето на соодветното поглавје од преговорите со ЕУ. Оттаму, сметам дека претседателката не направи никаква грешка – констатира Наумовски.

Поранешниот вицепремиер уште нагласува дека грчките закани нема да предизвикаат блокада на македонските евроинтеграции, имајќи предвид дека тие и претходно се блокирани.
– Македонскиот пат кон полноправно членство одамна е блокиран, долг период поради грчкото вето, потоа поради француското вето, а сега причината е кај соседна Бугарија. Европската Унија не успеа да најде начин да се оневозможат еднострани блокади на процесот на проширување, што резултираше со намален ентузијазам кај граѓаните од државите кандидати, како и пораст на евроскептицизмот. Реалноста е дека нашите евроинтеграции се веќе загрозени од страна на членките на ЕУ, поради што заканите за некакво ново вето од Грција немаат иста вредност каква што имаа пред 10 или 15 години – заклучува Наумовски. С.Т.